Економија

УСВОЕН НАЈНОВИОТ КВАРТАЛЕН ИЗВЕШТАЈ НА НАРОДНАТА БАНКА

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај.

Во Извештајот е одбележано дека монетарната поставеност е соодветна на постојните и проектираните економски и финансиски услови, при здрави економски основи и без присуство на нерамнотежи во економијата. Макроекономските показатели не отстапуваат значително од проектираната патека. Економската активност растеше и во третиот квартал од минатата година, а расположливите податоци за четвртиот квартал засега се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал. Годишниот раст на домашните цени во четвртиот квартал на 2019 година забави и беше под очекувањата од октомвриските проекции. За целата 2019 година, годишната стапка на инфлација изнесува 0,8% и не отстапува значително од октомвриската проекција од 1%.

Како што е наведено во Извештајот, последните расположливи податоци за билансот на плаќања не упатуваат на поголеми отстапувања кај тековните трансакции и тековите во финансиската сметка, во однос на проекциите. Податоците за четвртото тримесечје покажуваат натамошен раст на девизните резерви, којшто ги надмина очекувањата. Според сите показатели за адекватноста, резервите и натаму се во сигурната зона.

Во рамки на дискусијата на седницата беше нагласено дека продолжува растот на кредитната активност и на депозитната база на банките, што упатува на стабилни очекувања и зголемена доверба. Поконкретно, кредитниот раст, минатата година достигна 6%, додека растот на вкупните депозити изнесува 9,0%. Во извештајот е истакнато дека во следниот период се очекува дека депозитната база на банките и натаму ќе се зголемува, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст.

Како што беше нагласено при разгледувањето на Извештајот, ризиците од надворешното и домашното окружување и понатаму постојат, без позначајни промени во однос на октомвриските проекции. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.

На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

ПРЕПОРАЧАНО