Економија

ИНТЕГРАЦИЈАТА ВО ГЛОБАЛНИТЕ СИНЏИРИ МОЖЕ ДА ГО ЗГОЛЕМИ БДП ЗА 3 ДО 10 ПРОЦЕНТИ

Мирче Јовановски

Виена, 12 ноември 2019 година

Економија и бизнис на конференција во Виена за зголемување на растот во земјите од Западен Балкан

Северна Македонија, заедно со Србија и Црна Гора значајно ги зголеми врските со глобалните синџири од 2000 година до денес, пред се ако се има во предвид учеството во вкупниот извоз. Но, доколку како споредба се земе учеството во вкупниот БДП, овие земји се значително помалку поврзани со глобалните синџири во споредба со новите членки на ЕУ, кои пристапиле во унијата во 2004 година или подоцна, се наведува во извештајот на ММФ

Зголемувањето на извозот од земјите на Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово), може значајно да придонесе да се намали постојниот јаз во приходите со развиените европски економии. За таа цел е се потребни соодветни економски политики и спроведување структурни реформи. Ова се препорачува во извештајот “Зголемување на растот во Западен Балкан - улогата на глобалните синџири за снабдување и извозот на услуги”, изготвен од страна на експерти од Европскиот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, што се презентира денес во Виена. Фокусот во истражувањето се става на зајакнување на интеграцијата со глобалните синџири на снабдување, проширување на извозот на услуги и улогата на зголемениот увоз на капитални добра врз забрзување на економскиот раст.

- Во изминатите 25 години, извозот силно придонесе за зголемување на растот на БДП и за економска конвергенција во многу мали отворени економии. Сепак, регионот на Западен Балкан, кој се состои од мали економии во развој, не го искористи целосно овој двигател на растот и за намалување на јазот во приходите, посочуваат од ММФ. За ваквите состојби во земјите од Западен Балкан и за малата улога на трговијата и извозот во економските перформанси на регионот придонесоа недоволната отвореност на економиите, потпирањето на производи со ниска вредност и слабата конкурентност.


Од друга страна, искуството на земјите што влегоа во Европската унија во или по 2004 година покажува дека учеството во глобалните синџири на снабдување може да им помогне на малите економии да го забрзаат извозот и за раст на приходите. Земјите од ЗБ не се добро интегрирани во ваквите синџири, а истовремено трговијата во регионот е исто така ограничувачки фактор бидејќи има тенденција да биде билатерална, а не кластерска. Извозот на услуги, кој е сè поважен дел од глобалната трговија, останува ограничен на традиционалните сектори како што е туризмот во повеќето земји, додека потенцијалот во деловните и информатичката технологија, допрва треба да се истражува.

Северна Македонија, заедно со Србија и Црна Гора значајно ги зголеми врските со ваквите глобални синџири од 2000 година до денес, пред се ако се има во предвид учеството во вкупниот извоз. Но, доколку како споредба се земе учеството во вкупниот БДП, овие земји се значително помалку поврзани со глобалните синџири во споредба со новите членки на ЕУ, кои пристапиле во унијата во 2004 година или подоцна, се наведува во извештајот

- Извозот на стоки и услуги треба да стане мотор на зголемува на растот, се вели во препораките на извештајот. За таа цел, како што наведуваат од ММФ, потребно е да се унапреди извозот кон европските земји преку подобра интеграција во глобалните синџири на вредности, да се ​​прошири извозот на услуги и да се овозможи увозот (пред се на капитални добра) да продуцира поголем економски раст.
За да се интегрираат во глобалните синџири на снабдување и да ги искористат придобивките од таквата интеграција, земјите од Западен Балкан  ќе треба да ја подобрат инфраструктурата и работните вештини, како и да ги продлабочат договорите за трговија, се наведува во препораките на истражувањето.

Наодите во трудот покажуваат дека со зголемување на врските со глобалните синџири, земјите од ЗБ би можеле да го зголемат нивото на БДП за 3-10 проценти. Се разбира, интеграцијата во глобалните синџири бара странски инвестиции, за што, пак, се неопходни регулаторни реформи, подобрување на институциите и олеснување на инвестициите, но и подобрување во образованието.

Клучни фактори за успешно функционирање на фирмите во глобалните синџири се воспоставување на институции и стандарди за контрола на квалитетот, подобрување на управувањето и подобрување на работните вештини. Во трудот се повикуваат и на истражувањата на ОЕЦД и УНСЦАП каде што утврдиле дека нетарифните бариери, вклучително и недоволната транспарентност во правилата и регулативите, отсуството на шеми за преференцијален пристап до пазарот и недостаток на технички средства за усогласеност со стандардите, се меѓу поважните пречки за работењето на глобалните синџири на вредности. Според истите истражувања, политичката стабилност е со помала важност во однос на овие фактори.
Извештајот денес е тема на конференцијата што се одржува во Џоинт Виена институтот, во главниот град на Австрија, на која се зборува и за перспективите на приватниот сектор и за натамошните предизвици за земјите од Западен Балкан. Меѓу темите се и потребата од склучување продлабочени трговски договори, отстранување на нетарифните бариери, зголемување на вештините и подобрување на образованието, регионалната соработка и тн.

На конференцијата покрај домаќините од институтот и експертите од ММФ, учествуваат и претставници од земјите од регионот, сегашни и поранешни државни функционери, од државни институции, од невладиниот и од приватниот сектор.

ПРЕПОРАЧАНО