Финансии / Банкарство

ДАНОЧНА БУРА ЗА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ

Мирче Јовановски

Авторот е новинар

Многумина беа затечени од соопштението на УЈП од 11 јануари дека до 15 истиот месец граѓаните кои во текот на 2017 година оствариле над 1 милион денари промет од стопанска дејност (или околу 16 200 евра) треба да се пријават како даночни обврзници за данок на додадена вредност.
 

Кога во морето значајни информации, какви што во почетокот на годинава ги имаше на претек (преговорите за името, нов претседател на ВМРО ДПМНЕ, Законот за јазиците...), на површината исплива една вест за ДДВ која направи вистинска бура во јавноста и јасно беше дека не станува збор за здодевна тема, какви што вообичаено се оние за даноците. Многумина беа затечени од соопштението од Управата за јавни приходи од 11 јануари дека до 15 истиот месец граѓаните кои во текот на 2017 година оствариле над 1 милион денари промет од стопанска дејност (или околу 16 200 евра) треба да се пријават како даночни обврзници за данок на додадена вредност. Не е ни чудно бидејќи засега непознат број поединци наместо да плаќаат 10 отсто персонален данок на доход, за дел од „прометот“ ќе треба да издвојуваат 18 отсто за ДДВ. Нејаснотиите кој, всушност, е ДДВ обврзник, што се подразбира под самостојно вршење стопанска дејност, мешањето на поимите приходи и промет..., дополнително ја вжештија дебатата. За кулминација се погрижија партиите и политички и економски аналитичари со своите видувања „за“ и „против“ ваквата мерка.

ДИЛЕМАТА Е ДАЛИ ЕФЕКТОТ ОД МЕРКАТА НА КРАЈОТ ЌЕ БИДЕ СПОРЕД ОНАА „ЗА КИЛО МЕСО ДА СЕ ЗАКОЛЕ ЦЕЛ ВОЛ“ ИМАЈЌИ ГО ПРЕДВИД БРОЈОТ НА НЕЗАДОВОЛНИ ГРАЃАНИ НАСПРОТИ ОЧЕКУВАНИОТ МАЛ ИЗНОС НА СРЕДСТВА ШТО БИ СЕ СОБРАЛЕ ПО ОВОЈ ОСНОВ.

Даночните експерти со гордост велат дека данокот на додадена вредност е нашето огледало пред светот – единствен меѓу даноците кој целосно е усогласен со европските директиви и кој во изминативе 17-18 години колку што се применува никогаш не потфрлил во полнењето на државната каса. Од каде тогаш толку жестоки реакции за мерка која и не е нова – таа беше предвидена уште од самиот почеток на примената на овој данок – и граѓаните да се регистрираат како даночни обврзници за ДДВ, иако до пред година - две, кога прагот за пријавување се намали од 2 на еден милион денари, никој речиси и да не ја споменуваше. Дилемата исто така е и дали ефектот од мерката на крајот ќе биде според онаа „за кило месо да се заколе цел вол“ имајќи го предвид бројот на незадоволни граѓани наспроти очекуваниот мал износ на средства што би се собрале по овој основ. Апсурдот да биде поголем, партијата ВМРО ДПМНЕ во чиј мандат беше намален прагот за регистрација на 1 милион денари сега обвинува дека власта двојно ќе ги оданочува граѓаните (покрај персоналец и ДДВ), а социјалдемократите кои пред изборите ветуваа дека повторно ќе ја покачат границата на 2 милиони денари уверуваат дека со постојното решение се оданочуваат само најбогатите.

Граѓаните, пак, се целосно збунети – ним единствено како официјален патоказ им служи брошурата која е достапна на интернет-страницата на УЈП. Според објаснувањето кое таму се нуди „даночен обврзник за целите на ДДВ е секој самостојно активен економски субјект кој постојано или повремено врши исполнувања за надоместок“. Кој разбере, разбере. За волја на вистината, од УЈП појаснувааат дека „даночни обврзници можат да бидат правни и физички лица, како и здружување на лица кои трајно или повремено самостојно вршат стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност“.

Како објаснување за тоа што се смета за „постојаност и самостојност во вршење на стопанска дејност“ се вели дека како критериуми за постојаност се „планското повторување на одредена дејност, интензитетот на дејствување (вршење на повеќе од еден промет), учеството на пазарот како производител, трговец или вршител на услуги, водењето деловен локал, настапувањето спрема трети лица, додека за самостојноста - „кога истата се врши за своја сметка и на своја одговорност“. Уште се додава дека „како самостојна дејност не се смета дејноста на физичките лица кои поединечно или здружени се вработени во некое претпријатие и по тој основ примаат плата, им се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување и се обврзани да се повикуваат на упатствата на работодавачот“.


Тука се и појаснувањата дека „физичкото лице го задржува својството на вработено лице во случај на негово изнајмување врз основа на договор за изнајмување на работници и не станува даночен обврзник по основ на договор за дело или договор за вршење функција“, како и дека „активностите на професори и доценти во високошколски институции, службеници итн., кои се вршат покрај активностите утврдени со договор за вработување, начелно се самостојни активности“.
Во однос на приходите кои влегуваат во вкупниот промет што подлежи на оданочување со ДДВ од УЈП појаснуваат дека „влегуваат приходите остварени врз основа на вршење на стопанска дејност како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и сл.“.

По внимателното читање на брошурата (во која има и појаснувања за регистрацијата, даночната основа, враќањето на ДДВ и сл.) некому можеби ќе му биде јасно што треба да прави, но повеќето, па и оние кои се многу поупатени во даночната област сметаат дека за да ги разјаснат сите дилеми на граѓаните ќе им треба помош од даночен советник или сметководител.

Дел од даночните експерти велат дека мерката е добра и дека пријавувањето како даночни обврзници за ДДВ е позитивно. Некои се залагаат за укинување на каков било праг имајќи ги предвид позитивните страни на ДДВ кој е саморегулирачки, како и дека е подобро да се биде во одреден систем. Според овие толкувања ДДВ е „измислен данок да им служи на бизнисите“, како и дека граѓааните не треба да стравуваат од оваа обврска особено што не се однесува на личните примања од работен однос.

ВО ОДНОС НА ПРИХОДИТЕ КОИ ВЛЕГУВААТ ВО ВКУПНИОТ ПРОМЕТ ШТО ПОДЛЕЖИ НА ОДАНОЧУВАЊЕ СО ДДВ ОД УЈП ПОЈАСНУВААТ ДЕКА „ВЛЕГУВААТ ПРИХОДИТЕ ОСТВАРЕНИ ВРЗ ОСНОВА НА ВРШЕЊЕ НА СТОПАНСКА ДЕЈНОСТ КАКО ШТО СЕ ДЕЈНОСТИТЕ НА ВЕШТАЦИ И СТЕЧАЈНИ УПРАВНИЦИ, ПРИХОДИ ОД ЗЕМЈОДЕЛСКА ДЕЈНОСТ, ПРИХОДИТЕ ОСТВАРЕНИ ВРЗ ОСНОВА НА ДОГОВОР НА ДЕЛО, ПРИХОДИТЕ ОСТВАРЕНИ ОД ИЗДАВАЊЕ ПОД ЗАКУП НА ДЕЛОВЕН ПРОСТОР, ПРИХОДИТЕ ОСТВАРЕНИ ОД АВТОРСКИ ДОГОВОРИ И ПРАВА ОД ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ, ПРИХОДИТЕ ПО ОСНОВ НА ЧЛЕНУВАЊЕ ВО НАДЗОРЕН ОДБОР И СЛ.“.

Други сметааат дека целта на мерката е да се испеглаат ефектите од рамниот данок со кој поранешната власт многу се фалеше, но кој влијаеше за помали приходи.

„Симнувањето на прагот не е нешто што се случи одеднаш. Најнапред, при воведувањето беше 2 милиони денари за подоцна, во рамките на една од 25-те измени на Законот, да се намали на 1,3 милиони денари, а во 2014 година дополнително да се спушти на 1 милион денари. Тоа е еден од најниските прагови за ДДВ во регионот“, велат даночните експерти. Така, според нив, во Хрватска прагот за граѓаните како обврзници за ДДВ е 1 840 000 денари (што, ако се земат просечните примања таму, е прилично ниско), во Србија изнесува 4 милиони денари, а во Бугарија е 1,5 милиони денари.

Уште во март минатата година на трибина организирана од Асоцијацијата на економски истражувачи и од Центарот за даночна политика беа посочени многу од отворените прашања кои и сега се присутни во јавноста. Нејасно е зошто даночниците и покрај тогашните укажувања на експертите не го искористија периодот што претстоеше за подобро да ги запознаат граѓаните.

Инаку, колку понизок е прагот, толку е поголема можноста да се опфати поголем број даночни обврзници. За економистите е јасно дека интенцијата е во Буџетот да се обезбедат повеќе фискални приходи.
„Уште од воведувањето на ДДВ физичките лица беа сметани како можни, односно потенцијални ДДВ обврзници доколку се регистрирани за таа намена. Но, требаше да го достигнат прагот. Со намалување на овој износ практично се отвори можноста со оваа мерка да бидат опфатени повеќе физички лица“, вели даночен експерт.

За повеќето познавачи на даночната област воведувањето на мерката, особено при последното намалување на лимитот кој ја активира обврската граѓаните да се пријават како обврзници на ДДВ, проблематични беа неколку работи. Како прво, рушење на принципот на правна сигурност, кој е основен принцип во даночното право. „Кога започнувате нешто или преземате каква било активност, треба да знаете како ќе бидат оданочени вашите приходи. Ако примарна цел на УЈП било зголемување на приходите од ДДВ, тоа можело да се направи на поинаков начин. Ако интенцијата била да се исправат некои проблеми со рамниот данок, каде што даночната стапка е 10 отсто и за оној што остварува 15 милиони и за оној со 100 илјади денари приход, тоа исто така можело да се направи на поинаков начин“, велат дел од економистите.

За време на дебатата која ја водеа економистите минатата година беше посочено и дека е нарушен Уставот, односно забраната за ретроактивна примена на прописите. Притоа се имаше на ум дека измените беа донесени во септември 2014 година, а се однесуваа на приходите кои беа остварени во текот на целата година. „Ваквата практика може да предизвика неизвесност и страв кај населението дека истото тоа може да се направи и за други приходи. Тоа може да доведе до даночна евазија“, предупредуваа тогаш економистите.

„СИМНУВАЊЕТО НА ПРАГОТ НЕ Е НЕШТО ШТО СЕ СЛУЧИ ОДЕДНАШ. НАЈНАПРЕД, ПРИ ВОВЕДУВАЊЕТО БЕШЕ 2 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ПОДОЦНА, ВО РАМКИТЕ НА ЕДНА ОД 25-ТЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ, ДА СЕ НАМАЛИ НА 1,3 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, А ВО 2014 ГОДИНА ДОПОЛНИТЕЛНО ДА СЕ СПУШТИ НА 1 МИЛИОН ДЕНАРИ. ТОА Е ЕДЕН ОД НАЈНИСКИТЕ ПРАГОВИ ЗА ДДВ ВО РЕГИОНОТ“, ВЕЛАТ ДАНОЧНИТЕ ЕКСПЕРТИ. ТАКА, СПОРЕД НИВ, ВО ХРВАТСКА ПРАГОТ ЗА ГРАЃАНИТЕ КАКО ОБВРЗНИЦИ ЗА ДДВ Е 1 840 000 ДЕНАРИ (ШТО, АКО СЕ ЗЕМАТ ПРОСЕЧНИТЕ ПРИМАЊА ТАМУ, Е ПРИЛИЧНО НИСКО), ВО СРБИЈА ИЗНЕСУВА 4 МИЛИОНИ ДЕНАРИ, А ВО БУГАРИЈА Е 1,5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Иако сега тешко може да стане збор за ретроактивност, сепак познавачите сметаат дека се можни контра ефекти, па наместо поголеми приходи да се случи спротивното.

„Кај нас на работа покрај редовните обврски, пишувам и некои мои лични проекти. Сега кога ќе стигнам до 500/600 илјади приходи, можеби ќе почнам да склучувам авторски договори за наредната година. Се шегувам, но со ова сакам да ја илустрирам несигурноста која ќе се создаде кај граѓаните кои ќе бидат во дилема дали да склучат договор за дело или за авторски хонорар и сл. Најлошо ќе биде ако луѓето почнат да ги кријат приходите кои досега ги пријавуваа според персоналниот данок на доход, каде што се постигнаа значајни резултати во сузбивањето на даночната евазија. Тоа особено може да се случи со закупнините кои ќе ги имаме и на едно и на друго место зависно од прагот“, велат даночните експерти.
Од друга страна, непознавањето на даночните прописи не ги штити граѓаните, ниту пак ги ослободува од обврските. „Никому во УЈП не можете да се пожалите и да речете ’јас не знаев‘. Никој нема да ве ослободи од даночната обврска ако речете дека не сте знаеле дека треба да се регистрирате или дека се намалил прагот“, вели еден експерт.

Токму поради ова, според него, беше важно за оваа мерка да има соодветна подготовка. „Што правиме ако аконтациски секој месец плаќате персонален данок и наеднаш во средината на октомври стигнете до 950 илјади денари, дали да трчате во УЈП да се регистрирате како ДДВ обврзник за следните три години, а веќе во првите 6 месеци од наредната година закупецот ви откаже и немате никакви приходи“, прашува тој.
Според објаснувањето кое го дава УЈП во брошурата „сите даночни обврзници-физички лица кои вршат стопанска дејност оданочива за целите на ДДВ, а во претходната календарска година (2017) оствариле вкупен промет над 1 000 000 денари имаат обврска да се регистрираат за целите на ДДВ најдоцна до 15 јануари 2018 година. Обврска за задолжителна регистрација за целите на ДДВ имаат и даночните обврзници-физички лица кои во текот на 2018 година ќе остварат вкупен промет над 1 000 000 денари од вршење на стопанска дејност оданочива за целите на ДДВ и тоа до 15 во месецот кој следува по месецот кога е остварен прометот“.

КАКО И ДА Е, НЕПОДЕЛЕНО Е МИСЛЕЊЕТО ДЕКА ЗА ДА „ПЛИВААТ“ ВО БУРНИТЕ ДАНОЧНИ ВОДИ ПОВЕЌЕТО ГРАЃАНИ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ „НАОРУЖАААТ“ СО ДОБРА СМЕТКОВОДСТВЕНА ПРОГРАМА И ПОСТОЈАНО ДА СЛЕДАТ ДАЛИ ЌЕ ГО ДОСТИГНАТ ПРАГОТ И КОГА ТОА ЌЕ СЕ СЛУЧИ

Сепак дилемата е што кога приходите ќе паднат под овој праг бидејќи многу од приходите кои се опфатени со оваа мерка се прилично несигурни, како на пример хонорарите, договорите за дело или пак закупнините. Уште повеќе што многу од договорите за дело всушност се замена за работни договори, па многумина се прашуваат што во овој случај, дали да се регистрираат како ДДВ обврзници или пак не.

Во Хрватска, како што посочуваат од агенциите што даваат даночни услуги, велат дека ваквото разграничување е многу појасно. Така таму се смета дека даночниот обврзник ги врши работите самостојно ако тоа го прави за своја сметка и на сопствена одговорност, односно ризик. За разграничување на самостојна или несамостојна дејност битни се обележјата на работниот ангажман, па самостојност не постои во случај на вработените и други лица поврзани со работодавачот, појаснуваат тие.

„Предмет на регистрација не треба да бидат вработените ако нивниот ангажман го договара нивниот работодавец. Не е исто универзитетски професор да учествува во проект што го договорил факултетот или ако самиот се јавил на тендер за консултант или за обучувач и самиот склучил договор со нарачателот. Во вториов случај станува збор за самостојно вршење дејност и треба да се влезе во системот на ДДВ“, велат познавачите.
Како и да е, неподелено е мислењето дека за да „пливаат“ во бурните даночни води повеќето граѓани ќе треба да се „наоружааат“ со добра сметководствена програма и постојано да следат дали ќе го достигнат прагот и кога тоа ќе се случи.
Тоа го наметнува и прашањето за вкупните трошоци кои ќе ги има и државата, но и даночните обврзници. Или, како што коментира еден од добрите познавачи на даночната проблематика, да ги оставиме на страна трошоците на државата. Трошоците на даночните обврзници се големи. Некој кој во животот не пополнил даночна пријава сега ќе треба да плати некому што знае тоа да го направи, а тоа може да чини 50 евра месечно или повеќе. Пресметајте колку тоа ќе изнесува на годишно ниво, можеби и повеќе од она што ќе треба да го плати на државата.

ПРЕПОРАЧАНО