Финансии / Банкарство

ДЕЛОВНА ТАЈНА

Никола Главинче

Авторот е адвокат

Анализата на односот меѓу трговските друштва и односот меѓу работодавачот и работникот сѐ почесто се задржува на прашањето за деловните тајни и нивната заштита. Без да навлегуваме во теоретски полемики и заклучоци за местото и улогата на ова прашање, во оваа прилика пренесуваме дел од законските акценти кои имаат битно значење во работата на модерната компанија. Деловната тајна посебно е важна за малите и за средните претпријатија бидејќи со заштитата на тајната се заштитува и евентуалната размена и преминување на информации, истражувања од едно во друго трговско друштво, а со тоа се спречува можноста имателот на деловната тајна да ја загуби својата препознатливост и перспективата.
Како деловна тајна се третираат повеќе видови доверливи информации кои имаат посебно значење за оние кои ги поседуваат. Овој вид информации можат да се однесуваат на финансиите, техничката поддршка, економската политика, формули, дизајни, цртежи, проекти, кодови и сл. Како деловни тајни се сметаат и листи на клиенти, листи на деловни партнери, бизнис-планови, маркетинг планови, планови за извоз и сл. Постојат повеќе критериуми од чие постоење зависи дефинирањето на деловната тајна. Неспорно е дека таа информација треба да е тајна, што значи дека не смее таа да биде општо позната, информацијата да има определена комерцијална вредност и таквата информација да биде соодветно заштитена со определен акт, односно одлука.
Во Република Македонија не постои посебен закон за заштита на деловна тајна или закон за заштита на податоците. Затоа со деловната тајна се занимава Законот за работните односи каде што во чл. 35 е предвидено дека работникот не смее да ги искористи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавачот, кои како такви со посебен акт ќе ги определи работодавачот и кои му биле доверени на работникот или со кои бил запознат на друг начин. Работникот е одговорен за издавање на деловна тајна ако знаел или би морал да знае за таквото својство на податоците. Законот воведува обврска на секој работник кој доаѓа во контакт со материјали, со информации и со податоци кои се класификувани да ја чува нивната тајна. Претставниците на работниците и сите експерти што им помагаат не смеат на работниците или на трети страни да им откриваат какви било информации кои се од деловен интерес на работодавачот, а кои јасно им биле кажани во доверба. Оваа обврска продолжува да важи и по завршувањето на нивниот мандат. Во одредени случаи и според условите и ограничувањата утврдени со закон може да се утврди дека работодавачот не е обврзан да пренесе информации или да се консултира кога природата на тие информации или консултации е таква што според објективни критериуми сериозно би го нарушила или би го довела во прашање функционирањето на работодавачот.
Во согласност со чл. 82 од Законот за работните односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со Законот за работни односи или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, меѓу другото и ако работникот одаде деловна, службена или државна тајна.

ЗАРАДИ ДОПОЛНИТЕЛНА ПРОМОЦИЈА И ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ЗНАЧЕЊЕТО И ЗАШТИТАТА НА ДЕЛОВНАТА ТАЈНА ПОВОЛНО Е ДА СЕ РАЗМИСЛУВА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ПОСЕБЕН (ЛЕКС СПЕЦИЈАЛИС (LEX SPECIALIS)) ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЛОВНА ТАЈНА, ПОСЕБНО ПО ДОНЕСУВАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА ДИРЕКТИВА СО КОЈА СЕ ОЧЕКУВА ВО ЕВРОПА ДА СЕ ИЗЕДНАЧАТ ПРАВИЛАТА И ЗАКОНСКИТЕ РЕШЕНИЈА КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА ДЕЛОВНАТА ТАЈНА

Одавањето и неовластеното прибавување на деловна тајна своја заштита наоѓа и во кривичното право. Во согласност со чл. 281 од Кривичниот законик на Република Македонија, тој што на неповикано лице ќе му соопшти, ќе му предаде или на друг начин ќе му ги направи достапни податоците што со закон се прогласени за деловна тајна, како и тој што прибавува вакви податоци со намера да ги предаде на неповикано лице, ќе се казни со затвор од една до пет години. Тој што на неповикано лице ќе му соопшти, ќе му предаде или на друг начин ќе му ги направи достапни податоците што со пропис или со одлука на надлежен орган на управување се прогласени за деловна тајна, ако одавањето на овие податоци предизвикало или можело да предизвика потешки штетни последици, како и тој што прибавува вакви податоци со намера да ги предаде на неповикано лице, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Ако податоците се од особена важност или ако одавањето, односно прибавувањето на податоците е извршено заради нивно изнесување во странство, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Освен за односите меѓу работодавачот и работникот, деловната тајна свое значење има и во односите меѓу трговските друштва. Во согласност со чл. 22 од Законот за облигационите односи, ако едната страна, во текот на преговорите ѝ дала на другата класификувани или доверливи информации или ѝ овозможила да дојде до нив, другата страна, освен ако поинаку не е договорено или уредено со закон, не смее да ги направи достапни на трети лица, ниту да ги користи за свои интереси, без разлика дали подоцна договорот е склучен или не. Класификацијата на информациите, нивната заштита, како и обврските и одговорностите на создавачите на класификувани информации се врши во согласност со закон. Кои информации се сметаат за доверливи во трговската практика и работење се уредува со општ акт на правното лице.
Заштита на деловната тајна пропишуваат и бројни меѓународни акти, меѓу кои и оној на Европската Унија, односно Директивата на ЕУ 2016/943 за заштита на неоткриени знаења и искуства и трговски информации (деловни тајни) од незаконско прибавување, користење и употреба (Directive (EU) 2016/943 of the European Parliament and of the Council of 8 June 2016 on the protection of undisclosed know - how and business information (trade secrets) against their unlawful acquisition, use and disclosure).
Имателите на деловни тајни најчесто самите интерно определуваат што е тоа деловна тајна и изградуваат начини за заштита на тајните, вообичаено преку нивно внесување во интерните акти на трговското друштво како што се договорот или статутот или посебен акт на друштвото. Внесувањето и уредувањето на деловните тајни е битно и од аспект на Законот и неговата примена. Во таа насока е и сентенцата на Врховниот суд на Република Македонија Рев. 3 бр. 239/2014 од 14.10.2015 г. според која „Не постои повреда на работниот ред и дисциплина со неовластено соопштување на деловна тајна доколку претходно работодавачот во посебен акт не определил кои факти, исправи, податоци и документи се прогласени за деловна тајна“.
Заради дополнителна промоција и зајакнување на значењето и заштитата на деловната тајна поволно е да се размислува за донесување на посебен (лекс специјалис (lex specialis)) закон за заштита на деловна тајна, посебно по донесување на европската директива со која се очекува во Европа да се изедначат правилата и законските решенија кои се однесуваат на деловната тајна.

ПРЕПОРАЧАНО