Финансии / Банкарство

Што очекувате од 2018 година? Иван Штериев: 2018 ГОДИНА МОЖЕ ДА БИДЕ ГОДИНА НА КРАЈНОСТИ

Главен извршен директор на Македонска берза

Новата 2018 година, гледано економски, и на домашен и на меѓународен план може да биде година на крајности. Прашањето, секако, е дали развојот на настаните ќе биде позитивен или негативен, a тоа, меѓу другото, ќе биде под силно влијание на политичките случувања. Домашните економски текови во голем дел ќе бидат рефлексија на првата целосна година на спроведување на најавените политики на новата влада – буџетски, фискални, развојни и кадровски. По подолго време би требало да имаме една неизборна календарска година. Ќе видиме што ќе произлезе од „подгреаните“ очекувања за брз пробив во нашиот сложен евроатлантски интегративен процес. Сето ова ќе има одлучувачко влијание на нивото на оптимизам, на инвестициските можности, на подготвеноста за прифаќање ризици и на новите деловни потфати. Банките внимателно ќе следат што се случува и дома и надвор и во зависност од тоа ќе го димензионираат обемот на кредитирање и нивото на каматните стапки. Берзанското тргување, исто така, соодветно ќе реагира. Позитивните прогнози за продолжување на растот на глобалната економија ќе зависат од низа фактори, почнувајќи од политичките настани преку случувањата во големите економии во развој до потезите на главните централни банки и евентуалните ценовни промени на најважните светски берзи.

ПРЕПОРАЧАНО