Финансии / Банкарство

ЈОЗМА (YOZMA) - ИЗРАЕЛСКИ ПРОЕКТ ЗА ПОВОЛЕН МАКРОЕКОНОМСКИ АМБИЕНТ

Дејан Јанчевски

Авторот е економски истражувач

Кога зборуваме за воспоставување поволен макроекономски модел пред сѐ се мисли на креирање содветна монетарна политика која во координација со фискалната политика ќе придонесe за одржлив развој на една држава. Начинот на кој овие две политики ќе бидат поставени најчесто е дискрециска одлука на владите кога станува збор за фискалната политика и централната банка кога станува збор за монетарната политика. Нивниот микс треба да биде во позитивна корелација, иако нивната „автономност“ не го гарантира тоа.

Израел често се споменува како држава од која останатите се обидуваат да научат како да го пресликаат нивниот модел за привлекување странски директни инвестиции (СДИ), кои промени треба да се направат за да се осигури развој на земјата и како да се постават клучните политики. Израел од сиромашна земја, со многу мали природни богатства и со неразвиена производствена економија, стана една од водечките стартап нации со висок степен на иновативност и претприемништво.
Ако правиме генеза на нивната трансформација, клучен фактор е нивниот став кон образованието кој се пренесува од генерација на генерација, а тоа е дека мора да бидат високообразовани личности со критичен став и да размислуваат како да отворат работни места, а не да бидат вработени. Нивниот напредок се темели на финансирањето на државата во истражување и развој на нови технолошки решенија и создавање високо технолошки производи. Кај нив креирањето поволен макроекономски модел се одвива преку активирање на човечкиот потенцијал со посредство на активна фискална политика и стабилизациска, но пред сѐ развојна монетарна политика.

Во насока на горенаведениве параметри, во Израел е формиран фонд со име ЈОЗМА (YOZMA) кој има цел привлекување инвеститори од сите страни на светот со цел групирање на слободниот капитал кој ќе биде вложен во отворање нови индустриски капацитети. Фондот е замислен да функционира како партнерство меѓу државата и инвеститорите со тоа што државата има улога на катализатор. Таа го дели истиот ризик со инвеститорите, ги помага низ сите процеси и на крај кога компаниите ќе застанат на „здрави нозе“ државата го продава својот удел, најчесто по дисконтни цени. Откако ќе се оствари првичната цел, државата ја напушта својата улога на пазарен актер и се враќа во примарната фаза, како креатор на макроекономски амбиент.

За помагање на проектот ЈОЗМА (YOZMA) беше формирано владино тело со назив Офис оф д чиф сајнтист (Office of the chief scientist). Преку него, во рок од 5 години, се формираа 10 фондови во кои беа акумулирани над 200 милиони американски долари. Битен податок е тоа што сите овие фондови се приватизирани и сега раководат со капитал од 3 милијарди американски долари со чија помош се отворени над 100 нови компании како гринфилд инвестиции. Првата компанија која инвестираше е Сименс (Siemens), додека првиот ЈОЗМА (YOZMA) фонд е склучен меѓу израелската банка Дискаунт Израели корпорејшн (Discount Israeli Corporation) и најдобрата бостонска инвестициска компанија Адвент венчр партнерс (Advent Venture Partners). Со вака поставени параметри Израел постигна фантастични бројки (во согласност со последните податоци за 2016/2017 година): БДП достигна ниво од 317,7 милијарди долари, нивото на невработеност се спушти до 4,9 %, што е во близина со природната стапка на невработеност, вкупниот извоз изнесува 62,5 милијарди американски долари, додека странските девизни резерви достигнаа ниво од 103 милијарди американски долари. Според географската дисперзија, главни трговски партнери на Израел се САД (29,9 %), Азија (27,7 %) и ЕУ (25,1 %). Определбата за производство на висока технологија доведе до тоа извозот од овој сектор да се зголеми за повеќе од 100 % во последниве 10 години, што придонесе да се оствари раст на реалниот БДП за 2,5%.

Поради тоа што целокупниот макроекономски амбиент беше насочен кон создавање услови за привлекување инвестиции во технолошката индустрија, Израел се соочи со стагнација во другите сектори, пред сѐ примарното земјоделство. Излезот од таквата состојба беше започнување структурни реформи. Притоа беа намалени платите во јавниот сектор и беа отпуштени 4 000 непродуктивни административци. Ослободените средства беа пренасочени кон реалниот сектор со што за неколку години ефектот беше зголемено домашно производство, намален увоз на земјоделски производи и на крај сето тоа резултираше со позитивен ефект врз нето извозната позиција на земјата. За успешно функционирање на целокупниот проект имаа удел и правната и регулаторната рамка, активниот мониторинг и следењето на постигнатите резултати, како и високото ниво на транспарентност преку јавно објавување на извештаите за напредок. Сето ова заедно придонесе за намалени бариери при склучувањето на билатералните и на мултиратералните договори со странските партнери.

На крај, каде е Македонија кога би направиле компарација со Израел? Иако речиси сите влади се залагале за привлекување странски директни инвестиции, сепак резултатите не се баш „розови“. Има неколку работи кои треба да ги научиме и кои можеме да ги примениме кај нас. Пред сѐ, потребна е национална стратегија преку која ќе се одбере индустрија во која Македонија има иднина и предиспозиции за раст и таа да биде стожерот за кој ќе се води кампања за привлекување странски инвестиции. Второ, формирање инвестициски фондови е нешто што е неминовно и тоа по примерот на Израел, со директни субвенции во фондовите и да се напушти досегашната практика на субвенционирање по принципот „гласај – земај“. Трето, кога станува збор за фискалната политика мора да се редуцираат двојните аршини кои важат за странските и домашните инвеститори, како и повнимателно поставување на даночните стапки. И последно, кај монетарната политика поставените цели и активните инструменти за остварување на ценовна стабилност ќе мора да се модификуваат и да бидат во насока на избегнување на краудинг аут (crowding out) ефектот, а можеби токму сега е вистинското време централната банка да биде малку „поризична“ во своите постапки и да ги следи светските примери на функционирање. Тука пред сѐ мислам за напуштање на стратегијата на фиксен девизен курс и определба за некоја „побизнис“ варијанта бидејќи на Македонија секогаш ќе ѝ треба стабилност.

ПРЕПОРАЧАНО