Финансии / Банкарство

ЗАПОЧНА 6-ТИОТ ГОДИШЕН САМИТ100 ЗА БИЗНИС ЛИДЕРИ ОД ЈИЕ

Скопје домаќин на највлијателните бизнис лидери од Југоисточна Европа

Во присуство на повеќе од 100 еминентни бизнис лидери од Македонија и регионот и специјални гости од меѓународни финансиски институции, денес г-дин Живко Мукаетов, Генерален директор на „Алкалоид“, кој воедно е и Претседател на Управниот одбор на САМИТ100, го отвори најголемиот бизнис собир на овие простори – 6-тиот годишен САМИТ100 за Бизнис лидери од Југоисточна Европа.

Темата на овогодинешното издание на САМИТ100 е „Поврзување“, и тоа во неколку клучни области, како инфраструктура, транспорт, енергетика, дигитализација, брендирање на регионот, овозможување слободно движење на стоките и услугите, но и поголем степен на мобилност на работната сила.

Во своето воведно обраќање г. Живко Мукаетов пред присутните говореше како САМИТ100 прерасна во водечка регионална бизнис платформа и кои се следните очекувања, а се наврати и на претходните изданија на САМИТ100, како и на резултатите и клучните проекти кои произлегле од нив.

„Фокусот на Самит100 во Скопје, како и секоја година, ќе остане на регионалната соработка. За полесен пристап до нови пазари, на компаниите им е потребно здружување, а Самит100 е одлична иницијатива за постигнување на овие цели. Истовремено, Самит100 е силна платформа за структурирање на развојни програми кои би го приближиле регионот чекор понапред во исполнувањето на мисијата за градење на моќна бизнис заедница која би била генератор на поголем економски раст. Ние во Самит100 сме уверени дека само преку интензивирање на регионалната соработка и градење синергии меѓу компаниите, би ја подигнале конкурентноста на економиите, на нашите фирми би им овозможиле полесен пристап до нови пазари, а за странските инвеститори, како унифициран пазар би биле далеку попримамливи.“, рече г. Живко Мукаетов на отворањето на САМИТ100.

САМИТ100 понатаму продолжи со најавеното специјално обраќање на Виолета Булц, Еврокомесар за транспорт, по што следеше дискусија модерирана од Изток Селјак, координатор на „Едисон“ и потпретседател на Управен Одбор на САМИТ100.

Еврокомесарката ја потенцираше долгорочната традиција која таа ја има со САМИТ100, почнувајќи уште од првиот ден на оваа бизнис иницијативаи истакна дека од година в година е сè поубедена дека САМИТ100 станува исклучително важна платформа за регионална интеграција.

„Сите земји-членки на ЕУ бележат економски раст, Унија излезе од кризата и денес е најголемата економија во светот. Многу добра порака за младите луѓе е тоа штоневработеноста во Унијата опаѓа исакаме да ја споделиме оваа добра вест со нашите партнери во Западен Балкан, каде што се случуваат позитивни трендови“, потенцираше Булц.

Таа ги повика земјите во регионот да го искористат позитивниот момент и што побрзо да ги направат неопходните реформи и да се приближат до полноправно членство во Европската унија.

Според нејзините зборови, меѓусебната соработка и взаемната поддршка на земјите од регионот е клучна за овој пат.

По обраќањето на г-ѓа Булц, се очекува обраќање на Д-р Александар Котуц, раководител на Одделот за управување со проекти за BMW i, кој ќе зборува на тема „Мотивација за електрификација или што ни претстои“, по што најавена е пленарна панел-сесија насловена „Е-начин на размислување за растот на електрификацијата врз основа на меѓусебно поврзување“ и специјално воведно обраќање од Давот Тремац,„Uber“, за тоа на кој начин споделувањето значи грижа, односно инспирација со глобална димензија.

На следната сесија панелистите ќе дискутираат како сонот на САМИТ100 да стане реалност, алудирајќи на слободен товарен транспорт во регионот, а додека на последната сесија, закажана за од 17 часот, темата е „Од Берлин преку Виена, Париз и Трст, до просперитетна реалност или како идеите и проектите да функционираат во практиката во рамките на регионот преку Берлинскиот процес“, кога ќе биде потпишан и Меморандум за разбирање за меѓусебна соработка меѓу САМИТ100 и „WB6 CIF“.

За вториот ден на САМИТ100 закажани се 5 креативни работилници посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, брендирање на производите од секторот храна и пијалаци,како и дигиталната агендаи туризам, а предвидена е и пленарна презентација на идеите за регионална соработка пред политичките лидери од регионот.

ПРЕПОРАЧАНО