Финансии / Банкарство

Електронски наместо физички пари – модерно решение за модерни времиња

Павле Гацов

ЕДНА СИСТЕМСКА МЕРКА ОД ОБЛАСТА НА ФИНАНСИИТЕ КОЈА МОЖЕ ДА ГО ПОДОБРИ ВКУПНИОТ ОПШТЕСТВЕНО-ЕКОНОМСКИ АМБИЕНТ И ДА ЈА ОГРАНИЧИ КОРУПЦИЈАТА

Македонија мора да се збогува со физичките / материјалните пари

Историјата на монетарните финансии познава разни модели на пари што биле користени во различни општествено-економски услови и во соодветни степени на развој на општеството. Парите како разменско средство имаат примарна улога да ја олеснат размената, да го прекинат сложениот синџир на размена добро за добро, услуга за услуга, односно добро за услуга, и обратно. Ваквиот прекин фактички ја олеснува размената и овозможува чување на парите како разменско средство и ја овозможува одложената размена. Монетарните економисти добро знаат дека по напуштањето на трампата како режим на размена се користени разни форми на посебни природни добра во улога на пари: природни добра (познатите камења на островот Борнео, солта како разменско средство), златото и среброто. Потоа следуваат сурогати на реалните благородни метали во форма на сертификати за поседувано злато, па банкноти и монети со целосно златно покритие, но и потврди без реално покритие, сѐ до денешните пари кои имаат државна номинирана вредност и кои освен физичка форма најчесто имаат дигитален облик во форма на трансакциски или дигитални пари. Денешните пари немаат сопствена вредност, нивната вредност е номинирана од државата. Затоа и секоја национална валута ја врши својата функција, пред сѐ, во границите на сопствената држава, а надвор од неа само по исклучок и под услов да се работи за меѓународно прифатена валута.

Пред  неколку години токму на страниците на ова списание ја афирмирав потребата од целосно дигитализирање на парите, нагласувајќи ги позитивностите од ваквиот модерен монетарен режим. Да се разбереме, афирмацијата на овој модел не се однесува на т. н. коини (тие не се предмет на анализа на овој текст), туку на целосната замена на физичките пари во оптек (денари) со електронски пари (е-денари) издадени во согласност со монетарната политика на Народната банка и целосно контролирани од монетарната власт. Да илустрираме дека за секоја трансакција направена по електронски пат, деловната банка од сметката на субјектот кој плаќа ќе пренесе соодветен износ на е-денари во корист на деловната банка во која има сметка субјектот-доверител. Вакво плаќање нема да биде можно ако должникот не поседува доволен износ на денари на својата сметка во деловна банка (или друга депозитна институција). Дигиталните пари ги поседуваат само оние кои ги заработиле, односно ги позајмиле. Единствен нивен емитент е Централната банка.

Евентуалната национална стратегија за целосна замена на физичките пари со електронски денари треба да вклучи прецизен план за постепено издавање на дебитни/кредитни/бизнис/платежни картички на субјектите кои не поседуваат, потоа обезбедување на POS терминали за наплата кај сите субјекти кои вршат наплата, како и издавање на е-ваучери за странци кои на краток рок би претстојувале, односно би ја поминувале Македонија доколку, се разбира, самите не поседуваат некаква форма на платежна картичка.

Со зголемувањето на бројот на платежните картички и обемот на трансакциско плаќање, потоа со масовното користење на е-банкингот, ваквиот процес на дигитализирање на парите (денарите) кај нас станува неповратен. Овде ќе го споменеме во насока на поврзана поддршка на овој процес и извршеното GPRS на фискалната опрема (следење на издавањето на фискални сметки од страна на УЈП во реално време), иако чинот на плаќање во ваков случај не е задолжително електронски.

Во непосредното минато се чини дека Македонија испушти можност да го забрза овој процес уште со отворањето на проектот „Национална платежна картичка“ кој, за жал, од познати причини не го издржа тестот на времето.

Според ЕУ директивата, под електронски пари се подразбира монетарната вредност изразена онака како што е декларирана од страна на издавачот и која е:

- складирана на електронски уред,

- издадена со прием на средства на износ не помал од износот на монетарната вредност која е издадена и

- прифатлива е како средство за плаќање кон трети страни различни од издавачот.

ЗА ЗЕМЈИТЕ ВО ТРАНЗИЦИЈА СО ВИСОК СТЕПЕН НА КОРУПЦИЈА ПОНИШТЕНАТА АНОНИМНОСТ НА ПАРИТЕ МНОГУ БРЗО И СО ВИСОК ПРОЦЕНТ ЌЕ ВЛИЈАЕ НА НАМАЛУВАЊЕТО НА КОРУПЦИЈАТА

Дематеријализирањето на националната валута денар главен предуслов за елиминирање на даночната евазија и значајно намалување на сивата економија

Главен предуслов за елиминирање на даночната евазија и на сивата економија е дематеријализирање на парите и оставање во оптек само на електронските пари. Повторуваме дека не станува збор за меѓународни дигитални пари, туку за официјалната македонска валута денар која повеќе нема да постои во физичка форма. Според авторот овој режим целосно ќе ја елиминира можноста за даночна евазија и значително ќе влијае на намалување на корупцијата. Извршеното плаќање/наплата со дигитални денари истовремено се регистрира на две сметки, а ако се работи за некаква форма на оданочив промет/приход ова плаќање се евидентира и преку фискалната опрема. Постои ризик плаќањето за промет извршен од фирмата наместо на сметката на компанијата да биде извршено со е-денари на сметката на сопственикот. Ваквата злоупотреба ќе покаже зголемен приход во корист на сметката на граѓанинот-сопственик на фирмата кој, секако, треба да биде докажан и лесен за проверка од страна на надлежните органи.

Дигиталните пари ќе ја наметнат потребата од воведување читачи на платежни картички до последното продажно место на кое порано постоела можност за плаќање во готово.

Експлоатациските заштеди, поголемата сигурност при користењето на електронските пари, потоа оставањето траги за секоја форма на исплата и наплата и демотивација на коруптивните актери (трагите на дигиталниот запис и при бришење може да се вратат), но уште повеќе, елиминацијата на сивата економија и зголемените буџетски приходи ќе бидат голем бенефит кој ќе ги оправда сите напори и потрошени средства за целосното воведување на дигиталните пари како замена за физичките.

Според еден напис (од 2014 година), Норвешка до 2020 година би можела во целост да престане да користи пари во готово. Пред две години во оваа земја кешот се користел само во пет отсто од трансакциите, а водечката норвешка финансиска корпорација Финанс Норге (Finans Norge) смета дека оваа нордиска земја до 2020 година треба да го „искорени“ користењето на готовите пари.

Повторуваме дека електронските, односно дигиталните пари се паричен сурогат, односно и овие пари мора да се заработат и да легнат на сметката на сопственикот за да можат понатаму да се трошат. Се разбира, во игра е стекнувањето на електронски пари и преку режимот на задолжување. Со еден збор – е-денарите целосно ги покриваат сите својства на „обичните“ пари: разменско средство, средство за депонирање на вишокот пари...

Сепак дигиталните пари имаат и едно „лошо“ својство – ја поништуваат анонимноста. Но, дали ова својство е навистина лошо? За земјите во транзиција со висок степен на корупција поништената анонимност на парите многу брзо и со висок процент ќе влијае на намалувањето на корупцијата. Оние кои ќе се обидат да го проверат ова тврдење многу брзо ќе се најдат пред некаква форма на легални непријатности.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано