Финансии / Банкарство
МИСТЕРИОЗЕН КЛИЕНТ ВО МАКЕДОНИЈА
Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор
Овој профил кај нас е малку познат, иако е корисен за компаниите кои посветуваат внимание на својот имиџ и сакаат да имаат константно добри резултати во продажбата. Кај нас постојат неколку агенции, но покрај тоа разговарав и со сопственици на бутици на странски брендови во Скопје, кои знаат дека во кое било време може да се појави скриен клиент, испратен од брендот кој го продаваат. За тоа како се одвиваат работите кај нас, разговарав со Калина.
Калина, мистериозен клиент
.jpg)
Во полето на маркетингот започнав да работам пред десетина години. Во контекст на таинственото купување, како специјалист по маркетинг и ПР во една македонска консултантска фирма, имав можност да го применам во пракса она што го учевме во книгите и на часовите. Можам да кажам дека, можеби посрамежливо, но сепак како алатка и метода за проверка на квалитетот на услугата мистери шопинг уште тогаш се применуваше и на македонскиот пазар.
Во моето досегашно работно искуство имав можност да бидам и нарачател на таинствена мисија. Методата ја користев при истражување на пазарот за различни клиенти, од оние кои се во прехранбената индустрија, па сѐ до проверка на услугата во банкарскиот сектор. Резултатите беа обилни и многу корисни за разбирање на квалитетот на услугата од секој аспект ‒ точките во кои се создава квалитет и точките во кои тој се губи.
Во една прилика бев повикана да бидам таен купувач, потребно беше да се провери услугата на една од банките на нашиот пазар. Најпрво бев брифирана за начините на кои таинственото купување треба да се реализира, а потоа во точно наведеното време заминав во реализирање на мисијата. Морам да признаам дека имав многу трема, дури бев и сигурна дека „ќе ме намирисаат“. Но, во моментот кога седнав на столчето во улога на клиент се убедив себеси дека мене тој производ навистина ми е потребен... неопходен! Тоа ми помогна разговорот да биде пријателски, непосреден, а сепак во меѓувреме успеав да ги забележам сите потребни работи што се бараа од мене како таинствен купувач. Ова беше интересно искуство за мене и всушност сметам дека секој што активно работи во полето на маркетингот и истражувањето на пазарот потребно е барем еднаш да се постави во позиција на таинствен купувач или да речам таен анкетар. Искуството „на сопствена кожа“ дефинитивно дава можност за пореално разбирање на процесот и со тоа поуспешни резултати во идните истражувања.