Финансии / Банкарство
СЛАДОК ДАНОК
Владимир Димковски
Владимир Димковски
Денот на дијабетесот (7 април), гласната дискусија што резултираше со воведување нов „данок на шеќер“ во Велика Британија и две одделни објави во нашава земја поврзани со храна, се инспирацијата за текстот подолу што е посветен на отворената глобална дебата во здравствено-економските кругови за оданочување на одредени прехранбени производи и пијалаци што се поврзуваат со здравствената состојба на населението.
Дополнителното оданочување на тутунските и на алкохолните производи е практика што ја применуваат голем број земји, а препораки за начинот и за нивото на овие даноци има објавено и Светската здравствена организација. Акцизи на овие производи наплаќа и македонскиот систем, а започнувајќи од 2014 година, дел од собраните средства (7,8 милиони евра во 2014 година) се слеваат директно во здравствениот систем, односно Министерството за здравство ги користи за спроведување на своите програми (превентивни, куративни, инвестициски).
Оданочувањето на производите што имаат штетно влијание врз здравјето на населението претставува мерка со која, од аспект на здравствената политика, се постигнува пад на потрошувачката на овие производи со што се намалуваат негативните екстерналии од нив, а од друга страна се обезбедуваат јавни средства што се користат или за третман на здравствените последици за кои тие се причинител или за превенција од вакви болести.
Тргнувајќи од ваквото искуство произлегува поставувањето на прашањето за другите производи чија употреба може да има негативно влијание врз здравјето на луѓето. Имено, прекумерното консумирање храна и пијалаци со високо ниво на масти, шеќери и сол се поврзува со зголемен ризик за прекумерна тежина, а оттука и со повеќе хронични заболувања, што е еден од најголемите јавноздравствени проблеми со кои се соочува светот денес. Притоа хроничните заболувања не претставуваат само проблем за лицата кои страдаат од овие болести, туку тие се проблем и на сите даночни обврзници чии средства системот ги користи за финансирање на трошоците од ваквите хронични заболувања. Според последното истражување на Институтот за јавно здравје, спороведено во 2015 година, во Македонија 55 % од населението има зголемена телесна тежина, а 18 % се дебели. Меѓу децата, 44 % се со зголемена телесна тежина, додека 13 % се дебели. Според овие податоци се наоѓаме над европскиот просек.
Зголемената телесна тежина е главен ризик фактор за појава на дијабетес чие постоење го зголемува ризикот и за појава на останати заболувања како: кардиоваскуларни, бубрежни заболувања и оштетување на видот. Во Македонија директните трошоци за контрола на дијабетесот (Програмата на Министерството за 2016 година) се во висина од 12 милиони евра, а само за болничка здравствена заштита според ФЗОМ во 2011 година се издвоени околу 10 милиони евра за лекување на компликациите од дијабетесот. Доколку на овие трошоци се додадат и трошоците на останатите здравствени услуги, проценката е дека на годишно ниво во Македонија само за третман на овие 79 илјади лица се издвојуваат околу 28,5 милиони евра јавни средства, што е околу 8,1 % од вкупните јавни средства наменети за здравство.
Покрај дијабетесот, со нездравата исхрана се поврзуваат и кардиоваскуларните заболувања, што се и водечка причина за смртност во земјава, бубрежните и одредени малигни заболувања.
ЗГОЛЕМЕНАТА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА Е ГЛАВЕН РИЗИК ФАКТОР ЗА ПОЈАВА НА ДИЈАБЕТЕС ЧИЕ ПОСТОЕЊЕ ГО ЗГОЛЕМУВА РИЗИКОТ И ЗА ПОЈАВА НА ОСТАНАТИ ЗАБОЛУВАЊА КАКО: КАРДИОВАСКУЛАРНИ, БУБРЕЖНИ ЗАБОЛУВАЊА И ОШТЕТУВАЊЕ НА ВИДОТ
Искуството на други земји
Во табелата се сумирани здравствено поврзаните даноци на храна во другите земји. Аргументите за воведување на секој од даноците се растот на нивото на дебелина на населението, намалување на хроничните заболувања и зголемување на приходите во наведените земји.
Бројот на земји во кои се имплементирани вакви даноци е сѐ уште скромен, но постојано се јавува земја во која се иницира политичка и јавна дебата. Притоа, како што може да се погледне, не постои правило за географската положба или за степенот на развиеност на земјите. Унгарија ги оданочува соковите од 2011 година. Во 2012 година Франција воведе данок на сите пијалаци со додаден шеќер или засладувач во висина од 0,075 евра за литар. Пред две години Мексико, која е четтврта земја по консумирање сокови и една од нациите со најдебели луѓе, литар сок го оданочи со 1 пезос, а ДДВ го зголеми за 8 п.п. за висококалоричната храна. На почетокот од минатата година во оваа група се приклучија и Беркли (Калифорнија, САД), Чиле и Доминикана. Од 2018 година, министерот за финансии на Велика Британија најави ваков данок по дебатата која го привлече и светското внимание благодарение на вклучувањето на познатиот готвач Џејми Оливер, кој и во минатото го актуелизирал начинот на исхрана, особено кај децата. Мотивирани од финансиски побуди, поради намалените приходи од падот на цените на нафтата, најава за ваков данок пристигна и од рускиот премиер на почетокот на оваа година, а во моментов на оваа тема се дискутира и во Индија и во Нов Зеланд.
Сите оданочувања се реализирани преку акцизите, со исклучок на Мексико каде што покрај акциза е применето и зголемување на ДДВ на висококалоричната храна.
Но, покрај наведениве земји, во овие борби меѓу владите и прехранбената индустрија, индустријата издвојува неколку победи со откажување на даноците на шеќер во неколку американски сојузни држави. Во Словенија беше одложено воведувањето на 10 % данок на газираните сокови планирано за 2014 година. Во Данска, пак, воведениот ваков данок во 2011 година по помалку од две години беше поништен, пред сè, поради недостаток на политичка посветеност.
Ефекти од здравствено поврзаните даноци на храна
Од досегашното искуство на земјите со воведени вакви даноци и спроведените истражувања, резултатите се дека овие даноци се ефикасни во намалувањето на потрошувачката на оданочените производи, но ефектот врз потрошувачката и здравјето на населението на долг рок треба да се анализира во иднина. Поголем ефект во намалувањето на потрошувачката се забележува кај пијалаците во споредба со оданочувањето на храната. За сметка на вака намалената потрошувачка, во најголем број од случаите се забележува раст на потрошувачката кај производите, супститути на оданочените производи. Имено, во Мексико, за сметка на падот на потрошувачката на соковите за 6 % во 2014 година, за 5,2 % е зголемена потрошувачката на флаширана вода.

ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА НЕ ТРЕБА ДА СЕ ОСНОВНИОТ МОТИВ ЗА ВАКОВ ДАНОК. ОСНОВНАТА ЦЕЛ ТРЕБА ДА БИДЕ ПРОМЕНА НА ОДНЕСУВАЊЕТО НА ПОТРОШУВАЧИТЕ КОЕ НА ДОЛГ РОК ЌЕ РЕЗУЛТИРА СО ПРОМЕНИ ВО ЗДРАВСТВЕНИОТ СТАТУС НА НАСЕЛЕНИЕТО. ВОВЕДУВАЊЕТО ДАНОК НА ПОТРОШУВАЧКАТА НА ХРАНА САМ ПО СЕБЕ НЕМА ДА ГИ РЕШИ СИТЕ СПОМЕНАТИ ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ
Аргументи против данокот на храна
На почетокот од 2016 година беше направен неуспешен обид за отворање ваква дебата во Македонија кога беше предложен „данок на масти“. Ваквата изјава предизвика голем број реакции и прашања во јавноста. Реакциите се движеа од критикување на храната во македонските болници и начинот на спороведување на предлогот до зголемениот товар кој би го почувствувало посиромашното население. Најголемиот недостаток на оваа изјава беше изборот тоа да биде данок на масти. Иако е докажано нивното штетно влијание врз здравјето, како што може да се види во табелата, освен индиректно во Мексико, преку висококалоричната храна, ваков воведен данок нема. Покрај потешкото спроведување во практиката, причината за тоа е и регресивноста на ваквиот данок, што е негативна страна за сите даноци на потрошувачката. Лицата со пониски приходи трошат поголем процент од расположливиот доход за храна, а по правило релативно повеќе на „нездрава“ храна и се поподложни на прекумерна тежина и дебелина во споредба со лицата со повисоки приходи. Поради тоа оправданоста е поголема за данок на пијалаци со додаден шеќер наместо на храна бидејќи тој има поголеми ефекти врз вкупното население, а особено врз лицата со пониски приходи. Според истражувањето на Универзитетот од Северна Каролина, во Мексико намалувањето на потрошувачката на сокови во 2014 година кај населението со ниски приходи било 17 %, што е речиси трипати поголемо од вкупниот ефект, што укажува дека на некој начин ова население треба да почувствува поголеми бенефити од ваквиот данок.
Македонија
Сериозен е износот од 6,4 % од БДП што Македонија го издвојува за здравство, а по сите индикатори и споредби процентот е скромен и ќе расте во наредниот период. Еден од основните двигатели на трендот е ширењето на хроничните болести. Според тоа, покрај напорите за зголемување на ефикасноста на здравствениот систем, неопходни се превентивни политики со цел да се влијае на стабилизирање и на контрола на ваквиот раст на трошоците.
Со оглед на погоренаведеното, данокот на соковите со додаден шеќер е најповолно решение доколку Македонија се одлучи за оданочување. Анализирајќи ја даночната регулатива може да се каже дека постојат две опции за воведување. Прва можност е примена на праксата од најголем дел од земјите со воведување акциза за пијалаците за одредена концентрација на шеќер. Втората опција е корекција на ДДВ што за оваа група се применува по повластената стапка од 5%. Разликата меѓу двете опции е што ДДВ е пропорционален на цената на производот, што значи дека данокот би бил помал доколку цената е пониска, а акциза, од друга страна, е оданочување по единица производ (литар) и без разлика на цената данокот би бил ист.
Врз основа на достапните статистички податоци, доколку литар од овие производи се оданочи со само 1 денар би се генерирале околу 2,3 милиони евра, што се средства со кои функционира на пример Општата болница во Кавадарци. Но, финансиските средства не треба да се основниот мотив за ваков данок. Основната цел треба да биде промена на однесувањето на потрошувачите кое на долг рок ќе резултира со промени во здравствениот статус на населението. Воведувањето данок на потрошувачката на храна сам по себе нема да ги реши сите споменати здравствени проблеми. Затоа тој треба да биде дел од поширока рамка на политики и мерки како што се: едукација на потрошувачите, програми за поттикнување и субвенционирање на здравата храна, соодветно етикетирање, контрола врз маркетингот и промоциите. Особено не треба да се случуваат настани и објави каков што беше случајот пред две недели кога Здружението на педијатри на Македонија, на чело со едно од најекспонираните медицински лица во земјава, препорача употреба на еден бренд сокови.
Воведувањето нов данок или зголемување на постоечките даноци е мерка што во ниеден случај не е лесна за спороведување и на неа со свои аргументи, несомнено, би се спротивставило и населението, а особено прехранбената инсустрија. Но, и да не биде воведен данок, самото отворање на темата нè принудува да размислуваме за нашите навики за исхрана и ефектите врз нашето здравје, како и тоа колку тоа нè чини сите нас кои плаќаме даноци и придонеси.