Финансии / Банкарство
ЗГОЛЕМЕНИ ПРИХОДИТЕ НА ЦАРИНАТА ВО 2015 ГОДИНА ЗА 6,6 %
Царинската управа на Македонија минатата година наплати 67 233,72 милиони денари, што е за 6,6 проценти повеќе во однос на 2014 година, а за 1,8 проценти повеќе во однос на планираното, информира денеска директорката Наташа Радеска Крстевска на одбележувањето на 24 години од основањето на Царината како самостоен државен орган. Крстевска потенцираше дека е зголемена наплатата на акцизите за 15,4 проценти, на ДДВ при увоз за 2,7 проценти и на царината за 2,6 проценти, а намалена е наплатата за надоместоците за 1,1 процент. Во резултатите беа истакнати приклучувањето кон транзитниот систем на Европската Унија со што значително е олеснето тргувањето со ЕУ, ЕФТА и Турција, како и рангирањето на Македонија на 26 место меѓу 189 држави во најновиот извештај Дуинг бизнис кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување“, што претставува скок за 101 место во однос на 2007 година. Ефективната царинска стапка во моментов изнесува 1,75 проценти, што е една од најниските во регионот.