Финансии / Банкарство

ШВАЈЦАРСКАТА БАНКАРСКА ТАЈНА ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА

Игор Давков

 



Швајцарија, најголемиот офшор финансиски центар, во 2018 година целосно ќе ги напушти принципите на заштита на идентитетот на нерезидентните депозитори и ќе почне автоматски да разменува информации со даночните органи на повеќе земји-потписнички на Спогодбата на ОЕЦД (OECD). Врз основа на оваа Спогодба, даночните власти автоматски ќе разменуваат податоци за депозитите и останатите финансиски средства на своите нерезидентни депоненти. Со ова практично се става крај на законската рамка што во различни форми повеќе од 300 години го штитеше идентитетот на странските депоненти во швајцарските банки. Историски гледано сè започнало во 1713 година кога Високиот совет на Женева донел Закон со кој на банкарите им било забрането да ги обелоденуваат информациите за идентитетот на депонентите и за нивните депонирани средства со кој било, освен со депонентот. Со овој Закон започнува долгогодишната репутација на Швајцарија како т.н „safe haven“ за сите оние кои од различни побуди барале финансиски азил за својот капитал. До крајот на 19-тиот век, одредбите од Граѓанскиот законик на Швајцарија обезбедувале правна рамка со која се поддржувала банкарска тајна. Со цел да ги преживее финансиските пресврти во дваесеттиот век, како што беше колапсот на финансиските пазари во 1929 година и последователно Големата депресија, за Швајцарија било неминовно да ја задржи бенефицијата од постоењето на принципите на банкарска тајна и условно кажано природната предност во однос на останатите земји во Европа. Законот за банки од 1934 година донесен како одговор на притисокот на Германија и на Франција швајцарските банки да ги откријат информациите за идентитетот на нивните германски и француски депоненти во името на т.н. добро за државата ѝ овозможи на Швајцарија со децении подоцна да биде местото каде што физичките лица и компаниите од целиот свет можеа да ги заштитат парите со еден од најстрогите закони за тајност во светот.

ШВАЈЦАРИЈА, НАЈГОЛЕМИОТ ОФШОР ФИНАНСИСКИ ЦЕНТАР, ВО 2018 ГОДИНА ЦЕЛОСНО ЌЕ ГИ НАПУШТИ ПРИНЦИПИТЕ НА ЗАШТИТА НА ИДЕНТИТЕТОТ НА НЕРЕЗИДЕНТНИТЕ ДЕПОЗИТОРИ И ЌЕ ПОЧНЕ АВТОМАТСКИ ДА РАЗМЕНУВА ИНФОРМАЦИИ СО ДАНОЧНИТЕ ОРГАНИ НА ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ-ПОТПИСНИЧКИ НА СПОГОДБАТА НА ОЕЦД (OECD)

Но, што се смени и што доведе швајцарските банки да го обзнанат идентитетот на своите депоненти? Глобалната финансиска криза, што подоцна се продлабочи во должничка криза, ги натера САД и Европската унија да бараат нови извори на даночни приходи. Во оваа потрага високо на листата беа неоданочените финансиски средства кои граѓаните на овие држави успеале да ги трансферираат во земји кои одбиваат да го обелоденат идентитетот на своите депозитари. Се разбира, највисоко на листата на овие земји беше Швајцарија. За притисокот под кој се најдоа Швајцарија како држава и швајцарските банки говорат повеќе процеси кои американските власти ги имаат покренато против глобалните швајцарски банки во кои или со помош на кои повеќе американски компании и лица успеле да избегнат плаќање на даноци во САД. Не помал беше притисокот и од Германија, Велика Британија и неколку други европски земји. Со ова практично започна процес низ кој постепено во изминатите години на некој начин Швајцарија се подготвуваше за она што треба да се случи во 2018 година. Во согласност со т.н. „Program for Non-Prosecution Agreements“ или т.н. „Non-Target Letters for Swiss Banks“, објавени од страна на Министерството за правда на САД, на 29 август 2013 година, од швајцарските банки беше побарано самите да се класификуваат во една со трите категории на условно кажано пречекорувања на даночните прописи на САД и да стапат во соработка со даночните власти на САД во споделување на информации за нерегистрираните средства на американските даночни обврзници. Последователно швајцарскиот регулатор ФИНМА (FINMA) во своето Известување бр. 56 од јануари 2014 година, со оглед на трошоците поврзани со постапките и извесните трошоци за казни и спогодби со американските регулатори, побара од банките да ги проценат овие трошоци и аналогно на проценетиот износ да ги резервираат во финансиската година што заврши на 31 декември 2013 година. По казните кои ги платија големите швајцарски банки како што се УБС АГ (UBS AG) и Кредит Свис АГ (Credit Swiss AG), кои беа обвинети за помагање во даночна евазија на американски компании и физички лица, Владата на Швајцарија се согласи да го усвои стандардот за размена на податоци доколку тој стане глобален. Ова е со оглед дека глобалната примена создава еднакви услови за работа на сите финансиски центри во светот и ја намалува надворешната ранливост на Швајцарија.
Швајцарија веќе има потпишано билатерални спогодби со повеќе земји врз чија основа споделува информации за депозитите на жителите на овие земји по барање на нивните даночни власти. Со тоа постепено почна да се топи условно кажано додадената вредност на швајцарските банки и глобалните банки кои имаат банки во Швајцарија кои се занимаваат со приватно банкарство. Никој во моментов не знае колкав дел од средствата депонирани во овие банки се должат на мотивот на даночна евазија. Проценките се дека овој процент се движи меѓу 30 и 60 отсто. Според Бостон консалтинг груп (Boston Consulting Group), и покрај започнатиот процес на одлив на американски и на европски депозити од швајцарските банки, Швајцарија во 2014 година успеала да го задржи приматот на најголем офшор центар со актива приближно еднаква на 2,4 трилиони САД долари. Ова, пред сè, се должи на експертизата на швајцарските банки и на способноста дел од американските и од европските пари да бидат заменети со депозити кои доаѓаат од земјите во развој, особено од Азија, каде што физичките лица и компаниите можеби не се толку мотивирани од даночна евазија, туку едноставно бараат сигурно место за своите пари. Сепак одливите на депозити, посебно на лицата од Европската унија, се значајни. Како резултат на доброволните програми на пријавување на неоданочените средства воведени во повеќе европски земји од швајцарските банки во изминатиов период, според една анализа на консултантската компанија ПВЦ (PwC), повлечени се меѓу 350 и 400 милијарди швајцарски франци, а очекувањата се дека до започнување со примена на Спогодбата на ОЕЦД (OECD) за автоматско пријавување ќе бидат одлеани уште приближно 100 милијарди швајцарски франци. Чистењето на билансите од непријавените депозити не беше лесна работа за швајцарските банки со оглед на нивното високо учество. Во моментов како илустрација може да се земе примерот со депозитите на германските лица во Швајцарија, според податоците на Швајцарската банкарска асоцијација се проценува дека 95% веќе се пријавени кај даночните власти, а до крајот на 2015 година се очекува тие целосно да бидат пријавени.

ШВАЈЦАРИЈА ВЕЌЕ ИМА ПОТПИШАНО БИЛАТЕРАЛНИ СПОГОДБИ СО ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ ВРЗ ЧИЈА ОСНОВА СПОДЕЛУВА ИНФОРМАЦИИ ЗА ДЕПОЗИТИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ НА ОВИЕ ЗЕМЈИ ПО БАРАЊЕ НА НИВНИТЕ ДАНОЧНИ ВЛАСТИ. СО ТОА ПОСТЕПЕНО ПОЧНА ДА СЕ ТОПИ УСЛОВНО КАЖАНО ДОДАДЕНАТА ВРЕДНОСТ НА ШВАЈЦАРСКИТЕ БАНКИ И ГЛОБАЛНИТЕ БАНКИ КОИ ИМААТ БАНКИ ВО ШВАЈЦАРИЈА КОИ СЕ ЗАНИМАВААТ СО ПРИВАТНО БАНКАРСТВО

Инаку со прифаќањето на Спогодбата на ОЕЦД (OECD) и со потпишувањето на договорот меѓу Швајцарија и Европската унија, што се базира на принципите на ОЕЦД/Г20 (OECD/G20), Швајцарија како и сите други земји-потписнички на Спогодбата се обврзува да прибира и да разменува информации за сопствениците на банкарски сметки, крајните сопственици на компаниите и трустовите. Глобалниот стандард за размена на податоци е развиен од страна на ОЕЦД (OECD) и одобрен од страна на земјите-членки на Г20 (G20). Во согласност со овој систем банките се обврзани да прибираат податоци за своите клиенти и да ги доставуваат до нивните национални даночни власти. Овие понатаму, во енкриптирана форма, ги доставуваат до даночните власти на земјата од каде што доаѓа клиентот. Името, адресата, бројот и салдото на сметката ќе бидат предмет на автоматско известување, како и какви било исплати на камата, дивиденди, продажби и купувања на хартии од вредност. Овие правила униформно ќе се применуваат на физички и на правни лица, трустови и фондови, а обврска за известување покрај банките ќе имаат и инвестициските фондови и осигурителните компании.

СО ПРИФАЌАЊЕТО НА СПОГОДБАТА НА ОЕЦД (OECD) И СО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ МЕЃУ ШВАЈЦАРИЈА И ЕВРОПСКАТА УНИЈА, ШТО СЕ БАЗИРА НА ПРИНЦИПИТЕ НА ОЕЦД/Г20, ШВАЈЦАРИЈА КАКО И СИТЕ ДРУГИ ЗЕМЈИ-ПОТПИСНИЧКИ НА СПОГОДБАТА СЕ ОБВРЗУВА ДА ПРИБИРА И ДА РАЗМЕНУВА ИНФОРМАЦИИ ЗА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА БАНКАРСКИ СМЕТКИ, КРАЈНИТЕ СОПСТВЕНИЦИ НА КОМПАНИИТЕ И ТРУСТОВИТЕ

Очекувањата се дека и останатите офшор финансиски центри веќе сe или ќе бидат под притисок да ја потпишат Спогодбата на ОЕЦД (OECD) со оглед на најавата дека земјите од Г20 (G20) се спремни да воведат санкции спрема оние земји што ќе се спротивстават да споделуваат информации. За таа цел, до крајот на годината ОЕЦД (OECD) планира да биде составена црна листа на земји што одбиваат да соработуваат.
Инаку според аналитичарите видливо е одредено движење на средствата од Швајцарија кон другите офшор центри како Панама и Дубаи, кои сè уште одбиваат да прифатат потпишување на Спогодбата и усогласување со стандардот наметнат од страна на ОЕЦД (OECD).
Од друга страна, азиските офшор финансиски центри како Сингапур и Хонг Конг, кои претежно имаат клиенти од Средниот Исток, Азија и Пацификот, досега не се значајно погодени од барањата за поголема транспарентност, иако Сингапур веќе најавува заинтересираност за имплементација на Спогодбата.
Инаку Европската унија во моментов привршува со преговорите за потпишување на истата Спогодба и со неколку други земји, покрај Швајцарија, како што се: Андора, Лихтенштајн, Монако и Сан Марино. Европските земји очекуваат повеќе милијарди евра да бидат репатрирани на територијата на Унијата како резултат на згаснување на овој канал на даночната евазија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано