Финансии / Банкарство
ПОТРЕБНИ СЕ ПОДОБРУВАЊА ВО ПРИСТАПОТ ПРИ ЗАШТИТАТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ И НА КОНКУРЕНЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Мишел Османли
Авторот е извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам)
Членовите на „АмЧам Македонија“ се дел од најпрогресивните и од најуспешните компании во секој сектор во земјава. Како такви компании тие често се придржуваат до меѓународните стандарди за заштита на потрошувачите кои, во голема мера, ги надминуваат локалните услови што, секако, им е од корист на некои потрошувачи. Сепак, релативно застарената, неефикасна и недопрецизирана правна рамка за заштита на потрошувачите создава подеднакво неконзистентен пазар и за потрошувачите и за компаниите. Поради ова многу компании повикуваат дека се потребни измени кои ќе придонесат за унапредување на правната рамка и кои ќе создадат средина во која ќе се очекува сите бизниси континуирано да го усогласат своето работење со високите стандарди за потрошувачите да ја имаат моќта и заштитата која ја заслужуваат.
На неодамнешната тркалезна маса која ја организираше „АмЧам“ со претставници од околу 40 компании, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) и нејзините разграноци беше силно изразено чувството на регулаторна конфузија меѓу сите инволвирани страни. Проблематичните аспекти кои беа посочени од учесниците се однесуваа на:
• обврската компаниите да ги заменуваат дефектните производи со „нови, исти и исправни“ производи;
• улогата и обврските на претставништвата за овластен сервис;
• дефиницијата за „сервисирање“ на производ;
• значењето на „минималните“ недостатоци на производот;
• исклучително рестриктивните и застарени модели на дозволени промоции/попусти;
• целта на Законот за нелојална конкуренција;
• недостаток од јасно дефинирани постапки за користењето на услуги во актуелната правна рамка за заштита на потрошувачите и
• улогата на ДПИ во Секторот за финансиски услуги.

Учесниците се согласија дека компаниите е потребно да бидат вклучени во процесот при подготовката на законската рамка за заштита на потрошувачите. Иако во текот на минатата година Законот за заштита на потрошувачите двапати беше сменет, ниедна од направените измени не се однесуваше на основните предизвици на пазарот или на намалување на регулаторната конфузија. Се чини дека, општо земено, заштитата на потрошувачите веќе подолго време страда од недостаток на институционално внимание и тоа е најверојатно од различни причини. На пример, Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонија рече дека обврската сите прехранбени продукти и пијалаци да ги содржат нутритивните информации на самото пакување веќе неколкупати се одложува поради неспремноста на домашните производители на храна и на пијалаци за ваквата измена.
Присутните исто така заклучија дека актуелната законска рамка неуспешно се обидува да воспостави баланс меѓу правата и обврските на потрошувачите. Јасно е дека потрошувачите треба да се заштитат од компаниите кои можат да ги злоупотребат нивните права. Транспарентен, јасен и предвидлив механизам за решавање спорови ќе овозможи и потрошувачите и компаниите да ги застапуваат и да ги заштитат своите интереси. Во денешно време, потрошувачите можат да поднесат официјална поплака до ДПИ без воопшто да ја информираат компанијата или да го информираат овластениот сервисер. Наместо да ги искористат своите ограничени ресурси за поприоритетни активности, ДПИ го користи своето време за да ги истражи и да подготви извештај за овие случаи за кои компаниите се секако спремни да ги решат и без нивно инволвирање. Непотребното вклучување на ДПИ исто така ги троши ресурсите и на компаниите.
Должноста на ДПИ да ја испита секоја поднесена жалба, без разлика на нејзината важност и вредност, беше исто така оценета како неефикасна и нереална. Г-ѓата Лончар посочи дека медијацијата одиграла многу голема и важна улога во ЕУ земјите и дека во нивниот случај државните извршни органи биле вклучени само во големите и проблематични случаи. Таквиот модел би бил далеку поприфатлив отколку преоптоварувањето на ДПИ, кој функционира со недоволен број на луѓе и со недостаток на технологија за да може да процесира илјадници незначителни случаи.
Правните експерти појаснија дека Законот за заштита на конкуренцијата во Македонија треба да се смета како заштита на потрошувачите при интеракциите меѓу компаниите. Говорниците нагласија дека со цел правната рамка соодветно да се применува компаниите мора да бараат правна компензација во случаите на нелојална конкуренција. Досега компаниите имаат иницирано многу малку предмети со што во голема мера недостасува практичната примена на Законот. Општ став на присутните беше дека овој Закон не е многу познат или разбирлив за деловните луѓе, освен за компаниите за комунални услуги и слично. Тие исто така разменија мислење и за потребата од донесување посебен закон за огласување, како во многу други земји, со оглед на неопходноста од прецизирање на дефинициите и практичните детали во оваа област.
Со цел понатамошно да ги утврдиме областите во кои е потребно да се направат измени од практична деловна перспектива, „АмЧам“ планира да организира состаноци со претставници од Министерството за економија како министерство одговорно за повеќето закони кои ја уредуваат оваа важна област. Се надеваме дека водечките компании ќе се сметаат за значаен извор на практично искуство кое ќе придонесе за подигнување на локалните стандарди. Во многу случаи овие компании чувствуваат дека се целени и изложени на континуирани инспекции и казни за мали недоследности од извршните органи, додека многу посериозните и очигледни пропусти на нивните конкуренти се игнорираат. Ваквиот пристап води кон нелојална конкуренција казнувајќи ги компаниите кои вистински се трудат да работат во согласност со Законот, истовремено наградувајќи ги оние со пониски стандарди за заштита на потрошувачите. На долг рок ова ќе доведе до исчезнување на многу глобални висококвалитетни брендови од домашниот пазар.
(март 2016)