21-ви Поткомитет ЕУ – Северна Македонија за иновации, информатичко општество и социјална политика

На 28 април во Скопје се одржа 21-от состанок на Поткомитетот  меѓу ЕУ и Северна Македонија во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, за областите образование и култура, дигитална трансформација и медиуми, социјална политика и вработување, слобода на движење на работниците и наука и истражување. Претставниците на Европската комисија разговараа за најновите случувања во овие области со надлежните органи на Северна Македонија. На состанокот присуствуваа и претставници од Делегацијата на ЕУ во Скопје и Европската фондација за обука. На средбата заеднички претседаваа ЕУ преку г-дин Хуберт Духот, заменик-раководител на Одделението за Албанија и Северна Македонија во Генералниот директорат за проширување и источно соседство, и Северна Македонија преку г-ѓа Гордана Клинчарова, државен секретар во Министерството за дигитална трансформација.

Во однос на образованието, Комисијата го поздрави напредокот постигнат во областа на пред-универзитетското образование и стручната и образовната обука (ВЕТ), истакнувајќи ја важноста на релевантните чекори од реформската агенда. Комисијата ја зеде предвид тековната реформа на Законот за високо образование и побара од властите на Северна Македонија да обезбедат дополнителни информации за процесот на јавни консултации. Исто така, во врска со овој предлог-закон, претставниците на ЕУ ја истакнаа важноста на академската слобода, институционалната автономија и усогласувањето со обврските од Болоњскиот процес. Тие, исто така, побараа од надлежните да образложат кој е очекуваниот временски рок за усвојување на законскиот пакет, кој сега е во владина процедура. За Еразмус+, Комисијата очекува позитивен развој во работата на Агенцијата во спроведувањето на програмата и усогласување со правилата и процедурите на програмите. За младинските политики, Комисијата ги охрабри властите да продолжат со спроведување на Националната стратегија за млади, да усвојат нов Акциски план, како и да го спроведат Законот за младинско учество и младински политики. Во однос на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“, Комисијата ја истакна важноста од навремено и ефикасно спроведување на активностите. Проектот претставува клучна можност Скопје да го зајакне својот културен сектор и да ја промовира културната соработка на европско ниво.

Во областа на дигитална трансформација и медиуми, Комисијата го поздрави потпишувањето на Договорот за грант за Антена ВИ Фабрика – ВЕЗИЛКА и ја охрабри Северна Македонија да продолжи со активностите за комуникација со соседните земји, да го развива регионалниот екосистем на експерти и корисници, и исто така, добро да ги користи европските дигитални центри за иновации. Комисијата ја потврди својата целосна поддршка за Северна Македонија во овој процес. Комисијата, исто така, ја поздрави посветеноста на Северна Македонија за унапредување на интеграцијата во Дигиталниот единствен пазар, како и за воведувањето на европскиот број за итни случаи 112, истовремено истакнувајќи дека е потребно да се обезбеди јасна временска рамка за втората фаза на имплементација. Комисијата подвлече дека треба да се продолжи со работа за исполнување на релевантните чекори од Реформската агенда кои се во грејс период особено во однос на Законот за електронски комуникации. Во однос на медиумите, Комисијата го поздрави уверувањето за финансирањето и финансиската независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во однос на социјалната политика и вработувањето, претставникот на Комисијата се осврна на неколку нацрт-закони и тоа за социјално претприемништво, безбедност и здравје при работа, спречување на насилство и вознемирување на работното место, спогодбено решавање на работните спорови и социјалното домување, охрабрувајќи ја Северна Македонија да утврди јасен временски рок за нивно усвојување. Покрај тоа, Комисијата ги повика властите да продолжат со спроведување на Планот за имплементација на Младинската гаранција (2023-2026), како и да ги зголеми капацитетите за привлекување на повеќе луѓе за учество во Младинската гаранција и да обезбеди информации за нејзиниот напредок. Во однос на социјалниот дијалог ЕК потсетува на потребата од зајакнување на односите со социјалните партнери. За антидискриминацијата и еднаквоста, вклучувајќи ја и родовата еднаквост на работното место, ЕУ ја повика Северна Македонија да подготви сеопфатен патоказ за родова еднаквост и да ги ажурира релевантните национални стратегии во врска со Стратегијата на ЕУ за борба против расизмот 2026–2030 и Стратегијата на ЕУ за родова еднаквост 2026–2030. Понатамошните напори, исто така, треба да се фокусираат на зајакнување на учеството на жените на пазарот на трудот, особено преку подобрување на пристапот до вработување за жените во руралните средини, жените Ромки и другите ранливи групи, како и на подобрување на достапноста и употребата на родово разделени податоци и спроведување на родово одговорно буџетирање. 

Во однос на науката и истражувањето, Комисијата го поздрави континуираниот ангажман на Северна Македонија, вклучително и нејзиното учество во рамковната програма Хоризонт Европа и националните напори за интегрирање во Европската истражувачка област. Комисијата потсети дека Северна Македонија треба да преземе понатамошни чекори за зајакнување на својот национален екосистем за истражување и иновации и ефикасно спроведување на националната Стратегија за паметна специјализација (S3). Комисијата, исто така, ги покани властите да го споделат ажурираниот акциски план S3 откако ќе биде достапен. Го поздрави формирањето на Агенцијата за иновации, научно-технички развој и претприемништво (ИНОВА) како позитивен чекор за поврзување на иновациите, научниот и технолошкиот развој. Комисијата ја повика Северна Македонија да ја подобри достапноста на ажурираните податоци за истражување и иновации, особено за Европскиот индекс за иновации. Комисијата, исто така, е во тек со постапката за подготовка на новиот Закон за истражувачка дејност и внимателно ќе ги следи случувањата во оваа област.

Повеќе од истиот автор

Најчитано