Николовски: Од јули 2024 оперативно спречивме 2.700 обиди за нелегални дејствија и поднесовме 332 кривични пријави, финансиски во континуитет гизголемуваме приходите на државата и го зајакнуваме економскиот систем, реформски спроведуваме проекти вредни 30 милиони евра.
„За криминалот нема да има место таму каде што од петни жили секој Божји ден се трудиме да градиме силна институција. Промените во системот бараат време, но и одлучност.Во секој амбар сигурно има по некое неквалитетно зрно, но ќе го истребиме. Нашата улога не е само да контролираме, туку да заштитиме, да спречиме и да покажеме дека законот важи подеднакво за сите“, порача директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на денешниот свечен настан на кој беа одбележани 34 години од основањето на Царинската управа. На настанот во присуство на висок државен врв, државниот јавен обвинител, пратеници, дипломатскиот кор, неговото високопреосвештенство Митрополитот Кумановски-осоговски, претставници од бизнис заедницата, меѓународните организации, царинските службеници и други гости, свое обраќање имаа и претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Директорот Бобан Николовски, во своето обраќање особено се осврна на резултатите постигнати од јули 2024, заклучно со март годинава. Оперативно, од јули 2024 година спречени се 2.700 обиди за нелегални дејствија и поднесени се 332 кривични пријави против 761 физичко лице и 254 правни лица. Само минатата година се поднесени 213 кривични пријави, за 5 пати повеќе споредбено со годишниот просек од 2017 до 2023 година. Финансиски, Царинската управа континуирано ги зголемува приходите на државата и го зајакнува економскиот систем. Во втората половина од 2024 година наплатени се за 64,6 милиони евра повеќе приходи споредбено со истиот период во 2023, во 2025та, остварена е поголема наплата за 105 милиони евра, а годинава само во првото тримесечје наплатата на приходи е поголема за 23,7 милиони евра во однос на истиот период лани. Во однос на реформските резултати, со средства од Буџетот на државата, грант средства од ЕУ и Република Кореја, како и со финансиски средства од Светска банка, се реализираат проекти со вкупна вредност од 30 милиони евра.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во своето обраќање истакна дека во изминатите 20 месеци Царинската управа ги бележи најдобрите резултати од своето постоење потенцирајќи дека зад резултатите стои трудот на сите вработени во Царинската управа и придонесот што го даваат е од суштинско значење за функционирање на државата.
„Остварени се највисоки приходи досега, што е јасен показател дека институцијата функционира поефикасно, поорганизирано и со поголема одговорност. Особено значаен е фактот што за прв пат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец. Тоа е резултат кој не доаѓа случајно, туку е производ на системски пристап, засилени контроли и подобра координација. Со конкретни мерки, со дигитализација на процесите и со јасна определба за борба против корупцијата, создадовме систем кој дава резултати. Царинската управа е еден од највидливите примери за тоа“, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, преку видео порака упати силна благодарност до сите царински работници и до оние кои работат денес и до сите кои биле дел од институцијата во изминатите 34 години.
„Во услови на глобална економска и енергетска криза, вашата улога добива уште поголема тежина. Токму затоа, остануваме посветени на спроведување на реформите во секторот царина, како и во вложувањето и стручната поддршка на царинските работници и царината во целост. Само така ќе одговориме на новите предизвици кои доаѓаат од брзата глобализација на трговијата и финансиските системи кои наметнуваат нови очекувања во борбата против нелегалните финансиски текови, организираниот криминал и даночната евазија. Така ќе продолжиме да остваруваме резултати кои во изминатиот период покажуваа раст на приходите при увоз и ќе изградиме систем во кој има доверба и бизнис заедницата и граѓаните. Само заеднички можеме да придонесеме системот да биде здрав, да биде ефикасен и во функција на сите“, нагласи министерката во видео обраќањето.
За успешна соработка Плакети со повелба беа доделени на Јавното обвинителство, на вршителот на должност амбасадор на САД Никол Варнс, на Британската амбасада, на Делегацијата на ЕУ, на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на Јавното претпријатие за државни патишта и на ТАВ Македонија.






