Кандидатот за ректор на УКИМ, Дарко Данев, најавува суштински реформи насочени кон дигитализација, транспарентност и мерливи резултати во работењето на Универзитетот.
Во интервју за Економија и бизнис, Данев потенцира дека УКИМ мора да ја напушти сегашната перцепција на институција без јасна отчетност и да воведе систем во кој резултатите ќе бидат јавно достапни и проверливи.
„Јавноста денес слуша само за пад на ранг-листи, без анализи и одговори. Без тоа, нема стратегија за напредок“, вели Данев.
Како клучен чекор, тој ја истакнува иницијативата „нула шалтери“, со која сите административни услуги за студентите ќе се одвиваат електронски.
„Сите барања, пријави и документи ќе се поднесуваат и доставуваат дигитално. Овој процес мора да заврши во првата година од мандатот“, нагласува Данев.
Дополнително, тој бара систематско следење и објавување на податоци за проекти, мобилност, донации и дигитализација, со цел УКИМ да стане транспарентна и ефикасна институција.







