Интервју | Дарко Данев: Од набљудувач до создавач – новата визија за УКИМ како мотор на развојот

Интервју со Дарко Данев

Интервју со Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет и кандидат за нов Ректор на УКИМ


Професоре Данев, вашата Програма како сериозен кандидат за нов ректор на УКИМ почнува со силна порака за суштинско поместување на Универзитетот и неговата улога, од „набљудувач“ кон „создавач“. Како ја гледате новата улога на Универзитетот во македонското општество?

Д. Данев: УКИМ го гледам не само како извор на најдобрите кадри туку и на идеи вткаени во економската, во социјалната, во образовната, во здравствената политика во Македонија. Мојата цел, а верувам и целта на сите колеги, алумни и студенти е македонското општество повторно да нè препознае како активен чинител на сите позитивни промени во државава, но и како коректив на владејачките структури. За ова да го оствариме потребно е враќање на авторитетот на УКИМ преку градење на институционален интегритет. Така повторно ќе се стекнеме со препознатливост, со видливост и со гласност во општествово.

За разлика од многу академски програми, вие нудите јасни и мерливи цели. Колку е важно за вас зајакнувањето на културата на одговорност, на резултати и на отчетност на УКИМ?

Д. Данев: Транспарентноста и отчетноста се принципи без кои е незамисливо функционирањето на која било јавна институција во денешно време. Само така резултатите можат да бидат мерливи, споредливи и евалуирани. Мојот впечаток е дека во управувањето и во раководењето со УКИМ е потребна посериозна имплементација на овие принципи. Ако се обидеме да ја отсликаме перцепцијата на јавноста за неговото работење последниве три години, единственото нешто што ќе го слушнеме е − пад на светските ранг-листи. Нема одговори ниту анализи за причините за таквата состојба. А ако тоа го нема, не може да има ниту стратегија за нејзино надминување. Истово ова се однесува и на достигнувањата или евентуалниот напредок на УКИМ во некои сегменти. Ниту стручната ниту пошироката јавност немаат увид во конкретно постигнатите резултати: степен на реализирана дигитализација и нејзината уедначеност на сите факултети и институти; одобрени средства за учество во меѓународни и во домашни проекти, нивна реализација и конкретно постигнати резултати; износ на донации од македонските компании и нивната искористеност; број на реализирани размени на студенти и наставно-научен кадар и каков е ефектот од таа мобилност на краток, на среден и на долг рок; учество во настава на странски професори и на предавачи, нивни слушатели и постигнат ефект; реализирана соработка со бизнис-заедницата, начини на кои е таа остварена и сл.

Кога сето ова би било евидентирано, а потоа и јавно објавено, многу лесно ќе може да го следиме нашиот развој, да ги анализираме како резултатите така и потфрлувањата и да преземаме мерки за подобрување.

Предлагате диверзификација на изворите на финансирање и УКИМ да излезе на пазарот со своето знаење. Како овој пристап може да го направи Универзитетот долгорочно финансиски посилен, да ја зголеми неговата автономија, а истовремено да го подигне квалитетот?

Д. Данев: Кога сме кај финансирањето најпрво би започнал со давачките на единиците кон УКИМ. Секоја единица на УКИМ има свои извори на приходи првенствено од апликативната дејност. Давачките кон УКИМ на секоја од нив изнесуваат 5 %. Со оглед на фактот што единиците за оваа дејност не користат услуги од Универзитетот, туку користат свои капацитети, мојата заложба е тој износ на давања кон УКИМ да се намали и да изнесува 3 %. Уште позначајно прашање е каде и како се трошат тие средства од единиците. Со нивна предвидлива, пропорционална на потребите, транспарентна и заснована на критериуми распределба, УКИМ ќе стане поефикасен и ќе ужива поголема доверба кај вработените и студентите.

Следен чекор според мене треба да биде отворање на УКИМ за пазарите со што ќе јакне финансиската самостојност на Универзитетот не чекајќи средства само од државниот буџет. Како конкретно до реализација на оваа цел? Преку комерцијализација на лабораториите и експертизата; формирање комерцијални центри за странски јазици, услуги за професионален превод и лектура за компании; психолошко профилирање и ЧР-евалуации за приватниот сектор; социолошки и демографски истражувања на пазарот, со еден збор − поддршка и развој на апликативната дејност на општествените и на хуманистичките науки; понуда за кратки, платени курсеви за преквалификација, специјализација и дообука на вработени од корпоративниот сектор и од јавната администрација. Ова се чекорите кон долгорочна финансиска стабилност на Универзитетот.

Формирањето бизнис-совет е еден од клучните елементи во Програмата. Како ова партнерство може да придонесе за поквалитетни студиски програми и подобри можности за студентите?

Д. Данев: Бизнис-советот за кој зборувам во мојата Програма ќе го сочинуваат менаџери од редот на најмоќните наши компании, личности со покажани резултати, со долгогодишно искуство во менаџирањето со процеси, со кадри и со финансии. Членовите на бизнис-советот ќе учествуваат во профилирањето и во создавањето интердисциплинарни и специфични студиски програми „по мерка“ на компаниите, а истовремено ќе земат активно учество во финансирањето на развојот на тие профили. Така бизнис-секторот нарачува конкретни профили на кадар, го финансира создавањето на студиски програми за нивно образование и во пресметлив временски период добива едуциран кадар подготвен за работа во нашите компании. Овој совет ќе може да испорачува и конкретни барања за развој на програми за специјализирана и континуирана едукација (доживотно учење) наменети за дообука на постојниот кадар во компаниите.

Вашата иницијатива за целосна дигитализација („нула шалтери“) е силна порака, но и амбициозен чекор. Дали ова би била систематизирана поширока трансформација кон ефикасен и модерен универзитетски систем?

Д. Данев: Во право сте, се залагам за целосна дигитализација на административните услуги на УКИМ и на неговите единици. Оваа програмска цел ја нареков „нула шалтери“. Тоа значи никогаш повеќе да не ни се случуваат редици на студенти со пријавни листови пред шалтерите на Службата за студентски прашања со кои се соочуваме пред секој упис на семестар. Сите поднесоци, пријави, молби, барања на студентот ќе се поднесуваат електронски и на ист начин ќе му биде одговорено, односно и доставата на актот што на студентот му е потребен ќе биде извршена електронски од службите. Движењето на предметите исто така ќе се следи електронски. Овој процес е започнат, но предолго трае и неуедначено се одвива меѓу факултетите на УКИМ. Мојата заложба е тој да биде комплетно завршен во првата година од мојот мандат.

Во вашата Програма зборувате за воведување институционална писменост во однос на вештачката интелигенција за сите студенти и професори. Кои се вашите очекувања од ваквиот чекор?

Д. Данев: Вештачката интелигенција е присутна во сите професии и нејзиното навлегување во секојдневието и кај нас станува неминовно. Оттука УКИМ не смее да го игнорира овој факт, туку треба да се подготви да почне да ја употребува ВИ како алатка за сопствениот развој. Потребно е да започнеме со наше (на професорите) ВИ-описменување, а и да обезбедиме пристап до напредните ВИ-алатки за секој студент и истражувач, елиминирајќи ги финансиските бариери. Паралелно со алатките потребно е воведување на континуирана едукација за нивно користење − наменета подеднакво и за студентите и за наставниот кадар. Со овој пристап, УКИМ го гледам како регионален пионер во правилна и во контролирана примена на ВИ и нејзините придобивки во науката и во истражувањето.

Со мерките за мобилност, двојни дипломи и вклучување на дијаспората поставувате нови стандарди. Зошто е за вас важна интернационализацијата на Универзитетот?

Д. Данев: Важноста од нашата препознатливост надвор од државава не треба посебно да ја елаборирам. Еден од начините е публикувањето на научни трудови во најчитаните и најцитирани списанија, но еднакво важна е и мрежата на контакти што ја градат професорите и студентите со свои колеги од странство. Најголеми резултати во поглед на размена на искуства, учење од разликите, осознавање и прифаќање на различни културни вредности кај младите се постигнува со можноста да излезат надвор од границите на земјава. Така, стекнувајќи се со нови искуства и идеи, запознавајќи нови култури и начини на живот, тие истовремено градат и нови пријателства, нова мрежа на соработници, колеги и контакти, а придобивките од сето ова, по завршувањето на престојот, се носат дома, во УКИМ. Затоа Универзитетот треба активно да ја финансира можноста што поголем број студенти да поминат барем еден семестар од своето образование или летниот распуст (како трет семестар) учење во странство.

Меѓународните научни проекти се многу значајни за интернационализација на УКИМ. Тука не ги имам предвид само истражувачките проекти туку и организирањето на заеднички студии со странски универзитети кои резултираат со издавање на заеднички или двојни дипломи. Сложени се и прилично бирократизирани постапките за аплицирање на вакви проекти, нивната подготовка, логистиката. Во моментов оваа административна обврска паѓа на товар на самите професори и асистенти. Мојата заложба е Универзитетот во рамките на Ректоратот да развие посебна организациска единица која како наш сервис ќе се занимава исклучиво со логистика и со управување со проектите. Фокусот на професорот да биде исклучиво на науката, не на административните процеси.

Следно што е потребно е да ја зголемиме нашата видливост преку доделување почесни академски титули на истакнати национални, регионални и меѓународни уметници, стопанственици, професионалци и лидери на истражувачки центри кои имаат реално влијание во културата, во економијата и во развојот.
Потребно ни е поединци од светска академско-експертска елита да се појави на УКИМ, да донесеме нобеловци и врвни светски умови кои ќе одржат почесни предавања во нашите амфитеатри. Понатаму потребно е да стимулираме професори од високорангирани универзитети да работат како коментори на наши докторанди.

Постојат многу мерки и чекори кои ни стојат на располагање, треба само да се сака да се работи.

Научно-технолошкиот парк и стартап инкубаторот звучат како голем исчекор и носат силна развојна компонента. Како ќе се трансформира УКИМ во екосистем што создава иновации и нови бизниси?

Д. Данев: Веќе постои заедничка иницијатива на Владата и на „Македонија 2025“ за изградба на мултифункционален научно-технолошки парк во рамките на техничкиот кампус во Карпош 2. Тоа според мене претставува капитален проект во кој, за жал, не видовме изразена активност или сериозна посветеност на УКИМ, а токму Универзитетот треба да ја преземе улогата на двигател и менаџер на процесот. Овој парк може да генерира профит од развој на нови технологии, а за ова нема институција посоодветна од УКИМ. Така УКИМ ќе има директен финансиски бенефит, ќе привлече млади умови и ќе оствари интензивна соработка со индустријата. Научно-технолошкиот парк нема да биде само зграда, туку вистинска фабрика за нови компании. Целта е да воспоставиме екосистем каде што секоја иновативна идеја од наш студент или професор ќе добие посветено менторство, правна заштита од нашите колеги од Правниот факултет и првично финансирање од УКИМ. Овие стручни тимови ќе помогнат разменетите идеи да се претворат во европски грантови и да прераснат во реални трговски друштва (спин-оф). Вака треба да изгледа вистинскиот пат од идеја во лабораторија до готов производ на пазарот.

Често зборувате за институционален интегритет и авторитет. Што ќе значи тоа во практика? Дали УКИМ повторно ќе стане клучен глас во креирањето на политиките во државава?

Д. Данев: Авторитетот се стекнува со знаење и со интегритет. Институционален интегритет, пак, значи законито, етичко, одговорно и транспарентно работење на институцијата. На ниво на УКИМ, тоа значи објективно спроведување на испити и издавање на дипломи, законити избори и реизбори во звања, објавување научни трудови изготвени без посредство на незаконити дејствија, транспарентност во вработувањата и трошењето на парите, како и во спроведување на процесот на мобилност на студентите, спречување на конфликт на интереси и слободно јавно изразување на мисла која во себе вклучува и критика на негативните општествени појави и давање предлози за нивно надминување. Дури кога сите овие критериуми, принципи и постулати доследно ќе бидат спроведени, тогаш може да се зборува за постоење на систем за јакнење на институционалниот интегритет на УКИМ, а со тоа и враќање на неговиот општествен авторитет. Тоа, пак, ќе биде основното средство на УКИМ за справување со нелојалната конкуренција на која сме изложени поради енормно високиот број универзитети чија цел не е квалитетот, туку профитот преку производство на дипломи. Така стекнатиот авторитет неминовно води кон посакуваната состојба, креирањето и спроведувањето на политиките за сите прашања од поширок општествен интерес да се врши во консултации со УКИМ.

Разговараше: Митко Јовановски
Економија и бизнис, 15 април 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано