Мега интервју со Александар Стојков, редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје
Глобалната трговија влегува во период на фрагментација, со растечки царини, со геополитички тензии и со преобликување на синџирите на снабдување. Преку кои главни канали овие глобални промени (ќе) влијаат врз извозниот модел и екстерната позиција на земјава?
А. Стојков: Во моментов, светското внимание е вперено кон Блискиот Исток. Од аспект на можните последици, досегашните проблеми со царините изгледаат како „лесна настинка“. Покрај човечките жртви, кои сведочат за уште еден генерациски пораз во XXI век, војната се заканува да предизвика сериозна стагнација и повисока инфлација. Едниот канал на пренесување на кризата е преку цените на енергентите. Сѐ зависи од тоа дали цената на суровата нафта ќе ја надмине рекордната цена од 147,5 САД долари за барел (брент) во јули 2008 година и дали ќе остане на високо ниво и во следниве месеци. Македонската економија веќе ги чувствува високите цени на горивата. Ако опстојат, многу поопасен е последователниот ценовен удар, кога поскапиот транспорт ќе предизвика пораст на цените на сите останати производи.
Вториот канал е трговијата, пред сѐ, со ЕУ, кон која е насочен над 75 % од нашиот извоз. Забавувањето на европската индустрија значи помала надворешна побарувачка за македонските производи, а особено за нашата значајна индустрија на автомобилски компоненти. Проблемот е што конкурентноста во еврозоната стагнираше и пред војната на Блискиот Исток. Оттука комбинацијата на повисоки увозни цени и намален извоз би го продлабочила нашиот трговски дефицит. Третиот канал е финансискиот. Повисоките премии за ризик и каматни стапки на европскиот континент ќе значат поскап капитал и за фирмите и за државите, што ќе ги погоди инвестициите и извозот. Сценаријата варираат од „најцрни“ (цена на сурова нафта над 200 САД долари за барел и недостиг на храна и на основни производи) до пооптимистични (брз крај на војната). Сите канали на пренос ќе наметнат многу сериозен тест за македонскиот извозен модел кој е европски ориентиран и увозно зависен.
Македонскиот извоз на стоки сè уште е концентриран во релативно тесен опсег на сектори како автомобилски компоненти, метали и текстил. Колку е ранлива оваа структура на извозот при евентуално забавување на побарувачката во ЕУ, нашиот доминантен трговски партнер?
А. Стојков: Геополитиката и географијата придонесоа за висока концентрација на извозот кон ЕУ, особено кон Германија. Тоа ја зголемува нашата ранливост на намалена побарувачка од страна на европската индустрија и на новините во регулативите на ЕУ (на пр., прекугранично јаглеродно приспособување). Покрај географската, присутна е и концентрација на извозот во неколку производи: катализатори; изолирани жици, кабли и други изолирани електроспроводници; седишта… Иако би било пожелно, структурата на нашиот извоз не може да се менува преку ноќ. Таа е детерминирана од квалификациите на работната сила. Препорачливо е економската дипломатија, во соработка со стопанските комори, да поттикне географска и производна диверзификација. Треба да се идентификуваат и да се целат нови пазари. Потребно е да се направат анализи на трошоци и на корист од нови договори за слободна трговија. На пример, со државите од Северна Африка (Магреб), Меркосур, Канада, Јужна Кореја, Јапонија… И покрај тоа што некои држави не се сметаат за геополитички значајни актери, нивната важност за географска диверзификација на извозот не треба да се потцени. Доволно е на бизнис-секторот да му се отворат нови трговски патишта, а тој самиот ќе си го пронајде интересот.
Меѓународните институции често ги нагласуваат структурните реформи − пазарот на труд, инфраструктурата и продуктивноста − како клучни за подобрување на трговските резултати. Кои конкретни реформи би имале директен ефект врз извозната конкурентност и намалувањето на надворешната нерамнотежа?
А. Стојков: Многумина ја забележуваат нашата повеќедецениска патолошка опседнатост со донесување стратегии и, за жал, изразениот недостиг на имплементација и усогласеност. Потребните реформи се веќе идентификувани во важечките стратегии за паметна специјализација, промоција на извозот, индустриска политика, човечки капитал… Добро е да се погледне и „крвната слика“ на бизнис-окружувањето, направена во „Бизнис реди“ („Business Ready“), извештајот на Светска банка за 2024 и 2025 година. Се потенцира дека приоритет треба да биде подигнувањето на квалитетот на јавните услуги. Потребна е операционализација на реформите во акциските планови со прецизни рокови и одговорни институции. На пример, дигитализацијата на царинските процедури и скратувањето на времето на чекање на граничните премини може значајно да го намалат времето на извоз и на увоз. Поддршката за дигитална трансформација на компаниите или за ревитализацијата на земјоделството, исто така, многу поволно ќе влијае на извозот.

Извозните резултати на Северна Македонија се тесно поврзани со моделот на СДИ и индустриските зони. Дали овој модел сè уште генерира доволни „ефекти на прелевање“ во домашната економија или веќе се соочува со опаѓачки придобивки? Дали треба да се менува моделот на привлекување на СДИ?
А. Стојков: Политиката на привлекување на СДИ беше една од најуспешните економски политики во изминативе две децении. Повеќето анализи покажуваат позитивен нето-ефект на извозноориентираните компании врз вработеноста, извозот, буџетските приходи… Главните адути ни беа евтината работна сила, обилната државна помош (вклучително и даночните олеснувања), географската блискост до ЕУ и поволното бизнис-окружување, според Светската банка. Ефектите на прелевање и досега беа мали поради високиот увоз на влезни материјали и малкуте домашни доставувачи кои можеа да ги опслужат странските инвеститори. Затоа индустриските зони функционираат како енклави, без значајно прелевање во домашната економија. Во последнава деценија работната сила станува исклучително редок ресурс и оваа предност се губи. Сметам дека моделот на привлекување на СДИ не треба да се напушти, но треба да се трансформира. Може да се експериментира со условена или скалеста државна помош, во зависност од секторот (ниска или голема додадена вредност, одржлива индустрија или не), степенот на користење на локални ресурси и на доставувачи… Треба да се обнови соработката и со одборите на директори во централите на странските компании. Недостасува една сеопфатна и квалитетна анализа на сета корист и на трошоците поврзани со привилегираниот третман на индустриските зони, односно колку Македонија добива, а колку губи со постојниот модел на привлекување на СДИ.
Со веројатниот раст на инфлацијата, неизбежно предизвикан од енергетскиот шок што следува и веројатното покачување на глобалните каматни стапки и затегање на условите за позајмување, колку е изложена земјава на ризици во однос на идното финансирање од странство?
А. Стојков: Проценките на ММФ се дека зголемувањето на цената на суровата нафта на ниво од 85 САД долари за барел би предизвикало, во просек, зголемување на стапката на инфлација за 0,6 процентни поени и намалување на стапката на економски раст за 0,3 до 0,4 процентни поени во 2026 година. Ако досега сме проектирале стапка од 3 %, инфлацијата би била 3,6 %. Бидејќи цената на нафтата е веќе многу повисока, влијанието врз инфлацијата ќе биде значајно поголемо. Ова е ноќна мора за многу централни банки и влади. Ќе следува притисок за зголемување на платите и за преземање на фискални мерки (пр., намалување на ДДВ и акцизи) за справување со инфлацијата. Идното финансирање од странство нема да биде проблем, но ќе биде поскапо. Секако, на располагање ни стојат и поволни кредитни линии од ММФ, од ЕБОР, од ЕИБ… Сметам дека треба однапред да обезбедиме поволно надворешно финансирање со кое ќе имаме резерви за справување со кризата и можност за брзи кредитни линии за ликвидност за домашните фирми. Сето предвидено задолжување за годинава треба да го обезбедиме уште сега. Доколку се нормализира состојбата, ова задолжување поради претпазливост ќе се искористи за отплата на јавниот долг или за намалување на претстојните планирани задолжувања. И оваа криза повторно и повторно нѐ потсетува дека во добри години треба да се штеди и да се акумулираат резерви за справување со идни кризи. Проблемот е што годината ја прогласуваме за добра дури откако ќе помине.
Како ја оценувате состојбата во која се наоѓа македонската економија и патеката по која се движи? Што е она што треба да го направиме како земја за да ја постигнеме потребната конкурентност и долгорочна одржливост на позабрзан економски раст?
А. Стојков: Македонската економија треба да ја избегне „замката на средниот доход“. Што значи тоа? Да не останеме заглавени со низок раст од 2 до 3 % и на средно високо ниво на економски развој со децении. Без силни и ефикасни институции, економијата ќе остане заробена во производство со ниска додадена вредност, голема сива (незаконска) економија и распространета корупција. Европските интеграции и целосната интеграција во единствениот европски пазар можат многу да помогнат на овој план. На среден и на долг рок, продуктивноста и конкурентноста ќе зависат од два клучни фактора: квалитетот на образованието и капацитетот на институциите. За жал, демографските трендови дополнително ги отежнуваат овие напори, а работната сила станува многу ограничена. Во такви услови, компаниите ќе треба многу да инвестираат во автоматизација, во вештачка интелигенција, во обуки и во задржување на вработените. Секако, и квалитетот на инфраструктурата е многу важен, но веќе сме фокусирани на овој приоритет. Важно е и што повеќе луѓе да ги чувствуваат придобивките на растот, односно да не градиме олигархиски капитализам. Предуслов за стимулирање и за синергија на сите овие фактори е „каптажа на македонскиот ум“ (Љубиша Георгиевски). Се надевам научивме дека и надвор од партиите има умни и компетентни луѓе.

Неизбежно е и прашањето за предложените новини во законската регулатива за високото образование. Каков е вашиот став за состојбите во високото образование во земјава, потребата за промени и какви да бидат тие?
А. Стојков: Високото образование во изминативе неколку децении беше пример и на неуспех на пазарот и на неуспех на државава. Првичната замисла беше дека влезот на приватни високообразовни установи ќе ја поттикне конкуренцијата и ќе го подигне квалитетот на високото образование. Во обид да ги зачуваат студентите и приходите, многу факултети на јавните универзитети ги снижија критериумите. Слабата регулација на високото образование овозможи основање „печатници на дипломи“ организирани според принципот „плати и носи“ („Cash & Carry“). Некои од универзитетите работеа според срамно ниски стандарди, честопати спротивно на законот. Многу млади луѓе заминаа во потрага по поквалитетно високо образование во ЕУ и во САД. Во таков амбиент, целта на предложените законски измени е да се подигнe квалитетот на високото образование, но тоа бара време. Инклузивноста на процесот е за почит бидејќи ретко кога академската заедница имала можност низ многу средби да разговара со министер за образование и наука. Потребата за промени е ургентна: ниска научноистражувачка продукција, студиски програми неусогласени со потребите на пазарот на работна сила, пропусти во акредитацијата, примери на лоша селекција на академски кадар, отсуство на надворешно вреднување, недоволна соработка со странски универзитети и професори, мала застапеност на програми со заеднички или двојни дипломи, силно влијание на моќни бизнис-групи… Најголемите предизвици се: (1) да се исцрта границата каде што завршува автономијата на универзитетите и почнува институционалната грижа и одговорност за поквалитетно образование како врвен јавен интерес, (2) да се обезбеди преоден период со амбициозни и со реалистични цели за работниот учинок на академскиот кадар и (3) доследно да се почитува донесениот закон. Во најдобар случај, ефектите од реформата би се почувствувале за 7 до 8 години…
За крај на ова интервју, прашање кое можеше да биде и прво. Светската економија влегува во турбуленција предизвикана по повеќе линии и тоа неизбежно ќе ја погоди и македонската економија. Што е она што креаторите на економските политки во земјава треба да го направат за да се намалат последиците од „невремето“ што доаѓа?
А. Стојков: Ова време на радикална неизвесност налага внимателен пристап кон планирањето: одржување на стоковните (и особено нафтените) резерви на многу високо ниво, обезбедување на компаниите со резерви на суровини и материјали над нормалното ниво, особено ако времето на транспорт станува сѐ подолго… Народната банка одржува соодветно ниво на девизни резерви од 5,6 милијарди евра, а адекватноста на капиталот на комерцијалните банки е на солидно ниво. Банкарскиот сектор е отпорен и на посериозни шокови. Во сферата на јавните финансии веќе треба да се разработени повеќе сценарија за ескалација на состојбата, посебно во однос на цената на нафтените деривати. Тоа значи пресметани фискални мерки преточени во однапред подготвени предлог-законски мерки за секое сценарио одделно. Дури и да не ескалира ситуацијата до прогласување на вонредна состојба, треба да имаме подготвен пакет на антикризни мерки. Една можна мерка се временски ограничени ваучери за прехранбени производи за социјално ранливи домаќинства. Кризата отвора и можности. Треба храбро да се влезе во системско решавање на повеќедеценискиот проблем со доцнење на повратот на ДДВ кон фирмите. Ако се залагаме за владеење на правото, тогаш мора да се почитува законски утврдениот рок од 30 дена и што побрзо да се враќаат парите во стопанството. Ниту е законски ниту е економски оправдано приватниот сектор бескаматно да ја кредитира државава во толку долг период. Основна лекција во макроекономиката е дека државата треба да биде пример за финансиска дисциплина и исполнителен должник. Би завршил со мислата дека кога дуваат ветрови на промени, некои градат ѕидови, а други градат ветерници. Наместо за криза, да зборуваме за мудро позиционирање и за нови можности.
Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис, 01 април 2026г







