Трајковски: СОС Детско село 25 години е приказна за грижа, за сигурност и за нови почетоци

Разговор со Александар Трајковски | Претседател на Управниот одбор на СОС Детско село

Љубовта кон музиката, хуманоста и животот се трите нешта кои го дефинираат д-р Александар Трајковски, редовен професор на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима и негов ректор во два мандати и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Токму желбата да помага таму каде што е најпотребно, особено на децата на кои им е потребна помош и поддршка, го поврзува со СОС Детско село каде што денес е претседател на Управниот одбор.

Со д-р Трајковски разговараме за 25-годишнината на СОС Детско село, за поддршката што ја добиваат децата и семејствата, но и за хуманоста што остава најдлабока трага.


Што значи за вас СОС Детско село?

Составен и многу важен дел од мојот живот. Во СОС Детско село влегов кога имав 32 години и долг период бев најмладиот член на Собранието и на Управниот одбор. Така, вложувајќи ги своите капацитети во развој на организацијата, истовремено се градев и се развивав и јас како личност. Сиве овие изминати години, во мноштвото обврски кои ги имам во секојдневието, кога се работи за СОС Детско село секогаш наоѓам време и енергија. Да, поради одговорноста која ја чувствувам, но првенствено поради тоа што сакам и поради тоа што сум емотивно врзан за целата приказна за него. Затоа се трудам на сите да им пренесам од мојата „инфицираност“, велејќи им дека нема ништо поубаво од личниот придонес во позитивната промена на детскиот живот.

Колку приказни, односно животи се сменети во овие 25 години и како?

Во изминативе 25 години, СОС Детско село Македонија директно и индиректно допре над 6 000 детски и семејни животи. Но, зад оваа бројка не стои статистика, туку конкретни судбини – дете кое првпат чувствува сигурност, семејство кое добива поддршка во момент кога било на чекор од безизлезност, млад човек кој добива шанса да планира иднина. Промената се случува преку континуирана грижа, професионална поддршка и верба дека секое дете заслужува стабилна и полна со љубов средина.
Кога децата не можат да растат со сопственото семејство, потребно им е друго – згрижувачко семејство кое ќе ги заштити и ќе ги исполни нивните потреби.

Колку згрижувачки семејства има денес во мрежата на СОС Детско село?

Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село во моментов обезбедува поддршка за 87 згрижувачки семејства, помагајќи им да обезбедат сигурна и стабилна средина за вкупно 170 деца и млади за да растат со грижа, со стабилност и со чувство на припадност. За многу од нив, ова е местото каде што прв пат почувствувале сигурност. Во четири мали групни домови се сместени 28 млади од 14- до 18-годишна возраст, на кои потоа им е потребна дополнителна поддршка од заедницата и подадена рака за да можат да се интегрираат во општествово.
Поддршката продолжува и кога младите го прават следниот чекор кон самостоен живот. Во изминативе 10 години им помогнавме на 1 466 млади да ги зајакнат своите можности за вработување, голем дел од нив да се вработат или пак да станат млади претприемачи.

Колку е важно и бизнис-секторот да го препознае токму тоа – дека зад секоја поддршка стои реална промена во нечиј живот?

Исклучително е важно затоа што токму препознавањето на човечката димензија ја менува филантропијата од формален чин во вистинско партнерство. Кога компаниите ќе сфатат дека нивната поддршка значи нечија нова шанса, поинаков животен пат, тогаш одлуките за општествена одговорност стануваат подлабоки и поодржливи.

Кога едно семејство ќе добие поддршка во вистински момент што значи тоа и за заедницата?

Поддржано семејство значи посилна заедница. Тоа значи помал ризик од социјална исклученост, повеќе стабилност, повеќе деца кои растат во безбедна средина и подоцна стануваат активни, одговорни граѓани. Интервенцијата во вистински момент создава бран позитивни промени кои се чувствуваат многу пошироко од самото семејство. Преку советувалиштата на СОС Детско село и обуките за родителство им помогнавме на 1 390 семејства во ризик и спречивме 3 970 деца да бидат одвоени од биолошките семејства.

Колку е важно компаниите да разберат дека вистинската општествена одговорност значи континуитет?

Вистинската општествена одговорност се гради со време. Таа бара доверба, присуство и заедничко учење. Еднократниот гест може да помогне во моментот, но континуитетот е тој што менува животни патишта. Токму во долгорочните партнерства се создава вистинско влијание. Денес СОС Детско село благодарение на дваесетина македонски компании има можност да обезбеди континуитет на своите програми и поддршка на децата и на младите. Ако во минатото моравме да вложуваме многу напори за да ги убедиме во важноста на нашата работа, денес со гордост морам да кажам дека не само што имаме долгорочни стратешки партнери во бизнис-секторот туку и често иницијативата доаѓа од страна на компаниите.

Како им објаснувате на партнерите дека вложувањето во деца и во семејства носи подлабока вредност од краткорочен резултат?

Најдиректно им објаснуваме – дека ова е инвестиција во иднината на целото општество. Поддржаното дете денес е стабилен граѓанин, а утре потенцијален вработен, лидер, родител… Вредноста не се мери веднаш, но е трајна. Тие млади градат свои семејства и стануваат дел и од општествените и од економските текови. Само треба да им дадеме шанса.

Колку е важно бизнис-секторот, институциите и граѓанските организации да дејствуваат заедно?

Денес повеќе од кога било. Ниеден сектор сам не може да одговори на сложените општествени предизвици. И во најразвиените земји, и невладиниот сектор и бизнис-заедницата се важни чинители во заедниците и тие покриваат одредени прашања со кои ни државите не можат самостојно во целост да ги совладаат. Само преку сојузништво, споделена одговорност и заедничка визија можеме да постигнеме долгорочни решенија.

Каква улога можат да имаат компаниите во создавање чувство на сигурност и нов почеток?

Компаниите можат да бидат столб на стабилност – преку доследна поддршка, преку вклучување на своите вработени, преку јасна порака дека грижата за децата е вредност што ја живеат, а не само ја декларираат. Децата се темелот на секое општество и начинот на кој денес се грижиме за нив го обликува светот во кој сите ќе живееме утре. Кога едно дете расте во средина исполнета со сигурност, со поддршка и со можности за правилен развој, тоа не добива само шанса за лична среќа туку и капацитет да придонесува за заедницата. Инвестирањето во децата значи вложување во посилно, постабилно и поодржливо општество – со помалку социјални ризици, повеќе солидарност и поголем човечки потенцијал. Грижата за децата не е само морална обврска туку и најпаметната долгорочна инвестиција што едно општество може да ја направи.

Како наједноставно би им објасниле на бизнис-лидерите дека ова е прашање и на општествена стабилност?

Општество кое се грижи за децата е општество со помалку ризици и повеќе потенцијал. Стабилните деца денес значат стабилна економија и здрава заедница утре.

Кoja порака би сакале да ја испратите од одбележувањето на јубилејот до компаниите и до одлучувачите?

Дека имаат моќ да бидат дел од промената на многу детски животи. Дека преку партнерство, визија и човечност можат активно да придонесат за поодржлива, за посигурна и за погрижлива иднина – онаква иднина каква што секое дете ја заслужува. СОС Детско село е одговорен и кредибилен партнер со докажана доверба и отчетност и заедно со нивната поддршка ќе можеме да обезбедиме топол дом и грижа за поголем деца на кои им се потребни.



Економија и бизнис, 15 мај 2026г.
Разговараше: Ќирко Бошкоски

Повеќе од истиот автор

Најчитано