Жито Лукс одбележува 80 години. Како гледате на овој јубилеј?
Д. Плакоутсис: Јубилеј од 80 години не е само бројка, туку сведоштво за континуитет, за посветеност и за доверба што се граделе низ годините. Но, и одговорност кон генерации потрошувачи кои израснале со нашите производи. За нас во Жито Лукс, овој значаен момент претставува потврда дека сме успеале да создадеме стабилна и препознатлива компанија која е дел од секојдневието на граѓаните со децении.
Јубилејот го доживуваме и како признание за трудот на сите вработени − и сегашни и поранешни − кои со својата работа, знаење и посветеност го граделе брендот и го поставиле како лидер во мелничко-пекарската индустрија. Во исто време, тоа е и благодарност до нашите потрошувачи и партнери чија доверба ни овозможи да растеме и да се развиваме.
Но, 80 години историја не значат само осврт наназад. Напротив, ова е силна мотивација да продолжиме напред, со инвестиции во модерни технологии, унапредување на квалитетот, проширување на асортиманот и следење на современите трендови во исхраната. Нашата цел е да останеме компанија која ги спојува традицијата и иновацијата, задржувајќи го препознатливиот квалитет, а воедно одговарајќи на новите потреби на пазарот.
Земјава традиционално зависи од увоз на пченица. Дали е тоа стратешки ризик за индустријата?
Д. Плакоутсис: Зависноста од увоз на пченица е реалност со која се соочува не само Северна Македонија туку и голем дел од регионот. Од аспект на индустријата, тоа секако претставува потенцијален стратешки ризик, особено во услови на глобални кризи, нарушени синџири на снабдување или ценовни шокови на светските пазари. Глобалните случувања во последниве години јасно покажаа колку синџирите на снабдување можат да бидат ранливи, особено кога постои зависност од увоз. Ова ја зголемува изложеноста на ценовни шокови, на геополитички ризици и на логистички проблеми.
Затоа во Жито Лукс активно работиме на диверзификација на изворите на снабдување, односно обезбедување сигурни и повеќекратни извори на снабдување, градење стабилни партнерства, како и стратешко планирање на резервите.
Нашата цел е да обезбедиме континуитет во снабдувањето и стабилност на производството, без компромис во квалитетот.
Какви ризици носат тековните глобални економски случувања за работењето на Жито Лукс?
Д. Плакоутсис: Прехранбената индустрија во целина е директно зависна од глобалните текови на суровини, на енергија и на логистика, па оттаму и глобалните економски случувања носат повеќеслојни ризици за сите, а особено за нас.
Пред сè, еден од најизразените ризици е ценовната волатилност на суровините, особено на пченицата. Иако глобалните цени во одредени периоди се стабилизираат, тие остануваат чувствителни на климатски услови, на геополитички тензии и на трговски ограничувања. Во последниве месеци, дополнително се забележува и раст на цените на житарките, поттикнат од повисоки трошоци за производство и енергија.
Вториот клучен ризик е растот на цените на енергијата, кој има директно влијание врз производствените трошоци. Актуелните геополитички случувања, особено на Блискиот Исток, доведуваат до зголемени цени на горивата и на транспортот, што пак се прелева во целокупниот синџир на снабдување.
Трет аспект е нарушувањето на синџирите на снабдување. Глобалните конфликти и логистичките ограничувања влијаат врз достапноста на клучни влезни ресурси како ѓубрива и енергенти, што може да доведе до намалени приноси и дополнителен притисок врз цените на храната. Ова индиректно влијае и врз стабилноста на снабдувањето со пченица.
Покрај тоа, треба да се земе предвид и поширокиот макроекономски контекст, забавување на глобалниот раст, инфлациски притисоци и повисоки каматни стапки. Сето тоа влијае врз куповната моќ на потрошувачите и може да доведе до промени во потрошувачките навики, односно ориентација кон поевтини производи.
Сепак, во вакви услови, клучно е компаниите да покажат флексибилност и адаптабилност. За Жито Лукс тоа значи внимателно управување со трошоците, диверзификација на доставувачите, рационализација на производството и континуирано следење на пазарните трендови.

Дали потрошувачите ги менуваат навиките и сè повеќе избираат квалитет и здрави производи?
Д. Плакоутсис: Да, навиките на потрошувачите видливо се менуваат и денес тие се многу поинформирани, посвесни и поисклучителни кога станува збор за изборот на храна. Сè повеќе се бараат производи што, покрај добар вкус, нудат и нутритивна вредност, природни состојки, функционалност и практичност во секојдневието.
Во Жито Лукс овие трендови ги препознаваме навремено и затоа континуирано ја развиваме палетата производи. Покрај традиционалните и најбарани видови леб како бел, полубел, интегрален и фурнаџиски леб, кои и понатаму имаат значајно место на трпезата на потрошувачите, постојано ја прошируваме понудата и со нови категории.
Во сегментот на нутритивни лебови нудиме производи збогатени со семиња, со житарки и со состојки богати со растителни влакна, како лебови со ленено семе, со сончоглед, со овес и со мешавини од зрна. Овие производи се наменети за потрошувачи кои сакаат побалансирана исхрана, подолготрајна ситост и дополнителна нутритивна вредност во секојдневното мени.
Во категоријата тост лебови, потрошувачите денес бараат практичност и разновидност, па затоа во понудата имаме класичен бел тост, интегрален тост, тост со житарки (’ржан или мешавина од зрна), како и бриош кој е со неодолив вкус на путер. Понов производ ни е протеинскиот леб кој е наменет за потрошувачи со активен животен стил, за спортисти или за сите кои внимаваат на внесот на протеини и сакаат подолготрајна ситост.
Посебно место имаат и лебовите со 100 % цели зрна, кои се сè повеќе барани кај потрошувачите кои водат грижа за здравјето. Тие природно содржат повеќе растителни влакна, витамини и минерали, придонесуваат за подобро варење и обезбедуваат постепено ослободување на енергијата. Тоа ги прави одличен избор за балансирана исхрана и активен животен стил.
Посебно сме горди на нашиот дија леб кој е направен од 100 % интегрално пченично и 100 % интегрално ’ржано брашно и содржи недигестибилни јаглехидрати кои овозможуваат одржување на нормално ниво на гликоза во крвта. Тој е погоден за лица со дијабетес и токму затоа е поддржан од Сојузот на здруженија на дијабетичари на РСМ.
Навиките и потрошувачите се менуваат, а нашата задача е да понудиме разновидност, од традиционалниот вкус што го познаваат генерации до современи производи што ги следат новите трендови во исхраната.
Која е вашата најголема конкуренција денес?
Д. Плакоутсис: Конкуренцијата во мелничко-пекарската индустрија е исклучително динамична и доаѓа од повеќе нивоа. За Жито Лукс, конкуренцијата не се сведува само на еден играч, туку на поширок екосистем.
Тука се, секако, пред сè, домашните производители кои се добро позиционирани, имаат развиени дистрибутивни мрежи и силна поврзаност со локалните потрошувачи. Тие се значаен фактор, особено во сегментот на свеж леб и на традиционални производи.
Но, и регионалните и увозните брендови стануваат сè поприсутни, особено во сегментите на пакувани производи, бисквити и специјализирани пекарски производи. Отворените пазари носат поголем избор за потрошувачите, но и зголемен притисок врз цените и квалитетот.
Не треба да се занемари и т.н. индиректна конкуренција, малите локални пекарници, трговските синџири со сопствено производство, па дури и приватните трговски марки кои сè повеќе инвестираат во квалитет и во препознатливост.
Во таква средина, нашата најголема конкуренција, всушност, е способноста континуирано да се подобруваме, да го задржиме квалитетот, постојано да вложуваме во иновации и да ја оправдаме довербата на потрошувачите. Успехот на крајот зависи од тоа колку брзо и ефикасно ќе одговориме на промените на пазарот.
Би рекол, конкуренцијата е силна и разновидна, но токму тоа нè поттикнува постојано да бидеме подобри и поиновативни.
Во услови на силна конкуренција, зошто најголем број граѓани го избираат Жито Лукс? Што е тоа што ја прави компанијата поразлична од другите?
Д. Плакоутсис: Верувам дека потрошувачите ја избираат нашата компанија, пред сè, поради довербата што се градела со децении. Кога еден бренд е присутен 80 години на пазарот, тоа значи дека генерации потрошувачи ги препознале неговиот квалитет, сигурност и конзистентност.
Она што го прави Жито Лукс поразличен е комбинацијата од традиција, индустриски капацитет, врвни стандарди за квалитет и континуирани иновации. Мал број компании можат да се пофалат со повеќедецениско наследство, а истовремено да останат современи, динамични и усогласени со највисоките меѓународни барања.
Клучен фактор, секако, е контролираниот и стабилен квалитет. Кај нас секој процес, од изборот на суровините, преку мелењето на пченицата, до финалниот производ, е под постојан надзор и според високи стандарди за безбедност и за квалитет на храната. Компанијата работи според ISO 22000 стандардот за безбедност на храната, интегриран со ISO 9001 системот за управување со квалитет, HACCP-принципите и добри производствени и хигиенски практики. Во 2023 година, компанијата беше сертифицирана и според IFS Food, еден од најреномираните меѓународни стандарди за безбедност и за квалитет во прехранбената индустрија.
Дополнително, голема предност е тоа што Жито Лукс располага со сопствен мелнички капацитет, што овозможува подобра контрола на квалитетот уште од суровината, односно од изборот и обработката на пченицата. Лабораториските анализи и контролите се спроведуваат според ISO 17025, што значи високо ниво на прецизност, компетентност и сигурност во тестирањето.
Потрошувачите нè избираат и поради разновидноста на понудата. Од традиционалните бели, полубели и фурнаџиски лебови, до интегрални, протеински, дија, тост и лебови со 100 % цели зрна, се стремиме да одговориме на различните навики и потреби на современиот потрошувач.
Секако, важен е и факторот достапност, нашите производи се присутни низ целава земја и секојдневно се блиску до потрошувачите.
Едноставно, кога граѓаните го избираат Жито Лукс, тие избираат бренд што го познаваат, му веруваат и знаат дека зад него стојат традиција, контрола, квалитет и постојано унапредување.

Колку се важни иновациите за компанија со 80-годишна традиција како Жито Лукс?
Д. Плакоутсис: Иновациите се неопходни за секоја компанија што сака да остане лидер и по толку години успешно работење. Традицијата е силна основа, но сама по себе не е доволна доколку не се надградува со нови идеи, со современи технологии и со производи што одговараат на денешните потреби на потрошувачите.
Во Жито Лукс, иновациите ги гледаме како континуиран процес. Тоа значи инвестиции во модерни производствени линии, подобрување на ефикасноста, унапредување на квалитетот и развој на нови производи. Благодарение на таквиот пристап, денес покрај традиционалните производи нудиме и функционални, нутритивни и практични решенија што се усогласени со современите трендови во исхраната.
Иновацијата не се однесува само на производите туку и на начинот на работа, на дигитализација на процесите, на подобро планирање, на одржливо користење на ресурсите и на повисоки стандарди за безбедност на храната.
За нас иновациите се начин традицијата да остане жива, релевантна и успешна и во иднина.
Како се справувате со недостигот на работна сила?
Д. Плакоутсис: Ова е еден од најголемите предизвици со кои се соочува целата индустрија, а не само Жито Лукс. Овој тренд е резултат на повеќе фактори, од демографски промени и иселување на работоспособното население до променети очекувања кај новите генерации.
Нашиот пристап е повеќеслоен. Пред сè, инвестираме во задржување на постојниот кадар преку подобрување на условите за работа, конкурентни примања и можности за професионален развој. Веруваме дека лојалноста и стабилноста се градат преку долгорочна грижа за вработените.
Паралелно силен фокус ставаме на обука и на дообука бидејќи сè почесто се соочуваме со недостиг на специфични вештини. Затоа развиваме интерни програми кои им овозможуваат на вработените да напредуваат и да се прилагодуваат на новите технологии и процеси.
Важен сегмент е инвестицијата во автоматизација и во модернизација. Со воведување на современа опрема и рационализација на производството не само што ја зголемуваме ефикасноста туку и ја намалуваме зависноста од одредени профили на работна сила.
Решението не е едноставно, ниту брзо, но со комбинирање на грижа за луѓето, развој на вештини и технолошки инвестиции успеваме да го ублажиме овој предизвик и да обезбедиме континуитет во работењето.
Каде ќе биде Жито Лукс за 10 години?
Д. Плакоутсис: Нашата визија за Жито Лукс е да биде уште посилна, помодерна и поинтегрирана компанија која ќе има значајна улога не само на домашниот туку и на поширокиот регионален пазар.
Целта за наредниве 10 години е да продолжиме да се развиваме нудејќи на пазарот широко портфолио адаптирано на луѓето од сите генерации, внесувајќи разновидност и квалитет на трпезите во регионот во согласност со светските трендови во пекарската индустрија во ера на постојани промени.
За да го постигнеме тоа, ќе продолжиме со инвестиции во технологии, во луѓе и во иновации, но и ќе останеме доследни на нашите вредности бидејќи само на тој начин можеме да ја оправдаме довербата што ја градиме веќе 80 години и да обезбедиме одржлив раст во иднина.
Накратко, за 10 години ја гледаме компанијата како современ, стабилен и конкурентен регионален лидер кој успешно ја спојува децениската традиција со иднината што активно ја градиме денес.
Економија и бизнис. 15 мај 2026г.
Разговараше: Ќирко Бошкоски








