Општина Делчево на 30 април ќе организира бизнис-форум под мотото „Заедно да подадеме рака на развојот“, чија цел е да обезбеди простор за поврзување на локалната бизнис-заедница, институциите и потенцијалните инвеститори, како и за размена на идеи и иницијативи насочени кон економски развој на општината.
Форумот ќе се одржи во салата на Спомен-домот АСНОМ со почеток во 12 часот, а според најавите, на настанот ќе присуствуваат претставници од бизнис-секторот од Делчево и од регионот, претставници од централната власт, како и претставници на Македонско-бугарската стопанска комора.
На бизнис-форумот ќе бидат отворени повеќе теми значајни за локалниот економски развој, меѓу кои инвестициските можности што ги нуди Делчево, процесите на иновации и дигитализација во стопанството, можностите за соработка со соседните региони, како и потенцијалите за развој и пласман на локални производи.
Од Општина Делчево информираат дека целта на форумот е да се воспостави отворен дијалог меѓу бизнис-заедницата и институциите, преку кој ќе се идентификуваат можностите за унапредување на деловната клима и за креирање нови економски иницијативи.
Организаторите очекуваат форумот да придонесе кон зајакнување на партнерствата меѓу јавниот и приватниот сектор, како и кон отворање нови перспективи за локалните компании преку подобра меѓусебна координација и поддршка на инвестициските процеси.
-Во услови кога локалниот економски развој станува сѐ позначаен фактор за задржување на младите и за подобрување на животниот стандард, ваквите иницијативи се оценуваат како важен чекор кон создавање поповолна деловна средина и одржлив развој на Делчево и поширокиот регион- потенцираше градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
Со организирањето на форумот, како што додаде тој ,Општина Делчево испраќа порака за активен пристап во градењето економски партнерства и заедничко креирање услови за развој, со акцент на искористување на локалните ресурси, поддршка на претприемништвото и привлекување нови инвестиции.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис






