Мицкоски – Штокер: Има голем потенцијал за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји

Македонија и Австрија имаат извонредни билатерални односи во сите сфери, но постои голем простор и потенцијал за интензивирање на економската соработка, оценија премиерот Христијан Мицкоски и австрискиот канцелар Кристијан Штокер на денешната средба во Виена.

Како што истакнаа на прес-конференција, можност за јакнење на бизнис врските има во повеќе области, посебно во делот на инвестициите и туризмот.

Мицкоски и Штокер информираа и за мерките што нивните влади ги преземаа во однос на кризата.

-Воведовме кочница на цената на горивата во Парламентот, со двотретинско мнозинство, даноците за бензинот и дизелот ги намаливме, нафтените фирми ги ограничивме за маржите. Се спречува непрорпорционалното зголемување на цените, а целта е јасна – ниту државата, ниту фирмите да бидат профитери. Секој месец правиме нови анализи и оценки. Ќе видиме како понатаму ќе дејствуваме, изјави Штокер.

На новинарско прашање за еконоските односи со Северна Македонија, напомена дека има огромен потенцијал за нивно интензивирање.

-Во економијата имаме огромни потенцијали за интензивирање, имаме волумен што треба да се пополни и во надворешната трговија, а може да се зголеми и бројот на австриски компании во Македонија. И во туризмот гледам потенцијал за уште посилна соработка, рече Штокер.

Премиерот Мицкоски потсети дека Македонија во делот на горивата е на трето место во Европа според обемот на преземени мерки како процент од БДП.

-Имаме убедливо најниски цени на дизелот и безоловните горива во регионот и тоа ни создава мал предизвик, зашто кај соседите се за 40 – 60 центи поскапи. Тоа го зголемува конзумот за 30 отсто, но ние и покрај тоа не одлучивме да воведеме забрана за соседите за користење на нашите потенцијали, ниту забранивме извоз на нафта и нафатени деривати. Во таа насока ќе продолжиме зашто сега се тешки времиња и не смее никој непринципиелно да профитира. Ја следиме состојбата на дневно ниво. Во однос на економската соработка со Австрија, на тет-а-тет средбата со Штокер разговаравме за можностите да се продлабочи. Потенцијалот е голем, а сигурен сум и дека австриските компании се чувствуваат кај нас како дома, потенцира Мицкоски.

Тој и Штокер попладнево ќе учествуваат на бизнис форумот во Виена.


Извор МИА

фото: ФБ на премиерот Христијан Мицкоски

Повеќе од истиот автор

Најчитано