По две недели, на 28 април, на единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, од 12 до 14 часот, со тајно гласање, ќе се избира ректор на УКИМ за мандатниот период 16 септември 2026 – 15 септември 2029 година.
Во трка се двајца кандидати – актуелната ректорка, проф. д-р Биљана Ангелова, која е редовен професор на Економскиот институт во Скопје, и проф. д-р Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје. Тие се пријавени на огласот за нов ректор на УКИМ и поднеле комплетна документација со која се докажува дека ги исполнуваат условите од јавниот оглас.
Утре е последниот ден од рокот за поднесување приговори за листата на кандидати за избор на ректор, утврдена на 8 април, по завршувањето на огласот за пријавување кандидати, кој траеше од 16 март до 7 април.
Од Универзитетската изборна комисија (УИК) за МИА велат дека активностите се одвиваат според роковникот и оти и понатаму ќе се работи според временската рамка за спроведување на потребните дејства за избор на ректор на УКИМ. Не очекуваат приговори по утврдената листа со кандидати, а ако евентуално стигнат, по нив ќе се одлучува во наредните три работни дена (16, 17 и 20 април) и потоа, на 21 април, на веб-страницата на УКИМ ќе бидат објавени програмите за работа, биографските и библиографските податоци на кандидатите за ректор.
До денот на изборите ќе биде утврден единствен избирачки список и технички ќе бидат подготвени гласачките материјали и гласачките ливчиња. Ден пред гласањето на единиците на составот на УКИМ изборните комисии ќе го подигнат изборниот материјал од УИК. Според роковникот, резултатите од тајното гласање треба да бидат објавени на крајот од денот на изборите (28 април), а потоа ќе следува тридневниот рок за приговори по резултатите – од 29 април до 5 мај.
Според временската рамка, предвидени се и термини за евентуално прегласување заедно со рок за приговори и нивно разгледување, а на 14 мај ќе бидат објавени конечните резултати за избор на ректор на УКИМ.
Проф. д-р Дарко Данев беше декан на Машинскиот факултет во два мандата (2016 – 2023). Во својата кандидатура тој најави визија за УКИМ како модерен, отворен и меѓународно конкурентен универзитет, со фокус на дигитализација, унапредување на квалитетот на наставата, поврзување со индустријата и поголема поддршка за студентите и младите истражувачи.
Според Данев, УКИМ има капацитет да биде двигател на развојот на државата и негова цел е Универзитетот да биде препознатлив по знаење, иновации и вредности и да ги задржува и развива најдобрите млади кадри.
Проф. д-р Биљана Ангелова е актуелна ректорка на УКИМ, кадар од Економскиот институт, која на 16 септември 2023 ја презеде функцијата од нејзиниот претходник, проф. д-р Никола Јанкуловски. Во нејзиниот досегашен мандат стратешки проект што почна да се реализира лани е дигитализација на сервисите за студентите, а приоритети и беа и интернационализација, модернизирање, евалуирање и унапредување на наставните програми, со цел УКИМ да прерасне во отворен универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високообразовен и научноистражувачки простор.
Во интервју за МИА минатата година Ангелова истакна дека Универзитетот се „позиционира како водечка институција во земјата и регионот со силна меѓународна вмреженост и потенцијал за иновации“.
УКИМ денес стои како пример за отворен, инклузивен и проактивен универзитет, кој не само што ги следи европските вредности, туку активно учествува во нивното дефинирање и промовирање преку образование, истражување и иновации, изјави Ангелова за МИА лани во јуни.
Програмите за работа, биографските и библиографските податоци на кандидатите за ректор ќе бидат објавени наредниот вторник, 21 април, на веб-страницата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Изборот на новиот ректор на најстариот и најголем универзитет во државата се совпаѓа со донесувањето нови закони – закон за високо образование и закон за квалитет во високото образование (заедно со законот за научноистражувачка дејност), кои содржат многу новини и заострени критериуми во високообразовната дејност.
извор МИА





