Европското небо беше попрометно од кога било за време на летната туристичка сезона, од јули до август 2026 година, и покрај прекините предизвикани од војната на Блискиот Исток. Според податоците објавени од Евроконтрол, европската организација за безбедност на воздушната навигација, во Европа имало просечно 35.959 летови дневно, што е за 2,4 проценти повеќе отколку во 2025 година. Рекордот беше поставен во петок, 10 јули, со 37.640 летови.
И покрај зголемувањето на сообраќајот низ целиот континент, 72,6 проценти од летовите пристигнаа на време, што е за 1,2 процентни поени повеќе отколку во 2025 година, објавува Евроњуз.
Франција остана убедливо најтешко погодената земја кога станува збор за доцнења предизвикани од проблеми со управувањето со воздушниот сообраќај. Само таа учествуваше со 32 проценти од сите такви доцнења.
Иако Евроконтрол призна дека војната меѓу САД и Иран „влијаела“ на туристичката сезона оваа година, конфликтот, исто така, ги охрабри многу Европејци да ги поминат своите одмори на сопствениот континент, кој се смета за побезбеден.
Извештајот на Евроконтрол покажа дека конфликтот довел до намален воздушен сообраќај во Бугарија и Унгарија, но исто така и до „значително зголемување“ на сообраќајот кон земји како што се Албанија, Хрватска, Кипар, Грција, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија. Во исто време, се бележи „континуиран раст во југозападна Европа“.
Рекордниот број патници на грчките аеродроми го турна системот за контрола на воздушниот сообраќај таму до неговите граници, особено за време на врвот на туристичката сезона.
Четиринаесет земји го регистрираа најголемиот дневен број на пристигнувања и заминувања на авиони во нивната историја ова лето. Меѓу нив се Албанија, Ерменија, Грузија, Грција, Ирска, Италија, Молдавија, Македонија, Црна Гора, Португалија, Србија, Словачка, Шпанија и Турција, пренесува Тпортал.
Фото Економија и бизнис








