ЗА ГРАЃАНИТЕ ОД НАСЕЛБА ЧЕНТО отворена 17. канцеларија „Една точка за услуги“, електронските услуги

Во Домот на културата во населбата Ченто е отворена 17-тата канцеларија „Една точка за услуги“, место на кое граѓаните од оваа општина ќе може да извадат голем број документи.

– Центрите за услуги се практично доближување до граѓаните, искористување на електронските услуги од порталот за услуги и доближување на овие услуги до оние што немаат можност тоа да го сторат од дома. Ова е начин како услугата да ја добијат побргу, поефикасно, без да чекаат во редови, да се движат од шалтер на шалтер – изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој заедно со градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, присуствуваа на отворањето на оваа канцеларија.

Андоновски се надева дека до крајот на годината ќе ја надминат бројката од 20 канцеларии. Вели дека и искористеноста е значајна.

– Според денешните податоци што ги имам, таа бројка ќе ја натфрлиме. Почнавме со само пет, сега одиме на бројката дваесет. Искористеноста е значителна од речиси 1.300 издадени услуги во 2025 година, денес имаме над 13.000 услуги што се издадени. Тоа се 13.000 граѓани услужени, 13.000 граѓани што не чекале на шалтери. Се надевам дека во оваа насока ќе се движиме и понатаму – посочи Андоновски.

Најави дека овие денови ќе почне и карвнот за услуги што ќе ги посети руралните средини.

– Тоа ќе биде специјално дизајнирано моторно возило комбе што ќе се движи во руралните средини, ќе дава услуги на граѓаните во руралните средини по точно утврден распоред затоа што нашата цел не е дигитализацијата да им служи само на граѓаните што се подготвени да ги користат услугите туку да се доближиме до секој граѓанин на државата – рече Андоновски.

Во делот на дигитализацијата, Андоновски сподели и информација дека над 160 вработени во јавната администрација, кои се на клучни позиции, ќе поминат низ шестмесечна обука за дигитални вештини спроведена од ФИНКИ и Министерството за дигитална трансформација. Проектот е поддржан од Европската Унија.

– Од програмирање до тестирање апликации, основи на кибербезбедност, употреба на вештачката интелигенција…. Многу значајно е што овие луѓе се обврзаа по завршување на обуката најмалку две години да продолжат да работат во јавната администрација – изјави Андоновски.

Градоначалникот на Гази Баба се надева дека во општината ќе бидат отворени уште канцеларии, каде што граѓаните на полесен и побрз начин ќе може да ги извадат потребните документи.

– Преку оваа канцеларија граѓаните ќе може да добијат поддршка за над триста електронски услуги. Целта е да ги доближиме институциите до граѓаните на општина Гази Баба. Ова е добра практика и се надевам дека во наредниот период ќе имаме можност да отвориме друга канцеларија на друго место во општина Гази Баба – истакна Стефковски.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано