Претседателот на САД, Доналд Трамп, е подготвен да воведе нови царини на десетици земји уште оваа недела откако ќе истечат сегашните царини од 10 проценти, иако високи функционери го советуваат да ги почитува договорите што Вашингтон ги склучил со земјите за намалување на царините до 2025 година, изјавија две лица запознаени со ситуацијата.
Луѓе запознаени со ситуацијата изјавија за Фајненшл тајмс (ФТ) дека советниците на Трамп го предупредуваат да не ризикува економски шокови пред среднорочните избори за сите членови на Претставничкиот дом и една третина од членовите на Сенатот во Соединетите Американски Држави, кои се одржуваат во ноември.
Американските претставници составија опции што би му овозможиле на Трамп да воведе нови царини на десетици земји, бидејќи неговите глобални царини од 10 проценти истекуваат оваа недела.
Новите царини што САД би можеле да ги воведат би биле помеѓу 10 и 12,5 проценти за 60 земји поради практиките на принудна работа, а првично беа предложени од американските трговски претставници во јуни.
Глобалните царини на Трамп од 10 проценти стапија на сила на 23 февруари оваа година, кога американскиот претседател, по поразот пред Врховниот суд, со кој беа поништени царините за земјите што претходно ги воведе, го искористи Член 122 од Законот за трговија од 1974 година за да донесе нова извршна наредба со која се воведуваат царини.
Овој член му дава овластување да воведува царини до 15 проценти за период од 150 дена, по што ќе му треба одобрение од Конгресот, но Член 122 не го спречува изрично претседателот да дозволи царините да истечат по 150 дена, а потоа да прогласи нова вонредна состојба за да ги врати во сила, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








