Европскиот парламент ќе се состане оваа недела на пленарна седница во Стразбур, а главната тема на првата пленарна седница ќе биде годишниот говор на претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен за состојбата на Европската Унија, кој е закажан за среда наутро.
Фон дер Лајен ќе ги презентира резултатите постигнати во текот на изминатата година и законодавните иницијативи планирани за следната година. Тоа ќе биде нејзин втор ваков говор во тековниот мандат.
Секоја година во септември, претседателката на ЕК држи говор за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент. Тоа е можност претседателката да ја претстави својата визија за ЕУ, да се осврне на достигнувањата и да најави важни претстојни иницијативи.
Во својот говор, се очекува фон дер Лајен да ги претстави перформансите на ЕК во текот на изминатата година и плановите за иднината.
Ќе се фокусира на европската одбрана и безбедност, континуираната поддршка на ЕУ за Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, стратегијата на ЕУ за прилагодување кон променливиот глобален поредок, конкурентноста, работните места и одржливиот просперитет, борбата против климатските промени, следниот долгорочен буџет на ЕУ по 2027 година, демократската отпорност, управувањето со миграцијата и заштитата на основните вредности на ЕУ, според билтенот објавен на веб-страницата на Европскиот парламент.
За време на сесијата, претставниците на Европскиот парламент ќе ја оценат работата на ЕК и нејзините планови за следната година, а во исто време ќе ги презентираат и своите приоритети.
Годишната дебата за состојбата на Унијата, на која ќе присуствува канадскиот премиер Марк Карни како почесен гостин, им дава можност на претставниците на Европскиот парламент внимателно да ја разгледаат работата на Европската комисија и да придонесат за насоката на политиките на ЕУ, пренесуваат медиумите во Европа.
Фото Економија и бизнис








