Управата за јавни приходи продолжува со реализацијата на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, чија цел е да ги информира граѓаните и туристичките работници за нивните даночни обврски и да им обезбеди практични насоки за нивно правилно и навремено исполнување.
Во рамки на кампањата, на 12.11.2026 година, во Крушево се одржа едукативна средба со сопственици на вили, апартмани, куќи за одмор, хотели и други сместувачки капацитети, угостители и претставници на туристичкиот сектор. На средбата се разговараше за пријавувањето и оданочувањето на приходите од туристички активности, краткорочното издавање недвижен имот, како и даночните обврски при ангажирањето сезонски работници.
Настанот беше организиран во соработка со Општина Крушево. На средбата беше нагласена важноста на соработката меѓу институциите, навременото информирање на граѓаните и правилното исполнување на законските обврски како предуслови за создавање еднакви услови за работа и развој на одржлив туристички сектор.
Во рамки на стручниот дел, претставниците на УЈП ги појаснија обврските на физичките лица кои остваруваат доход од закуп и подзакуп, вклучително и од краткорочно издавање сместувачки капацитети преку домашни и странски интернет-платформи за огласување, резервации и посредување при изнајмување, како што се Booking.com, Airbnb, Kayak, Tripadvisor и други слични платформи. Беше посочена обврската за пријавување на остварениот доход, без оглед на тоа дали сместувањето се издава повремено или во текот на целата година, како и даночните обврски поврзани со ангажирањето сезонски работници.
Преку практични примери, присутните се запознаа со постапката за електронско пријавување на доходот преку системот е-Даночни услуги, начинот на пресметување и плаќање на данокот на личен доход, како и со можностите за користење на калкулаторот на УЈП за утврдување на даночната обврска и признатите трошоци.
Присутните имаа можност да ги споделат своите прашања и дилеми, да разговараат непосредно со стручните лица од УЈП и да добијат конкретни појаснувања во врска со своите даночни обврски. Ваквиот пристап придонесува за подобро разбирање на даночните процедури и ги охрабрува граѓаните навремено и доброволно да ги исполнуваат законските обврски и даночно усогласено да ги водат своите бизниси.
Крушево, со своето богато културно-историско наследство, природни убавини и можности за планински, активен и културен туризам, претставува значаен туристички центар со потенцијал за развој во текот на целата година. Покрај унапредувањето на туристичката понуда, особено важно е создавањето услови за еднаква конкуренција, одговорно работење и почитување на законските правила од страна на сите што остваруваат приходи од туристички дејности.
Фер туризмот значи пријавен доход, одговорно работење и еднакви правила за сите. Преку оваа кампања, УЈП продолжува да ја приближува институцијата до граѓаните, да обезбедува навремени информации и поддршка и да придонесува кон јакнење на даночната култура и одржлив развој на туристичкиот сектор во земјата.








