Удар за турскиот извоз: Русија го ограничи увозот на праски, сливи и цреши

Русија од денеска привремено го ограничува увозот на коскесто овошје од пет големи турски производители поради повеќекратно утврдено присуство на штетници и на други организми што подлежат на карантински надзор, објави турското издание „Туркије тудеј“.

Мерката се однесува на праски, нектарини, кајсии, сливи, цреши, вишни и на маслинки, соопшти руската Федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор („Росселхознадзор“).

Турција е меѓу водечките светски извозници на коскесто овошје. Во 2025 година извозот на оваа категорија овошје достигна вредност од 336,6 милиони американски долари, при што на рускиот пазар отпаѓале 140,6 милиони долари, односно повеќе од 40 проценти од вкупниот извоз.

Ограничувањата се однесуваат само на пет големи производители, а не на целиот турски сектор.

„Туркије тудеј“ наведува дека во меѓувреме украинскиот Парламент го ратификувал Договорот за слободна трговија со Турција.

Според договорот, Турција веднаш ќе ги укине увозните царини за 93,4 проценти од индустриските производи и за 7,6 проценти од земјоделските производи што се увезуваат од Украина. 

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано