Бакарот е неопходен за развојот на современите индустрии, електрификацијата и технологиите за чиста енергија. Сепак, растечката глобална побарувачка за овој критичен минерал отвора ризик од недоволно снабдување, се наведува во анализата „Синтеза на европскиот синџир на снабдување со бакар во рамките на Директивата за критични суровини“.
Анализата, објавена во стручното списание „ScienceDirect“, посочува дека идните потреби за бакар може да го надминат примарното снабдување. Причината е ограничениот капацитет на постојните системи за рударење и преработка, особено во услови на забрзана зелена транзиција и зголемена потреба од енергетска инфраструктура.
Европската Унија, преку Директивата за критични суровини, има за цел да ја намали зависноста од увоз преку развој на домашни капацитети за ископ, преработка и рециклирање. Во студијата се нагласува и значењето на бакарот како метал што може ефикасно да се рециклира, без разлика дали станува збор за примарен или секундарен ресурс.
Глобалните трендови покажуваат дека потребата од бакар ќе продолжи да расте, што го прави развојот на нови и одржливи рударски проекти значаен за идното снабдување. Во тој контекст, потенцијалот на „Иловица–Штука“ претставува тема од значење за економскиот развој и идното учество на Македонија во европските ресурсни текови.
Претходно, домашните експерти повикаа Македонија да се вклучи во трката за критични минерали и да ги искористи своите ресурси преку воспоставување на одржливо рударство, во согласност со европските стандарди.Тоа беше напоменато и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, а геолозите и инженерите во јавните излагања потврдуваат дека Македонија има големи потврдени капацитети на бакар, особено во Иловица. Дури и во неодамнешна анализа на професори од Универзитетот во Штип се нагласува дека порфириското наоѓалиште на бакар и злато „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект, но неговата траекторија е доминирана од судски спорови за концесии и спојувања, наместо од едноставно извршување на проектот. Проектот сепак добива поддршка од локалната иницијатива „И здравје и работа“, од каде соопштија дека одговорното развивање на рударските проекти може да придонесе за отворање директни и индиректни работни места, развој на локалните бизниси, зголемување на извозот и подобрување на јавните приходи.
„Во време кога минералните суровини стануваат сè поважни за европската и светската економија, нашата земја треба да го искористи својот потенцијал преку стручни анализи, современи технологии и високи стандарди за заштита на животната средина… Минералните ресурси не треба да останат неискористен потенцијал. Со знаење, современа технологија и одговорно управување, тие можат да придонесат за економски развој, подобар животен стандард и создавање иднина во која младите ќе имаат причина да останат и да живеат во Македонија“, порачаа од иницијативата.
Инаку, како што пишува во студијата на холандските професори, за да обезбеди економска отпорност, Европската Унија се справува со ризиците поврзани со стратешките зависности, особено по геополитичките конфликти и како резултат на тоа, ЕУ им дава приоритет на стратешката автономија и на сигурниот пристап до критичните суровини, кои се од суштинско значење за постигнување на климатските цели.
„Овие фактори заеднички го прават бакарот материјал што е истовремено стратешки клучен и методолошки репрезентативен за проучување на дизајнот на инфраструктурата за рециклирање. Итното прашање не е толку исцрпувањето на бакарот или на другите критични метали, туку неможноста тие да се обезбедат навреме за зголемените идни потреби на индустриите. Временскиот период потребен за развој на нови рудници е долг и често изнесува од 10 до 20 години“, се додава во текстот.
Авторите порачуваат веднаш бакарот и да се рециклира, со оглед на долгиот временски период потребен за изградба на нови рудници, иако постапките за издавање дозволи за отворање рудници, постројки за преработка и капацитети за рециклирање – кои претходно беа расцепкани и бавни – ќе се спроведуваат по забрзаната процедура за стратешки проекти.
Последно, инвестицискиот фонд „Sprott Asset Management“ објави прогноза дека глобалното производство на бакар од рудници би можело да падне оваа година, за првпат по речиси една деценија, и покрај тоа што цените достигнаа рекордни нивоа. Ова се должи на пречките во работењето, опаѓањето на квалитетот на рудата и слабото производство од големите наоѓалишта. Во прогнозата се истакнува дека на проектите за бакар им се потребни во просек околу 17,5 години за да преминат од фазата на откривање во фазата на производство.
(комерцијална објава)








