Парагвајскиот претседател Сантијаго Пења ја објави својата оставка во услови на голема политичка и финансиска криза предизвикана од колапсот на дигиталната банка Уено, што ги остави клиентите без пристап до пари. Одлуката следеше по протестите, истрагата за работењето на банката и покренување постапка за импичмент во парламентот. Сепак, неговото заминување од функцијата сè уште не е конечно решено, двата дома на Конгресот ја отфрлија предложената оставка, а Сенатот го продолжува процесот што може да доведе до негово разрешување, пренесуваат светските агенции.
Кризата избувна кога Централната банка на Парагвај ја презеде контролата врз банката Уено, утврдувајќи дека нејзиниот капитал паднал под законскиот минимум. Одлуката влијаеше на околу три милиони корисници во земјата со приближно 6,5 милиони жители и покрена прашања за надзорот на финансискиот сектор и користењето на јавните пари. Банката управуваше со околу 850 милиони долари јавни средства, вклучувајќи пари од државни институции и пензиски фондови.
За кратко време, оваа банка прерасна во една од најпрепознатливите финансиски институции во земјата. На крајот на 2023 година, банката доби дозвола од Централната банка да работи како дигитална банка, веќе за време на мандатот на Пења, кој ја презеде функцијата во август истата година.
Деловниот модел се базираше на мобилна апликација, дигитални плаќања и понуди што привлекуваа клиенти, вклучително и враќање на пари од купувања на намирници. Според сопствените податоци, до јуни имала околу три милиони корисници, или приближно 60 проценти од возрасната популација на Парагвај.
Сепак, брзиот раст беше проследен со сомнежи за начинот на одобрување на кредитите. Регулаторната истрага се фокусираше на наводно прекумерно кредитирање на компании, како и недоволно документирани кредити и трошоци погрешно претставени како средства. Кога финансиските извештаи беа корегирани, капиталот на банката падна на помалку од половина од законскиот минимум.Потоа Централната банка ја започна постапката за рехабилитација, односно преземање на контролата и обид за префрлање на депозити и побарувања во други банки, пред евентуална ликвидација.
Притисокот врз владата се зголеми кога шефот на Централната банка, Карлос Карваљо, поднесе оставка во вторник, 3 ноември, на барање на претседателот.
Исклучувањето на апликацијата, картичките и трансферите остави милиони клиенти без пристап до своите сметки, а граѓаните се собраа пред затворените филијали. Меѓу погодените се пензионери кои добиваа владини бенефиции преку Уено банка, како и вработени кои чекаат плата. Кризата влијаеше на околу 7.000 директни и индиректни работни места.
Властите усвоија закон со кој се овозможува побрза исплата на осигурените депозити од државниот гарантен фонд. Плаќањата започнаа со помали сметки, а според податоците на Централната банка осигурувањето треба да ги покрие сите износи за околу 97 проценти од клиентите. Парагвајските власти тврдат дека проблемот е ограничен на Уено и не укажува на слабости во целиот банкарски систем, пренесува Еуроњуз.рс.
Фото Економија и бизнис








