До албанското село Лин од македонска страна се доаѓа преку граничниот премин Ќафасан по убав асфалтен пат. Десетте километри се всушност спуштање од високиот премин кон езерото. На едно од проширувањата на патот има одлична локација за вистинско уживање во панорамата кон Охридското Езеро и Галичица од спротивната страна. Долу се наоѓа малото село Лин. Основано е на брегот веднаш под малиот полустров со стрмни каменести воздигнувања и рамно плато.

На полуостровот се наоѓаат остатоци од импресивна ранохристијанска базилика. Базиликата е оградена, но веднаш може да се забележи дека била објект со исклучителни димензии. Она што е најпрепознатливо за оваа базилика се прекрасните подни мозаици. Со цел заштита од надворешни влијанија, мозаиците се покриени со песок, но фотографиите на таблите и на патоказите што се поставени потврдуваат дека станува збор за исклучително вредни дела и вистинско културно богатство за Охридскиот Регион и за двете држави. Покрај базиликата, едно од најзначајните археолошки откритија што се наоѓа во Лин е една од најстарите населби некогаш изградени на езеро во Европа. Населбата во која живееле риболовци и земјоделци датира од пред 6 до 8 илјади години. И во локалниот ресторан на почетокот на селото има информативни табли што презентираат дел од пронајдоците во водите од езерото. Поставените табли низ селото со мапи на значајните локалитети се испишани на албански, на англиски и на македонски јазик.
За времето на управувањето на Енвер Хоџа, во Албанија се изградени речиси 180 000 бункери. Бројка прецизна нема, но таа е најчестата што се соопштува. Процесот на изградба е наречен „бункеризација“. Преголема енергија и средства во подготовка за странска инвазија која никогаш не се случи. Еден од најчесто користените модели на бункери е дизајн на Јосиф Загали, познат уште под кратенката ЈЗ (QZ). Еден ваков бункер првично направен на друга локација, а потоа монтиран на самото место се наоѓа на западниот брег на Охридското Езеро, на уникатниот полустров каде што е селото Лин.


Јован, 73-годишен жител на Лин, го запознавме кога пријде кон бункерот, сега импровизирана црква, со восочна свеќа во рацете со цел да ја запали пред неколкуте обесени икони во тесната просторија.
Вистинското пријатно изненадување следуваше откако му се обративме на македонски јазик. Започна да зборува со мал фонд на зборови, но со голема желба да комуницира на мајчиниот јазик. Само неговата постара сестра сè уште добро зборувала на македонски јазик, додека неговите деца и младите во селото не го знаеле јазикот на нивните предци. Ситуацијата ме потсети на некои сведоштва што ги имав прочитано за јазикот што умира во селата јужно од Корча како Дреново и Бобоштица, каде што пред 20-тина години се регистрирани само по неколку лица кои го зборуваат македонскиот јазик. Јован со радост сподели за роднинските врски што ги има во Радожда, селото преку границата што јасно се гледа од полуостровот. Очигледно дека имаше желба многу повеќе да сподели за селото, за животот и за минатото, но јазикот остана бариера. На крај ни посочи која е најдобрата патека за да се спуштиме до езерото и да го прошетаме овој прекрасен полуостров. На другата страна на полуостровот се наоѓаат многу симпатични, мали парцели на кои има мали бавчи обработени од селаните. Преградени со камени ѕидови, и на самиот брег од езерото, овој простор изгледа многу питомо и спокојно. Од горе езерските води се во три бои и неверојатно чисти.


Меѓу куќите во селото има тесни сокаци низ кои се приѓа до езерото и до кајчињата. Имавме впечаток дека секоја куќа има ваков пристап и свое кајче. Во селото има голема црква посветена на Света Варвара и џамија. Иконостасот во црквата го има изработено гарчанецот Тодор Петков. Познат е по тоа што има изработено вредни дела и во куќата на Робевци во Охрид. За жал, при посетата на Лин не го видовме ова дело.
Економија и бизнис, 01 април 2026
пишува: Александар Матески









