КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ | Климе Попоски: „Против боговите: извонредната приказна за ризикот“ (Against the Gods: The Remarkable Story of Risk)

пишува: Климе Попоски | Авторот е професор на Универзитет „Св. Климент Охридски“ и претседател на Источноевропската асоцијација за осигурување од ризици

Постојат книги што ги читаш еднаш и ги заборавиш. И постојат книги што растат заедно со тебе. „Против боговите: извонредната приказна за ризикот“ (Against the Gods: The Remarkable Story of Risk) на Питер Бернштајн е од вториот вид и тоа е причината зошто неодамна ја прочитав по трет пат. Трипати иста книга, три сосема различни читања. Тоа не е случајност, тоа е знак за нејзината длабочина.

Кога ја отворив прв пат, на почетокот на кариерата, ја доживував претежно како историска приказна: како човештвото постепено го покорило ризикот, од античките трговци до Волстрит. Фасцинантна нарација, добро напишана, лесна за следење.

Второто читање, со веќе изградена професионална основа во осигурувањето, ми ги отвори погледите за концептуалниот слој − за тоа колку длабоко математиката, веројатноста и статистиката се вткаени во секојдневните одлуки кои ги носиме.

Третото читање, со без малку три децении во осигурувањето зад мене, беше нешто сосема друго. Ги читав истите реченици, но ги гледав низ призмата на сето она што го живеев: економски кризи, динамични регулаторни промени, климатски ризици, дигитална трансформација, професионален развој. Одеднаш книгата не зборуваше само за историјата на ризикот, туку за иднината на нашата индустрија.

Бернштајн со мајсторство опишува дека управувањето со ризикот не е техничка вештина, туку суштинска човечка способност. Книгата покажува дека најголемиот пресврт во историјата на човештвото бил моментот кога човекот престанал да ја припишува иднината на боговите и почнал да ја мери, да ја анализира и да ја управува неизвесноста.

За нас кои работиме во осигурувањето, управувањето со ризик не е само професија, тоа е начин на размислување. Бернштајн нè потсетува дека зад секој модел, зад секоја формула и зад секоја актуарска пресметка стои вековна борба да се разбере неизвесноста. Од Паскал и Ферма, преку Кардано и Бејс, до модерната Теорија на веројатност − ова е приказна за храброста да се донесуваат одлуки во свет што никогаш не е целосно предвидлив.

Оттаму произлегува и нејзината релевантност за секој бизнисмен, без разлика на дејноста. Таа е потсетник дека секоја одлука крие ризик и дека најмудрите луѓе не го избегнуваат ризикот, тие го мерат. Ризикот не е непријател, туку предуслов за прогрес.


Економија и бизнис, 15 март 2026г

Најчитано