Три клучни панели ќе ја отворат дебатата за иднината на дигиталните финансии на Finelevate Digital Summit 2026

На 16 септември во Скопје Мериот Хотел, Finelevate Digital Summit 2026 ќе ги обедини регулаторите и претставниците на клучните институции од финансискиот сектор и технолошката индустрија за да ги отвори прашањата што веќе ја обликуваат иднината на банкарството, осигурувањето и финансиските услуги.

Организаторите најавуваат тематски богата програма, со посебен фокус на три клучни панели на кои ќе се посвети внимание на дигиталниот идентитет и интероперабилноста, новите кориснички очекувања и довербата во ерата на вештачката интелигенција.

„Целата програма на Finelevate Digital Summit 2026 е составена многу внимателно, така што секое обраќање ќе донесе нова вредност за учесниците и воедно ќе придонесе кон градењето јасна слика каде се наоѓаме денес и кон што треба да целиме во блиска иднина. Оттаму, целта на трите панели е да ја постават дискусијата таму каде што денес се носат најважните одлуки, на точката во која се сретнуваат технологијата, институциите, регулативата и реалните потреби на клиентите,“ вели Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate. 

Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate

Панел 1: Темелите на дигиталната трансформација – еИД, доверливи услуги и интероперабилност

Учесниците на првиот панел ќе зборуваат за улогата на државната дигитална инфраструктура, јавните регистри и давателите на доверливи услуги во развојот на безбедни, целосно дигитални и прекугранични финансиски услуги.

Посебен акцент ќе биде ставен на електронската идентификација на граѓаните, но и на сè уште недоволно развиениот дигитален идентитет за правните лица. Ќе се дискутира за можностите за далечинско отворање деловни сметки, дигитално кредитирање, електронски овластувања, квалификувани електронски потписи и печати, како и за пристап до проверени податоци од официјалните регистри.

Оваа панел дискусија ќе ја модерира Васко Кроневски, извршен директор на Nextsense, а меѓу учесниците во разговорот се Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Санела Голијанин, проект менаџер во Канцеларијата за информатички технологии и електронска управа во Владата на Република Србија и Катерина Јовановиќ, раководител на Одделението за доверливи услуги во КИБС АД Скопје.

Панел 2: Повеќе од банкарство – иднината на кориснички ориентираните финансиски услуги

Вториот панел на присутните ќе им открие како технологијата, плаќањата, кредитирањето, осигурувањето и дигиталната трговија се поврзуваат во едно интегрирано корисничко искуство. Ќе се разговара за тоа како инвестициите во технологија и трансформација да се претворат во поедноставни, подостапни и персонализирани услуги, но и како да се постигне рамнотежа меѓу иновациите, финансиската инклузија, регулативата и одржливиот деловен модел.

Панелот ќе го модерира проф. д-р Ежени Брзовска, редовна професорка на Катедрата за маркетинг при Економскиот факултет – Скопје, УКИМ а учество во дискусијата ќе земат  Филомена Пљаковска-Аспровска, извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на CaSys, д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Киро Чадиковски, Директор на Секторот за картички и трансакциски сметки во Комерцијална банка АД Скопје и Билјана Мишиќ, генерална директорка на IUTE Credit.

Панел 3: Аспектот на доверба во дигиталните финансии: ВИ, сајбер-безбедност, управување со ризици од измама и управување со податоци

Третиот панел ќе отвори едно од најважните прашања за финансискиот сектор – како институциите да ги користат вештачката интелигенција, автоматизацијата и напредната аналитика, без да ги загрозат безбедноста, усогласеноста, транспарентноста и довербата на клиентите.

Дискусијата ќе опфати и одговорно управување со ВИ, заштита на чувствителните податоци, ризици поврзани со cloud-технологиите и надворешните добавувачи, следење на перформансите и пристрасноста на моделите, како и подготовка за новите европски регулаторни рамки.

Модератор на панелот ќе биде проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ. Во дискусијата ќе учествуваат Горан Јанковски, главен супервизор за информативни системи во Народната банка, Филип Симеонов, извршен директор на Tessa Security, Иле Ристов, директор за продажба во Intec System и Васко Темелковски, генерален директор на Intercert.

Повеќе информации за програмата и можностите за учество се достапни на официјалната веб страница: https://finelevate360.com

Повеќе од истиот автор

Најчитано