Трчањето не е само спортска активност – тоа е патување кое започнува со еден мал чекор, а води кон поголема самодоверба, подобра физичка форма и личен развој. Токму оваа порака ја носи Виз Ер Скопски маратон 2026, кој ќе се одржи на 4 октомври 2026 година, повикувајќи ги сите љубители на спортот, рекреативци и професионални спортисти да бидат дел од најголемата тркачка приказна во Македонија.
Со мотото „Трчањето ќе те промени“, најголемата спортска манифестација во државата, Виз Ер Скопски маратон ја истакнува трансформативната моќ на трчањето – процес во кој секој учесник ги надминува сопствените граници, поставува нови цели и секојдневно работи на подобрување на себе. Без разлика дали станува збор за прв истрчан километар, прв полумаратон или нов личен рекорд, секој чекор има свое значење.
Пријавувањето за Виз Ер Скопски маратон 2026 е во полн ек, а следниот рок за регистрација е 31 јули 2026 година. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да не чекаат последен момент, туку навреме да го обезбедат своето учество и да започнат со подготовките за настап на 4 октомври.
И оваа година учесниците ќе имаат можност да изберат предизвик кој најмногу одговара на нивните цели и подготвеност. На програмата се маратонот на 42,195 километри, полумаратонот на 21 километри, штафетниот маратон „ЕУ за спорт“ и рекреативната трка на 5 километри. Во склоп на полумаратонот и на трката на 5км се одвива и Team Building трката за компании.
Виз Ер Скопски маратон е повеќе од спортски настан. Тој е место каде што се среќаваат различни генерации, култури и мотиви – од искусни атлети кои бркаат резултати, до луѓе кои едноставно сакаат да направат позитивна промена во својот живот. Секоја година, маратонот ги обединува учесниците од земјата и странство, потврдувајќи ја својата улога како еден од најзначајните спортски и туристички настани во регионот.
Подготовките за трката се процес кој бара посветеност, дисциплина и истрајност, но токму низ тој процес се создава најголемата победа – личниот напредок. Трчањето учи дека секоја цел е достижна со правилен пристап, континуирана работа и верба во сопствените можности.
На 4 октомври, улиците на Скопје повторно ќе бидат исполнети со енергија, спортски дух и илјадници приказни за лични победи. Бидете дел од Виз Ер Скопски маратон 2026 и дозволете трчањето да ве однесе чекор поблиску до подобрата верзија од себе.








