ТЕМПЕРАТУРИ НАД 45 СТЕПЕНИ, Шпанија се подготвува за трет топлотен бран ова лето

Шпанија се подготвува за третиот топлотен бран ова лето, кој ќе започне во вторник, а се очекува температурите во поголемиот дел од земјата да надминат 40 Целзиусови степени, соопшти шпанската Државна метеоролошка агенција (АЕМЕТ).

Овој топлотен бран дополнително ќе биде засилен од антициклон кој во текот на неколку дена ќе задржи сув и врел воздух од Северна Африка над Пиринејскиот Полуостров, подигнувајќи ги температурите на исклучително високо ниво.

Според прогнозите, жештините ќе се засилуваат до четврток, кога би можеле да го достигнат врвот, а во одделни области температурите се очекува да надминат и 45 Целзиусови степени.

„Нивото на опасност ќе биде значително во најтоплите часови од денот, особено за активности на отворено и за ранливите категории граѓани“, предупреди метеоролошката служба.

Шпанија ова лето веќе се соочи со два топлотни брана – првиот кон крајот на јуни и вториот на почетокот на јули. Земјата го забележа најтоплиот почеток на летото од почетокот на официјалните мерења во 1961 година, објави АЕМЕТ.

Просечната температура во периодот од 1 јуни до 15 јули изнесувала 24,5 степени Целзиусови, што е за 3,3 степени повеќе од просекот за периодот од 1991 до 2020 година, изјави портпаролот на АЕМЕТ, Рубен дел Кампо.

Според научниците, климатските промени предизвикани од човековите активности го зголемуваат времетраењето, интензитетот и зачестеноста на топлотните бранови, кои ја сушат вегетацијата и драстично го зголемуваат ризикот од шумски пожари. Катастрофалниот пожар што неодамна избувна во југоисточната шпанска покраина Алмерија веќе однесе 13 човечки животи. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано