И Факултетот за електротехника и информациски технологии се приклучи кон одбележување на Европската ноќ на истражувачите во Македонија. Деканот на ФЕИТ, професор д-р Владимир Атанасовски вели дека Факултетот бил отворен за нови идеи, нови технологии и за млади истражувачи.
„Особено ни е драго што европската ноќ на истражувачите се одржува и на ФЕИТ, затоа што ова е факултет кој отсекогаш ги отворал вратите кон новите идеи, новите технологии и младите истражувачи. ФЕИТ денес е меѓу најуспешните високообразовни институции во земјата според бројот и обемот на меѓународните истражувачки и развојни проекти. Но, за нас успехот не е само во бројките – туку во тоа што знаењето го претвораме во технологија, иновација и конкретни решенија за општеството“, вели Атанасовски.
Според него, тоа го покажува и улогата на Факултетот во иновацискиот екосистем.
„ФЕИТ го основаше ИНОФЕИТ и го постави првиот Европски дигитален иновациски хаб во Македонија, со јасна цел да ги поврзе академијата, индустријата и младите иноватори. Токму работилниците што ги реализираме деновиве – од обновливи извори на енергија до технологии за нејзино претворање – покажуваат што значи современата електротехника. Таа денес е во срцето на енергетската, дигиталната и зелената трансформација“, вели Атанасовски.
Деканот Атанасовски упатува едноставна порака до младите: не бидете само корисници на технологијата – бидете тие што ќе ја создаваат технологијата на иднината. ФЕИТ е тука да ви помогне во тоа.“
Целта на овој настан е да се подигне свеста за важноста на науката, која претставува еден од столбовите на севкупниот развој на едно општество и на светот во целина, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
„Задоволство ми е што уште минатата година дадовме институционална поддршка на иницијативата за одбележување на овој ден, покрената од три државни универзитети – УКИМ, УКЛО и УГД, како и МАНУ, куќата на науката во државата. И еве, од оваа година, за прв пат ја поставивме Македонија на Европската мапа, помеѓу земјите што ја слават науката, а истовремено ја истакнуваат важноста на вложувањата во науката и развојот на научноистражувачката дејност. Можам да кажам дека тоа е императив за Владата и со факти потврдувам дека е така. Ако во 2024 година затекнавме буџет од 380 милиони денари за наука, минатата обезбедивме 680 милиони денари, а оваа имаме 773 милиони денари за поддршка на научно истражувачките установи, академската и научната заедница во нашата држава“, рече Јаневска.
Министерката информираше дека државата лани финансирала 50-тина научно истражувачки проекти на универзитетите, на МАНУ и бизнис заедницата кои се во согласност со целите на Стратегијата за паметна специјализација на државата и тие веќе се реализираат.
„Обезбедивме бесплатен пристап до научните бази на „Web of science“ и „Scoopus“. Изработивме нови законски решенија за високо образование и научно – истражувачка дејност кои се надевам дека ќе го поминат собранискиот филтер набргу. Исто така изминатиот период се позанимававме со таканаречените приватни научни институти кои всушност не се занимаваа со наука, а се водеа како такви во официјални регистри, за да им дадеме простор на оние што навистина веруваат во моќта на науката. Имаме првична конструкција на првиот научно – технолошки парк под капа на државата и работиме целата идеја да успее што поскоро. Така што, остануваме посветени на оваа агенда и верувам дека научно – истражувачката дејност ќе се развива, ќе се популаризира помеѓу младите и ќе остане столб на националниот просперитет“, објасни Јаневска.








