Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, заедно со други факултети од УКИМ, покрај МАНУ, УГД и УКЛО, се вклучи во одбележување на Европската ноќ на истражувачите во Македонија – 25.09., иницијатива посветена на приближување на науката и истражувачката дејност до јавноста.
По овој повод, Факултетот ги отвори своите лаборатории за учениците и организираше низа работилници од областа на мехатрониката, индустриската роботика, гејмификацијата на учењето, производното инженерство, термичкото инженерство, индустрискиот дизајн, автоматизацијата и управувањето со процеси, моторните возила, инженерските материјали и технологиите на заварување и применетата механика на флуиди.
Македонија оваа година се приклучува кон одбележувањето на еден глобален настан – Европска ноќ на истражувачите, што се реализира преку акциите „Марија Кири Склодовска“ од програмата Хоризонт Европа, а целта е подигнување на свеста за важноста на науката, која претставува еден од столбовите на севкупниот развој на едно општество и на светот во целина, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука пред медиумите.
„Задоволство ми е што уште минатата година дадовме институционална поддршка на иницијативата за одбележување на овој ден, покрената од три државни универзитети – УКИМ, УКЛО и УГД, како и МАНУ, куќата на науката во државата. И еве, од оваа година, за прв пат ја поставивме Македонија на Европската мапа, помеѓу земјите што ја слават науката, а истовремено ја истакнуваат важноста на вложувањата во науката и развојот на научноистражувачката дејност. Можам да кажам дека тоа е императив за Владата и со факти потврдувам дека е така. Ако во 2024 година затекнавме буџет од 380 милиони денари за наука, минатата обезбедивме 680 милиони денари, а оваа имаме 773 милиони денари за поддршка на научно истражувачките установи, академската и научната заедница во нашата држава“, рече Јаневска.
Министерката информираше дека државата лани финансирала 50-тина научно истражувачки проекти на универзитетите, на МАНУ и бизнис заедницата кои се во согласност со целите на Стратегијата за паметна специјализација на државата и тие веќе се реализираат.
„Обезбедивме бесплатен пристап до научните бази на „Web of science“ и „Scoopus“. Изработивме нови законски решенија за високо образование и научно – истражувачка дејност кои се надевам дека ќе го поминат собранискиот филтер набргу. Исто така изминатиот период се позанимававме со таканаречените приватни научни институти кои всушност не се занимаваа со наука, а се водеа како такви во официјални регистри, за да им дадеме простор на оние што навистина веруваат во моќта на науката. Имаме првична конструкција на првиот научно – технолошки парк под капа на државата и работиме целата идеја да успее што поскоро. Така што, остануваме посветени на оваа агенда и верувам дека научно – истражувачката дејност ќе се развива, ќе се популаризира помеѓу младите и ќе остане столб на националниот просперитет“, објасни Јаневска.
И Проф. Д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет при УКИМ се согласува дека со овој настан ја ставаме нашата држава на европската мапа на истражувачки иницијативи преку проектот GREENSTARS – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“ (CHOOSE SCIENCE!), финансиран од Европската Унија преку програмата MSCA and Citizens.
„Оваа манифестација претставува многу повеќе од обичен настан – таа е вистинска можност за вмрежување и размена на истражувачките искуства на сите истражувачи во државата, како и поттик за понатамошни поголеми научни резултати кои ќе бидат директна потврда дека преку истражување и иновации може да изградиме подобро општество за сите. Македонија гордо застанува на европската мапа како една од земјите што го одбележуваат овој датум, заедно со повеќе од 40 земји ширум Европа. Главната цел е да ја разбудиме љубопитноста кај учениците и студентите и да покажеме дека науката не е нешто апстрактно и затворено во лабораториите, туку е секојдневен процес кој создава решенија за реални општествени предизвици“, вели Поленоковиќ.
Во рамки на одбележувањето на денот се организирани над 200 интерактивни содржини, експерименти, работилници и панели каде што граѓаните ќе можат непосредно да се запознаат со иновациите, технологијата и одржливиот развој. Велковски ги покани сите заинтересирани граѓани, особено младите и родителите, да ја посетат официјалната веб-страница choose-science.eu, каде може да ги најдат сите настани и деталната програма, како и да се регистрираат за своето присуство „за заедно да откриеме како науката ја обликува нашата подобра иднина“!
Посетителите ќе ја проследат и изложбата на студентските проекти Project Hub ЕУ катчето посветена на истражувањето, науката и иновациите во инженерството.








