д-р Маја Стевкова Штериева, претседател на Македонската банкарска асоцијација (МБА)
Македонскиот банкарски сектор традиционално има значајна улога во поддршката на економскиот развој, а денес сè повеќе придонесува и кон поттикнување на одржливи практики. Преку финансирање на проекти што ги почитуваат еколошките и социјалните стандарди, банките го поддржуваат развојот на обновливи извори на енергија, на енергетската ефикасност, на зелената инфраструктура и на одржливото земјоделство.
Овие активности не само што придонесуваат за намалување на ризиците од климатските промени туку и отвораат нови деловни можности. Воедно расте интересот на инвеститорите за компании со развиени ЕСГ-практики, а потрошувачите сè почесто претпочитаат производи од општествено одговорни компании. Дел од домашните компании се соочуваат и со зголемени регулаторни барања, особено оние кои извезуваат на пазарите на Европската Унија и се засегнати од Механизмот за јаглеродно прекугранично приспособување (CBAM).
Банките го поддржуваат овој процес преку зелени кредити, поволни услови за инвестиции со ниски јаглеродни емисии и интегрирање на еколошки и на социјални критериуми во кредитните процеси. Покрај финансиската, тие обезбедуваат и советодавна поддршка за клиентите.
Значаен чекор во оваа насока е формирањето на Комисијата за ЕСГ во Македонската банкарска асоцијација во 2023 година. Во нејзини рамки, членките на МБА заеднички работат на унапредување на одржливите финансии и на управувањето со ЕСГ-ризиците.
Резултат на оваа соработка е унифицираниот ЕСГ-прашалник кој им овозможува на компаниите подобро да ги идентификуваат и да управуваат со своите еколошки, социјални и управувачки ризици. Прашалникот е целосно дигитализиран преку платформата Мој.МКБ и може едноставно и бесплатно да се пополни при што клиентите имаат целосна контрола врз пристапот до податоците.








