Стопанската комора ги подготвува компаниите за новите стандарди – ЕСГ-БАРАЊАТА СТАНУВААТ СОСТАВЕН ДЕЛ ОД БАНКАРСКОТО ФИНАНСИРАЊЕ

Средните и големите компании сè повеќе се соочуваат со потребата да го мерат своето влијание врз животната средина, општеството и начинот на управување.

Концептот ЕСГ (Environmental, Social, Governance) постепено се наметнува како важен фактор во односите со инвеститорите, со банките и со деловните партнери, а неговата примена станува дел од современите бизнис-практики.

Почнувајќи од 1 април 2026 година, банките во земјава ќе го применуваат новиот унифициран ЕСГ-прашалник преку кој ќе се собираат податоци за одржливите практики на компаниите и нивното управување со еколошките, со социјалните и со управувачките аспекти на работењето.

Преку неговото пополнување ќе се прошири опсегот на информации што се земаат предвид при носењето кредитни одлуки, а компаниите ќе можат појасно да ги идентификуваат и да управуваат со своите ЕСГ-ризици и можности.

Токму затоа Стопанската комора презема активна улога во информирањето и во едукацијата на компаниите за новите барања. Над 60 компании членки на Комората присуствуваа на презентацијата и на обуката за пополнување на новиот унифициран ЕСГ-прашалник подготвен од Комисијата за ЕСГ при Македонската банкарска асоцијација со учество на сите банки во земјава и со поддршка од релевантни институции.

Настанот беше организиран од Стопанската комора во соработка со Македонската банкарска асоцијација и се одржа во просториите на Комората.

Практичната обука беше фокусирана на пополнување на прашалникот кој ќе овозможи систематско собирање информации за одржливите практики на компаниите.

Преку ЕСГ-прашалникот банките ќе прибираат информации за еколошкото влијание на компаниите, за нивните општествени политики и практики, како и за системите на корпоративно управување. Податоците ќе се однесуваат на области како што се: јаглеродните емисии, потрошувачката на ресурси и на енергија, работните практики, вклученоста во заедницата, како и политиките и процедурите поврзани со управувањето и со спречувањето на корупцијата.

Целта на ЕСГ-прашалникот е да обезбеди појасен увид во начинот на кој компаниите управуваат со еколошките, со социјалните и со управувачките аспекти на своето работење.


Економија и бизнис, 01 април 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано