ВО ФУНКЦИЈА НА ЕКОНОМСКИ И НА ОПШТЕСТВЕН ПРИДОНЕС – ФАЗИ ОД МОИТЕ РАЗЛИЧНИ ПАТУВАЊА (ПРВ ДЕЛ)

ФАЗИ ОД МОИТЕ РАЗЛИЧНИ ПАТУВАЊА (ПРВ ДЕЛ)

пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Интелектуалната наобразба на секој човек не ја чини само формалното образование и дипломата од факултетот. Таа е многу повеќе збир од формалното учење и од она што го учиме во животот, преку патувањата, комуникацијата со луѓето, кои оставаат длабок печат на нашите погледи. Во таа насока се и пораките:

Немој да ми кажуваш колку си образован, кажи ми колку си патувал. (Мухамед, исламски пророк)

Патувањето е повеќе од гледање знаменитости − тоа е длабока и трајна промена на живеењето. (Мирјам Беард, историчар, позната по нејзините дела за историјата на бизнисот и на културата)

Моите животни патувања се одвиваа во три фази:

1 Патувањата со моите родители, од кои би го издвоил патувањето во Европа во 1968 година, непосредно по интервенцијата на силите од Варшавскиот договор во Чехословачка. Поминавме низ Австрија, Чехословачка, Унгарија и цела Југославија. Стандардот во тие земји не можам да кажам дека беше полош, но беше на еднакво ниво на тогашно ниво на СФРЈ, вклучувајќи ја и Австрија. На патувањата во Бугарија и во Турција за прв пат слушнав за историјата на државата која 500 години владеела со нашава територија. Турција тогаш беше земја на кадилаци, на безредие и на нехигиена. На плоштадите се продаваше вода и се пиеше од една чаша и немаше редици, а се продаваа и сендвичи со парче риба, што за мене беше необична работа. Бевме и во Швајцарија и Италија. Иако прилично млад, сепак, можев да правам разлика меѓу ориентот и Европа. Но, најзначајна констатација е дека тогашните разлики меѓу државите не беа ни оддалеку вакви како денес.

2 Мои лични патувања како активен во Младинската организација. Безбројни патувања во кои ја запознав тогашна СФРЈ до последното делче, во периодот на 70 години, во кои развојот го имаше достигнато својот врв. Го видов првиот југословенски автопат Загреб − Карловац, ја видов првата супермодерна пруга Белград − Бар, го видов каналот Дунав − Тиса − Дунав, хотелските комплекси на Јадранот, воените аеродроми во Бихаќ и сите историски места. Врв на тоа беше моето учество на Сојузниот натпревар по историја во тогашен Титоград, кога екипно се натпреварувавме со најдобрите познавачи на историјата, а историјата е мајка на знаењето и сигурно многу влијаеше врз мојот развој.

3 Третата фаза е бизнис-фазата во која патувањата природно се насочија во две насоки. Едната службена, а другата приватна. Службената трае до ден-денес, ме однесе во над 70 земји и е само продолжение на оние од Младинската организација и ја воспоставија мојата мрежа која и денес е моето најсилно оружје.
Вмрежувањето на тие луѓе во интерес на бизнисот и на соработката стана мој заштитен знак, па така денес сум еден од ретките луѓе што можам и остварувам комуникација и со политички лидери и со бизнис-лидери и со обични луѓе кои се моја логистика при престојот во нивните земји.


Економија и бизнис, 01 април 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано