Додека бродовите ги менуваат рутите за да избегнат војни, сомалиските пирати се враќаат на големата врата. Три киднапирани бродови за три недели најавуваат нова криза што дополнително ќе ги зголеми цените и ќе ги загрози глобалните синџири на снабдување, пишува во текстот на „Дојче веле“.
Пред најновите ескалации меѓу САД, Израел и Иран, околу половина од бродовите што се упатуваа кон Европа од Азија и Заливот го заобиколија Црвеното Море и Суецкиот канал поради претходните напади од страна на Хутите поддржани од Иран. Соочени со заканата од напад околу теснецот Баб ел Мандеб, тесното грло помеѓу Црвеното Море и Аденскиот Залив, големите превознички компании се одлучија за долго заобиколување околу јужна Африка. Ова пренасочување додава две до три недели и илјадници наутички милји на патувањето, носејќи ги бродовите директно од брегот на Сомалија – истите води каде што сомалиските пирати водеа повеќегодишна кампања за киднапирање што достигна врв во 2011 година. Оттогаш, се пријавени само спорадични инциденти.
Во тој дел од морето, пиратството сега се враќа, со три брода киднапирани од Сомалија и Јемен само во последните три недели. Според податоците од 8 мај 2026 година, два танкера како и товарент брод, сè уште се под контрола на пиратите.
Експертите веруваат дека групите на организиран криминал во Сомалија ја користат војната во Иран како можност за киднапирања, бидејќи меѓународните поморски патроли, првпат распоредени во 2008 година, сега се преоптоварени од настаните околу Ормус и Црвеното Море.
Постојат најмалку две активни пиратски групи, првенствено со седиште во Пунтланд, полуавтономен регион во североисточна Сомалија. Лидерите во бродоградбената индустрија предупредуваат дека секое поголемо враќање на пиратството би можело дополнително да ги зголеми трошоците и да ја наруши глобалната трговија. Конфликтите на Блискиот Исток веќе ги зголемија премиите за осигурување, додавајќи околу 1 милион долари на трошоците за гориво по патување.
На врвот на претходната криза со пиратството во 2011 година, економската штета од киднапирањата беше проценета на околу 7 милијарди долари годишно. Ова ги вклучуваше трошоците за воени операции, пренасочувања на бродовите, побрзо пловење, дополнителна безбедносна опрема и вооружени чувари на бродовите, објави ДВ.
Фото Економија и бизнис








