Втор смртен случај од западнонилска треска има во државава, станува збор за скопјанец на возраст од 72 години, информираше денеска директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана.
– Поради транспарентност и коректно информирање на јавноста, сакам да информирам дека, за жал, кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход – соопшти тој во изјава за медиумите.
Притоа појасни дека пациентот уште при прием бил во тешка општа состојба, со изразена невролошка симптоматологија. И покрај преземените мерки за интензивно лекување и континуирано следење, неговата здравствена состојба прогресивно се влошувала.
– Во моментов на Клиниката се хоспитализирани вкупно 24 пациенти, од кои кај 19 е лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус. Пет од нив се суспектни и тие се во тек на дијагностичка постапка. Кај седум од хоспитализираните пациенти е регистрирана потешка клиничка состојба и тие се под интензивен медицински надзор. Пет од нив се на механичка вентилација, другите пациенти кои се хоспитализирани се во Одделот за невроинфекции и веќе се во стабилна состојба. Се преземаат сите неопходни мерки за нивно лекување – истакна Цана.
Директорот нагласи дека состојбата на сите хоспитализирани пациенти се следи континуирано. За секоја позначајна промена, рече, особено во однос на пациентите со потешка клиничка слика, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана.
Ова е втор случај на смрт од западнонилска треска, по смртта на 83 – годишен пациент. Лицето за кое денеска информираше директорот Цана, претходно било хоспитализирано од прием со тешка форма на воспаление на мозок и мозочни обвивки. Од почеток, од прием, пациентот бил во тешка општа состојба со изразена невролошка симптоматологија. И покрај сите преземени интензивни мерки и континуирано следење, како што објасни Цана, неговата здравствена состојба се влошувала, по што имала трагичен исход.
– Сите пациенти се повозрасни и со коморбидитети. Исто така и денешниот пациент кај кого настапи смртен исход е 72-годишен пациент со придружни заболувања – подвлече Цана.
Фото Економија и бизнис








