По повод 31 Мај – Светскиот ден без тутун, кој оваа година се одбележува со глобален фокус на заштита од изложеност на чад и спротивставување на зависноста од никотин, најновите податоци укажуваат дека Северна Македонија останува соочена со сериозен предизвик.
Според најновите наоди од национално репрезентативно истражување на АНАЛИТИКА, 53.8% од возрасните користат тутун или никотински производи, додека 50% се активни пушачи на цигари, што ја позиционира земјата меѓу оние со највисока распространетост во Европа. Во однос на претходните години, се забележува раст, особено кај дневното пушење.
Изложеноста на чад во затворени простории останува висока. Дури 62% од граѓаните сведочат на пушење во ресторани, додека 64.7% забележуваат употреба на загреан тутун (HTP), што укажува на недоволна заштита од чад и потреба од поефикасна регулатива, особено во однос на новите производи.
Во исто време, постои силна јавна поддршка за мерки за контрола на тутунот. Дури 90.2% од граѓаните се запознаени со предложените законски измени, а мнозинството поддржува конкретни мерки како:
- забрана за пушење во автомобили со деца (83.5%)
- забрана за рекламирање на нови никотински производи (63.1%)
- ограничувања за ароми (51.4%)
- речиси половина од граѓаните (47.3%) поддржуваат ограничувања и за пушење на затворени тераси
Дополнително, речиси 90% од пушачите поддржуваат зголемување на цените, што ја потврдува ефикасноста на даночните политики како една од клучните мерки за намалување на употребата на тутун.
Овие податоци укажуваат дека, и покрај високата распространетост на пушењето, постои значителна јавна подготвеност за зајакнување на политиките за контрола на тутунот, во согласност со препораките на Светската здравствена организација.








