Романија и Бугарија станаа членки на Европската Унија на 1 јануари 2007 година. Во тоа време приходот по глава на жител на овие две земји беше значително под просекот на ЕУ, инфраструктурата заостануваше зад онаа на Западна Европа, а голем дел од населението живееше во рурални средини. Дваесет години подоцна, економската слика изгледа сосема поинаква. Романија прерасна во една од најважните економии во Централна и Источна Европа, со развиена автомобилска индустрија, голем сектор за информатичка технологија и растечка улога во европските синџири на снабдување. Бугарија помина низ сличен процес на вклучување во европската економија, со посебна промена што беше завршена на 1 јануари 2026 година, кога стана членка на eврозоната.
Највидливата промена се случи кога станува збор за економската позиција на Романија. Според податоците од Европската комисија, нејзиниот бруто домашен производ (БДП) по глава на жител, мерен според паритетот на куповната моќ, во 2007 година изнесувал околу 44 проценти од просекот на ЕУ. До 2024 година, достигнал приближно 78 проценти. Ова значи дека за помалку од две децении, Романија ја намалила разликата во економскиот развој во споредба со европскиот просек за 34 процентни поени.
Бугарија, исто така, постигнала напредок. Според податоците на Евростат, нејзиниот БДП по глава на жител во однос на куповната моќ во 2025 година изнесувал 68,1 процент од просекот на ЕУ.
Податоците покажуваат дека на преминот од 2006 до 2007 година, романскиот БДП по жител изнесувал нешто повеќе од 2.800 евра. Бугарскиот бил околу 2.700 евра. До 2024 година, тие бројки достигнале 18.560 евра во Романија, а 16.260 во Бугарија. Растот практично изнесувал 558 проценти за Романија и 500 проценти за Бугарија, пишува Еуроњуз.
Романија и Бугарија во голема мера се корисници на средства од буџетот на ЕУ, поради што големи инвестиции во инфраструктурата и економијата беа финансирани од овие средства. Имено, европскиот буџет ја финансира политиката на кохезија (намалување на економските и социјалните разлики меѓу регионите), земјоделството, руралниот развој, истражувањето, образованието и други програми. Податоците од Романија за периодот од 2007 до крајот на 2024 година покажуваат дека земјата добила 99,288 милијарди евра. Во следната година, приливот се зголемил за приближно девет милијарди евра, така што вкупниот износ добиен до крајот на 2025 година достигна 108,289 милијарди евра, објави Министерството за финансии на Романија.
Министерството за финансии објави дека Бугарија добила над 30 милијарди евра, додека Институтот за пазарна економија (ИМЕ), бугарска независна истражувачка организација, ја процени бројката на 16,3 милијарди евра од европските фондови, пренесува Еуроњуз.рс.
Фото Економија и бизнис








