РЕГИОНАЛНА ШКОЛА ЗА СРЦЕВА СЛАБОСТ ВО СКОПЈЕ. ОРГАНИЗАЦИЈАТА ПОДДРЖАНА И ОД СТОПАНСКАТА КОМОРА

Стопанската комора во соработка со Македонското здружение по кардиологија, втора година по ред ја организираат високо стручната и едукативна школа за срцева слабост, во соработка со Европското кардиолошко здружение и Европската асоцијација за срцева слабост, а огромен придонес во организација на школата ќе биде присуството на актуелниот претседател Проф. д-р Томас Лушер.

Второто издание на Регионалната школа за срцева слабост е планирано да се одржи во периодот од 17-19.09.2026 година, во Скопје, како регионален настан, не само за кардиолозите од Македонија, туку и од целиот регион на Балканот, што ќе овозможи и подобро позиционирање и профилирање на нашата кардиолошка практика низ целиот регион, но и промоција на добрите практики од страна на експертите од оваа област од нашата држава.

На школата е предвидена детална разработката на последните водичи за дијагностика и третман на срцева слабост, воедно е планирана интерактивна и практична едукација, како и он-лајн презентација на најновите интервентни процедури.

Оваа школа ќе даде голем бенефит во подигнувањето на медицинските стручни знаења и вештини од областа на лекувањето на срцевата слабост и ќе има голем придонес во подобрувањето на квалитетот на живот на самите пациенти.

 Срцевата слабост е чест медицински проблем, кој е поврзан со придружни коморбидитети и последици и висока стапка на морталитет. И покрај намалената стапка на други кардиоваскуларни заболувања, честотата на појава на срцева слабост продолжи да расте, делумно поради зголеменaта старосна граница, а делумно поради подобрата стапка на преживување од другите кардиоваскуларни заболувања. Следејќи го овoј проблем, Европското кардиолошко здружение според новите препораки препорачува пациентите со срцева слабост да се третираат врз основа на мултидисциплинарен програм и приоритети. Континуираната едукација на кардиолозите и средниот медицински персонал е неопходна за да се овозможи адекватно медицинско згрижување на пациентите, во различни земји. За да се одговори на оваа цел, иницирано е воспоставување на партнерство со Европското кардиолошко здружение и едни од водечките европски кардиолошки истражувачки и образовни центри – Центарот за срце од Цирих и Центарот за срце од Лондон, во насока на воспоставување на врвна едукативна програма за срцева слабост – Регионална школа за срцева слабост, која ќе понуди споделување на нови научни сознанија од водечките европски експерти од областа, како и интерактивна и практична едукација, со цел за унапредување на познавањата за дијагностика и менаџирање на пациентите со  срцева слабост.

Школата е планирана да прерасне во традиција која ќе се повторува на годишно ниво, и да ја зацврсти соработката на кардиолозите и пошироко во регионот.

Повеќе од истиот автор

Најчитано