РАФИНЕРИИТЕ СЕ ТЕСНО ГРЛО ВО ГЛОБАЛНОТО СНАБДУВАЊЕ СО ГОРИВА, ПОСЕБНО НА ДИЗЕЛОТ, цените се под притисок затоа што не може се преработува  суровата нафта

Светските рафинерии моментално преработуваат околу 8,4 милиони барели нафта дневно помалку отколку пред почетокот на војната во Иран.  Ова значи дека глобално се произведува приближно 10 проценти помалку гориво.

„Прашањето повеќе не е дали барели сурова нафта ќе се вратат на пазарот, туку колку брзо глобалниот систем за рафинирање може да ги преработи“, изјави директорката на JPMorgan за глобалните пазари на стоки, Наташа Канева.

Најновиот месечен извештај на Меѓународната агенција за енергија потврдува дека рафинериите се уште се едни од најголемите тесни грла на енергетскиот пазар. Глобалното рафинирање во јуни беше околу шест милиони барели дневно помалку од претходната година, додека маржите на рафинериите достигнаа највисоко ниво во последните четири години на почетокот на јули.

Проблемите се резултат на неколку фактори – нарушени морски патишта, напади врз енергетски постројки, затворање на рафинерии, намалена преработка во Кина и екстремно високи температури што го отежнуваат работењето на рафинериските системи.

Протокот на нафта низ Ормуската Теснина сè уште не се вратил на нивоата од пред војната. Новите воени судири, американската поморска блокада и обновената ескалација меѓу Вашингтон и Техеран го забавија зголемувањето на бројот на танкери низ овој важен морски пат.

Во исто време, производството на Блискиот Исток постепено се опоравува и сега е за околу четири милиони барели дневно повисоко отколку во мај.

Ова значи дека суровата нафта повторно се појавува на пазарот, но системот за рафинирање не може да го одржи темпото.

Дополнителен проблем е падот на побарувачката што беше забележан за време на најинтензивната фаза од војната.

Поради намалената понуда и високите цени, компаниите и потрошувачите ја намалија потрошувачката на гориво. Ова го забави растот на цените на нафтата, но го отежна закрепнувањето на енергетскиот пазар уште повеќе.

Според JPMorgan, Кина го намали рафинирањето за околу три милиони барели дневно. За време на кризата, Пекинг го зголеми производството на електрична енергија од јаглен, ја забрза употребата на електрични возила и ги искористи стратешките резерви за да ги надомести недостатоците на нафта од Персискиот Залив.

Во исто време, кинеското производство и извозот на бензин и дизел во соседните земји беа намалени, што дополнително го влоши недостигот на гориво во одредени делови од Југоисточна Азија.

Закрепнувањето на преработката на Блискиот Исток е сè уште неизвесно.

Регионот има капацитет за рафинирање од околу 11,7 милиони барели дневно, но Иран нападна приближно 30 рафинерии за време на војната, според проценките на JPMorgan.

Сè уште не е познато колкав е вистинскиот обем на штетата, ниту колку брзо постројките ќе можат да се вратат во производство.

Американските рафинерии го зголемија производството на гориво за авиони за европскиот пазар и дизел за Австралија и Азија. Сепак, ова ја намали нивната способност да произведат доволно гориво за домашниот пазар.

Русија, еден од најголемите светски извозници на дизел и мазут, целосно го забрани извозот на дизел на почетокот на јули со цел да ги ублажи недостатоците на домашниот пазар.

Мерката беше воведена по серијата украински напади со беспилотни летала врз руските рафинерии. Забраната треба да трае најмалку до 31 јули, додека Русија истовремено се подготвува да увезува нафтени производи со цел да го стабилизира сопствениот пазар.

Рускиот извоз на дизел на почетокот на јули падна на околу 234.000 барели дневно, во споредба со просекот од околу 817.000 барели до 2025 година. Пред новите напади, Русија учествуваше со околу 12 проценти во светската поморска трговија со дизел.

JPMorgan проценува дека дури една петтина од вкупниот пад на глобалното производство на рафинерии може да се поврзе со изгубените руски преработувачки капацитети.

Како резултат на тоа, цените на дизелот се зголемија за околу 20 проценти за само три недели.

Сега станува јасно дека дури и целосното отворање на оваа рута нема автоматски да го реши проблемот.

Суровата нафта може релативно брзо да стигне до магацините и пристаништата, но поправката на оштетените рафинерии, рестартирањето на затворените објекти и прилагодувањето на глобалните текови на деривати трае многу подолго, пренесува Бизнис.ба.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано