Во Општина Чаир денеска официјално беше пуштен затворениот базен во населбата Топанско поле, проект во вредност од еден милион евра поддржан од Владата и Министерството за спорт.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити нагласи дека од следната учебна година, на околу 1.800 деца ученици од 5-то и 6-то одделение од оваа општина пливањето ќе им биде задолжителен предмет во наставната програма и базенот ќе биде во нивна функција.
– Денес, го пуштаме во употреба првиот функционален базен во Чаир, кој главно е наменет за децата, но и за ректеција и за пливачките клубови кои се во најава за формирање. Инвестираме во децата, инвестираме во здравјето. А вториот базен веќе е почнат во дворот на ОУ „7 Март“ во населбата Серава – рече Меџити.
Меџити потенцира дека додека да биде завршен вториот базен, овој базен ќе биде во функција за децата од петто и шесто одделение од училиштата во Чаир, а потоа и за другите деца.
Во однос на нелегалниот премин кај Бит-пазар, Меџити нагласи дека се разгледуваат различни решенија, вклучително и можност за натпатник.
извор МИА








