Промовирана нова веб-страница на МЗ и ИЈЗ за ризичните подрачја и за западнонилската треска

На неделно ниво веќе има тренд на намалување на бројот на заболени од западнонилска треска – истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски.

На прес-конференцијата присуствуваше и Драган Кочински од Институтот за јавно здравје, кој рече дека во 33-тата недела имало пик со 11 случаи, а оттогаш во 34-тата недела бројот се намалува.

– Во Драчево има јасна причинско-последична врска со земјеното прскање на критичните зони. Се надевам дека следна цел ќе биде и реката Серава бидејќи поминува низ две општини и е поврзана со случаите. Благодарение на вонредните прскања во Драчево (вкупно три), од 9 август наваму немаме нови случаи од Драчево. Со двете прскања во Гази Баба на каналскиот систем очекувам и таму жариштата да бидат ставени под контрола. Во иднина ќе треба прскањето да се одвива посистематски и во следните пет години да се префрлиме од воздушно кон таргетирано земјено прскање на ризичните зони – додаде Клековски. 

Нова веб-страница http://www.healthalert.mk/, на која има податоци за состојбата со западнонилската треска, ризичните подрачја и преземените активности, промовира денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски. Опфатени се податоци од Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, а во иднина ќе има податоци и од Агенцијата за храна и ветеринарство. 

– Со цел да обезбедиме навремено и максимално транспарентно информирање на јавноста за западнонилската треска, подготвивме нова веб-страница, која на едно место ги обединува сите податоци. Овде се комбинираат податоци во врска со епидемиолошката состојба, ризичните подрачја и преземените активности. Оваа мапа е благодарение на општествената одговорност на ГДИ – ГИС ДАТА, работена изминативе неколку дена – рече Клековски. 

На веб-страницата, појасни, е прикажана мапа со бројот на случаи со западнонилска треска, а во долниот агол стои кога е направено последното ажурирање. 

– Имаме 34 лоцирани потенцијални легла на комарци. Бројот на засегнати општини е девет. Општините се прикажани со различна боја во зависност од концентрацијата на случаи. Имаме листа на потенцијални легла на комарци со детален преглед. Даден е преглед на сите активности: на кој ден каде е прскано, со што е прскано и кој прскал. Случаите на заразени се геолоцирани по населени места, за да се зачува анонимноста на пациентите, но помага да се бара корелација меѓу бројот на заразени и жариштата. Интерактивната мапа нуди интеграција на податоци од сите релевантни институции со јасно назначување на времето на ажурирање – посочи Клековски.

Тој рече дека максимално ќе ја зголемат транспарентноста и информираноста и ќе го скратат просторот за дезинформации.

Врската од новата веб-страница http://www.healthalert.mk/ ја има на веб-страниците на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано