Додека преговорите за членство на Украина во ЕУ напредуваат со отворање на нов кластер, најновото истражување на јавното мислење го покажува ставот на граѓаните на ЕУ за евентуалното пристапување на Киев во Унијата. Поддршката е особено силна во Шпанија, каде што 65 проценти од граѓаните го поддржуваат влезот на Украина во ЕУ, според анкетата на агенцијата „Полинг Јуроп“.
Италијанците генерално го поддржуваат пристапувањето на Украина, при што 52 проценти од нив се за нејзин влез во ЕУ, иако многумина веруваат дека Киев прво мора да спроведе реформи.
Во моментов, преговорите за пристапување се фокусираат на шестиот кластер, кој ги вклучува надворешните односи, односно усогласувањето на Украина со ЕУ во областите на одбраната, трговијата и меѓународната политика.
На ниво на целата ЕУ, 49 проценти од испитаниците го поддржуваат влезот на Украина во Унијата, додека 39 проценти се противат на нејзиното членство, барем засега, а 12 проценти немаат мислење.
Изненадувачки е што ставовите се менуваат во трите земји кои беа меѓу најголемите поддржувачи на Украина од почетокот на војната: Франција, Германија и Полска, каде што мнозинството испитаници не се за приклучување на Украина кон ЕУ, барем не како полноправна членка со право на глас.
Една од највисоките стапки на противење е забележана во Полска, каде што изнесува 49 проценти, пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис








